Опитот на Наум Манивилов

/, Блесок бр. 03, Литература/Опитот на Наум Манивилов

Опитот на Наум Манивилов

Таа ноќ, креветот не го прими Исака на починок. Го исфрли од под покривката и веќе следниот миг големиот научник стоеше бос, во ноќна кошула, со полудогорена лојаница в рака. Бараше нешто во џебот од уредно здиплените алишта, и потоа, мрморејќи се упати кон лабораторијата, во визбата на студениот дворец.
Се тресеше од студ; меѓутоа, намерата да ја провери интуицијата не му даваше мир и тој веќе го замислуваше завидливото, вцрвено лице на генералот Морен како извикува: „Невозможно! Чудо! Ова е ѓаволска направа, ѓаволот лично е ова!“ Светлината на свеќата слегуваше играјќи си со сенките по камените ѕидови и скалилата; потоа Исак, постојано мрморејќи си в нос застана пред дрвената врата со тежок катанец и ги побара клучевите во џебот од ноќната кошула. Ја отклучи и влезе, треснувајќи ја зад себе, како да се плашеше дека чудото е во воздух и дека секој момент може да излета надвор, како птица, та големото обложување да му припадне на тој надуен физичар, подлизурко со генералски чин.
Утредента, во гостинската соба на Исак Њутн беше ужасно задушливо. Гостите, големци и љубители на науките и уметностите џагореа во салонот, шмркајќи бурмут. Разговараа во мали групи, живо, соблазително за најавеното, најново откритие на големиот Исак. Очекуваа секој момент домаќинот да се појави зад завесата што го делеше предворјето од просторијата за прием.
И навистина, набргу слугата најави дека генијот доаѓа во придружба на двајца помошници. Влезе достоинствено, лесно, со уредна перика и во празнична одежда, насмеан и свеж. В рака држеше некаква долга, стаклена цевка, затворена со метално капаче на едниот крај. Пристапи кон средината, ја положи внимателно цевката врз подадените раце на првиот помошник и потем тропна свечено неколкупати со рацете во воздух. Џагорот стивна.
„Господа“, рече. „Се собравме овде за да ви докажам дека каменот и птицата воопшто не се толку различни, колку што обично се мисли. Имено, пред извесно време, јас и генералот Морен, разговарајќи за поезијата, во која честопати каменот станува птица а птицата – камен, се обложивме дека тоа е научно засновано тврдење. Јас тогаш тврдев дека и науката е поезија и дека е можно да се создаде направа во која и за телата со различна маса ќе важи исто време на слободно паѓање. Генералот Морен веруваше дека тоа е невозможно. Но, еве ја таа направа, господа!“ извика Исак и покажа кон цевката што лежеше во рацете на помошникот.
Прелета возбуда над присутните. Мрмореа, шепотеа, џагореа. Некои веќе ги ставаа лорнетите и гледаа во стаклениот предмет, сомничаво вртејќи со главите, изненадени од едноставноста на чудото. Но, Исак не допушти сомнеж. Пристапи кон цевката, извади од џебот пердув и еден поголем црн камен, ја исправи нагоре цевката и едновремено ги пушти и пердувот и каменот на горната страна. Миг подоцна, каменот удри со тресок на дното, а пердувот уште долго потем лебдеше високо, паѓајќи бавно, вртејќи се во круг, сè додека на крајот не се спушти крај каменот, на дното.
„Тоа е законот“, рече Исак. А сега, чудото!“
Потоа, на негов знак, помошникот донесе уште една стаклена цевка. Беше затворена од двете страни, а во неа беа ставени камен и пердув. Исак ја зеде в рака и спокојно изјави: „Еве, внатре се и пердувот и каменот. Од цевката е извлечен само воздухот“.
И потоа, ја преврте цевката. Внатре, во чудесниот простор на еднаквата леснотија, пердувот и каменот паѓаа еден до друг, бавно, рамномерно. Откако ќе паднеа на дното, Исак ќе ја свртеше цевката одопаку; така неколкупати го повторуваше опитот.
Одекна аплауз. Не можеше веќе ништо да каже, оти толпата веќе надоаѓаше, му честиташе и му ласкаше: во еден миг успеа, сепак, да го забележи љубоморното, вцрвенето лице на генералот Морен како се совладува и му приоѓа. „Честитам, колега,“ рече генералот. „Го добивте облогот. Успеавте да ја одземете тежината на каменот. Но, се плашам дека многу крв ќе се пролее поради ова. Поезијата веќе нема смисла. А и птиците веќе немаат значење.“

АвторВенко Андоновски
2018-08-21T17:22:15+00:00 јуни 1st, 1998|Categories: Проза, Блесок бр. 03, Литература|