Опитот на Наум Манивилов

/, Блесок бр. 03, Литература/Опитот на Наум Манивилов

Опитот на Наум Манивилов

Таа ноќ, креветот не го прими Наума на починок. Го исфрли од под покривката и веќе следниот миг поетот стоеше бос, во ноќна кошула, растреперен и вознемирен. Шеташе од еден до друг крај на собата, воздивнуваше, ги триеше очите. Потем седна со лист хартија в рака и почна да запишува:
„Јас, Наум Манивилов, сонив чуден сон: се престорив во голем пердув, лесна птица, и паѓав долго во некаква стаклена бездна, лесен како воздух. Се свртев, се извивав во круг, јас, Наум Манивилов, обичен пердув, и по цела вечност удрив на дно од голема, стаклена цевка. Се пробудив исплашен, и не можев да се успокојам додека не се погледнав во огледало: оттаму гледаше мојата лика.“

И се врати потем Наум во креветот, со чудна, нејасна мисла. Додека заспиваше, чувствуваше ужасна, необјаснива тага: како да се делеше од себе, од сета тежина на светот собрана во голем, црн камен.

* * *

Утрото дојде ненадејно. Беше тоа ден за Големиот Опит и не смееше да се задоцни. Брзаше Наум, трчаше по Водњанска улица, кон Редакцијата. Се качуваше по скалите на старата зграда со мирис на оловен облак, судирајќи се со познајниците кои го поздравуваа изненадено. Бегаше; кога стигна до последниот кат, задишан, погледна наоколу и откако се увери дека единствени сведоци на опитот се старите, празни коридори со мемливите теписи, се искачи на оградата од скалилата. Под него се отвораше црн квадрат: беше доволно широк за експеримент. Чувствуваше силна возбуда, каква што човек чувствува само пред големите победи на интуицијата. Долу, во темнината, се наѕираа лопатите на работниците во визбата со јаглен. Опитот претстоеше: тој сосема се исправи на оградата, ги рашири рацете како птица и скокна.
Додека јуреше кон дното на огромната, црна цевка, сфати дека е премногу доцна за да запише: јас, Наум Манивилов, огромен црн камен, паѓав долго во некаква страшна бездна, тежок како земја. И видов долу: јас, голем црн камен, удрив на дното и во тој миг се сторив голем пердув, необична птица. И ви велам вам, кои останувате: птица е каменот, уморна, тажна птица, птица што вечно се буди а никогаш не се разбудува.
Последното на што можеше да се сети беше вресокот на жената што влегувајќи во зградата се судри со птицата која здивено, преплашено удираше со главата во стаклото на вратите, барајќи излез, за потем да одлета високо некаде, кон Водно. Во толпата што се собираше над неговото тело јасно можеше да го види вцрвеното, љубоморно лице на генералот Морен како ликува, извикувајќи: „Велев, велев јас дека крв ќе падне поради она. Оти, птиците се мртви; тие немаат значење.“

* Наум Манивилов, поет – птица од македонскиот ХХ век. При еден лет извршил самоубиство.

Од книгата раскази „Фрески и гротески“, Македонска книга, 1993.

АвторВенко Андоновски
2018-08-21T17:22:15+00:00 јуни 1st, 1998|Categories: Проза, Блесок бр. 03, Литература|