Она што беше небо

Она што беше небо

Она што беше небо


Таков, распнат, пак ја видов Марика, жената на еден од ктиторите на манастиров, сега уште појасно од преѓе зад дрвениот столб на чардакот. Нурнав сиот во неа, раздразнет до безумство – „Господи, очисти грехи нашја,“ се причестувам алчно од двата потира под жолто и црно – „Владико, опрости безаконија нашја,“ ќе се пеплосам на разгорените гламни… Станав, зашетав низ собата со крст и со Христоса на исчаден ѕид, вршам како бесен коњ на гумно… Одненадеж, низ мене прелета молскавично:
Таа сигурно затрудне од моите грешни мисли!

Бос, распојасан, искубан, стрчав по скалилата, се пробив низ полумракот на црквата и застанав пред Марија од иконостасот. Кандило прскаше светли капки околу неа.
„Пресвјаују, пречистују, преблагословенују, славнују владичицу нашу Богородицу и приснадјеву Марију…“ шепотев во моето безумство, но застанав претрпнат: на облеката нејзина видов црно и жолто. Доближав, се прекрстив трипати, се потсеганав на прстите и ја бацив. Ја бацив во усните.Тогаш првпат усетив како пржеле усни во усни. Ме обзеде блаженство, никогаш невкусено и…покорно се предадов. Не знам колку време помина така – усни во усни – но, кога ги откорнав моите од иконата, вреснав зашто видов што сторив, вреснав како мајка ми доста пред богословската железна врата.

„Богохулник…“ безбројпати повторував, влечкајќи се одвај низ темничината неиздупена од пламенчиња на свеќи, со премрежени очи влегов во собата и стоев. Долговреме стоев а рацете ми висеа спуштени низ расото и главата падната на градите. Тогаш конечно разбрав дека во мене нема ни толку сили колку што се потребни за да се биде Инокентие!
Кога се заноќи – фрлив појас, соблеков расо, камилавката отпорано се тркалаше по креветот, ги собрав моите нешта во врзоп и нечујно излегов низ задното вратниче низ кое Игно слугата ги клоцаше овците, низ кое пак сум влегол како Денкова сенка.

Во Битола се качив на возот и дојдов пред мајка ми Доста. Таа заплака кога ме виде, ме алкаше за да се увери јас ли сум, и плачеше, цел ден плачеше вртејќи се пред мене – по мене, повторувајќи до здодев:

„Сине Науме, не те проколнав гологлава! Да знаеш, не те проколнав, чедо Науме!“
Зашто јас не бев Инокентие туку пак Наум Фурнаџиев.

АвторВладо Малески
2018-12-19T12:55:15+00:00 декември 21st, 2015|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 103-104|