Патувања во стихови

/, Литература, Блесок бр. 85/Патувања во стихови

Патувања во стихови

(Иван Џепароски: Грабнувањето на Европа, Скопје: Дијалог, 2012)

#1 Од мноштвото теми кои извираат од новата поетска книга на Иван Џепароски, особено нè погодува онаа за патувањата. Ќе им препуштиме на други толкувачи на неговата поезија да се произнесат за сеопфатното значење на неговите мудри, сталожени и одмерени стихови, обидувајќи се овде да искажеме неколку свежи импресии и асоцијации поврзани со нив.
Ако песната решила да нè води на прошетка низ Европа и по европските градови, какви што се Рим, Париз, Амстердам, Сараево и други, ние оваа поезија ја гледаме и ја читаме како еден голем и плурален патопис напишан во стихови. И додека така „патува и пишува“, Џепароски воопшто не се задржува само на симплифицираниот опис на пејзажот или на местото како такво. Напротив, новопосетеното место кај него буди безмерни љубопитства, претежно од светот на уметноста и филозофијата и веднаш умешно се врзува за некои соодветни, референтни точки во поетовата меморија. Во таа смисла, особено од аспект на разбудената ерудиција и многубројните интелектуални асоцијации, ова поетско писмо неодоливо потсетува на оној специфичен вид патописна проза, каква што е, на пример, онаа на Клаудио Магрис од делата Дунав или Микрокосмоси, или пак на класичните дела на Гете и Стендал посветени на Италија.
Во европските престолнини Џепароски упорно се обидува да ја најде вистинската мерка на восприемање на уметноста, не дозволувајќи да биде поразен од „Стендаловиот синдром“, таа чудесна болест од која страда современиот културен туризам, онаа „хиперкултуремија“ содржана во невозможноста на човекот да се справи со преголемата доза убавина додека стои пред делата на славните мајстори. Длабоко поклонувајќи се пред восхитувачки грандиозните платна на Микеланџело или на Рафаел, или пак пред волшебните игри со светлината на Рембрант, или пред впечатливо износените чевли на „кутриот“ Ван Гог, Џепароски успева лежерно да се извлече од „сериозноста“ на ситуацијата, преку фина и суптилна иронија, поврзувајќи одделни моменти од севременските уметнички дела со нашата најжива, актуелна и глобализирана стварност. Доволно е само да се види како тој успева да ја поврзе правта од чевлите на Ван Гог со прашината од активираниот исландски вулкан, која во мигот на поетовата посета на Амстердам го преплавува европското небо, нарушувајќи стотици и стотици патувања на современите туристички номади. Дури, банализацијата на уметноста во масовниот туризам при посетата на некои „задолжителни“ дестинации, како што е на пример Фонтаната ди Треви во Рим, избива на преден план пред слоевите културна меморија. Па, тука поетот ги обвинува и скулпторот Никола Салви и режисерот Фелини и актерот Мастројани како подеднакво виновни за создавањето на „културниот мит“ и губењето на изворноста во допирот со оваа убавина.
До европските културно-уметнички дестинации Џепароски нè убедува дека најчесто допатувал со воз. Којзнае дали е тоа до крај вистинито, имајќи предвид колку е неповратно загубена можноста од Скопје да се тргне на нормално патување со железница, но едно е сигурно: поетот длабоко и интензивно ја доживеал пругата, толкувајќи ја инвентивно, преку „цивилизациски, антрополошки и музиколошки пристап“. Притоа, низ стиховите провејува постојана запрашаност: какви траги остава возот којшто се движи и дали се трагите различни во зависност од луѓето што се наоѓаат во вагоните за време на патувањето? Во мигот кога се прашуваме дали воопшто ќе опстане возот во колективната меморија на Македонците, поетот потсетува на некои од најамблематичните моменти од симболиката на железницата, која од првичната метафора за напредок и брз технолошки развој, подоцна станала и метафора на смртта, на слепиот колосек, на патувањето без надеж и без возен ред: „Празните возови без луѓе / се празни како празните / товарни вагони на враќање / од логорите на смртта.“
Празниот воз за поетот е нераскинливо поврзан и со актуелноста на неговото непосредно опкружување, на Балканот, каде што железницата денес не ретко ќе ја видите како завршува во трева и во коров, украдена од некои очајни и гладни души во изминативе турбулентни години и децении, бидејќи самото железо од кое е направена денес вреди повеќе од нејзината првобитна употребна вредност. Факт е дека цели генерации млади луѓе од нашиве краеви никогаш не ја спознаа убавината на возбудливото, а евтино патување со железница, кога со скромен џепарлак би се качиле на некој од многубројните возови кои минуваат низ нашите градови и уште пред да го дочитаат весникот, по кус разговор или лесна дремка веќе би се нашле пред Солунскиот залив, или неколку часови подолго, но во обратна насока, како што паметат некои други генерации, пред јадранското синило на градот Трст. Заборавот ги прекрил некогашните млади и полетни градители на пругите во некогашната заедница, сосе младешкиот жар и ентузијазам, иако поетот верува дека нивните едноставни имиња сè уште „одекнуваат од шините / секогаш кога врз нив ќе / помине некој незаталкан воз“. Поимите „бавно“, „валкано“ и „тажно“ се, за жал, единствените кои поетот денес може да ги искаже и да им ги упати на грдите, непривлечни и сè позапустени балкански возови, кои, подзаборавени, станале само банални и здодевни референци од дневната хроника.
Но искуството со „литературниот Експрес 2000“ за поетот е неповторливо, единствено и незаменливо доживување; тоа нему му донесува 45 деноноќија во движење, сменување на градови и држави, глетки и впечатоци, а во попатните хотели толку клучеви и клучалки, „колку и идеи за обединета Европа“. Минувањето низ денешниот Калининград ја носи мислата наназад, во некогашниот Кенигзберг, градот на Имануел Кант, кому поетот му оддава должна почит, покажувајќи една продлабочена духовна сродност со германскиот филозоф. Неа тој ја оживува наоѓајќи се токму во пејзажот каде што пред повеќе од две столетија Кант ги напојувал очите и духот, па со восхит близок до стравопочитување почнал да ги осознава „ѕвезденото небо над нас и моралните закони во нас“.
Тоа е таа Европа во која поетот се чувствува „невдомено вдомен“, рамноправен граѓанин, кој непречено комуницира со најцврстите столбови и најславните доблести на европската култура, чувствувајќи се и самиот како нејзин составен дел, а сепак некако „друг“, поинаков и „свој“. Unheimlich: со овој фројдовски термин кој алудира на загадочно и тајновито, на таа непријатна состојба на неспокој заради чувството дека сме истовремено блиски, а далечни до нештата околу нас, поетот најсоодветно ја искажува и сопствената перспектива во актуелната дискусија околу Балканот и Европа. Сака ли поетот да се вдоми, или му одговара токму состојбата на „невдоменост“? Жив ли е стравот дека „потиснатото кога-тогаш / повторно ќе се врати“? Ја „грабнуваме“ ли ние Европа или таа полека но сигурно нè грабнува нас?
Оставајќи го настрана сугестивното видување на митот за Европа од ненадминатиот фламански мајстор, деновиве читаме едно актуелно, прозаично, речиси карикатурално толкување на стариот мит: бикот е наеднаш претставен како силен, финансиски моќник кој врши насилство врз нежната и ранлива Европа, во контекстот на економската криза која од неодамна сурово беснее по стариот континент. По којзнае кој пат кутрата Европа мора да наоѓа начини да му се спротивстави на семоќниот Зевс, видно загрижена за исходот на приказната. А поетот Џепароски, со својата блага и лежерна иронија, секако би умеел и овој „преоблечен“ мит да го преточи во стихови…

АвторАнастасија Ѓурчинова
2018-08-21T17:20:53+00:00 септември 2nd, 2012|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 85|