Омаж: Андриќ est arrive

Омаж: Андриќ est arrive

#1 Токму така – „Андриќ est arrive“1F – пишуваше авторот на „Селидби“, веќе одамна упокоениот Милош Црњански најавувајќи го влегувањето во литературата на една маркантна творечка личност; прејудицирајќи го врз основа на песните во проза „Ex ponto“ идниот литерарен развој на тогаш младиот автор, недоволно познат, но со изразита творечка самосвест и индивидуалност – Иво Андриќ. Опитното уво на Црњански не можеше да остане глуво за – како што тој самиот вели – темните словенски тонови кои можеа да се насетат во оваа неголема, но, во секој случај, вредна книга. Литерарното деби на Андриќ само го потврди она што подоцна се случи: неговите следни објави го потврдија како автентичен творец чии дела имаат високи естетски вредности. И ако е потребно тоа воопшто да се каже, неговиот опус сосема очекувано, на крајот на краиштата и сосема заслужено ја доби Нобеловата награда за литература.
Несомнено е дека пишувањето за еден автор како што е Андриќ, и тоа од една повеќегодишна дистанца како од времето на неговата смрт така и од неговите последни објави, си носи свои ризици. Првиот, а можеби и најголемиот ризик е таквиот обид да се сфати – во контекст на приземната балканска логика – како своевидна носталгија по едно време. Не помал е и ризикот во актуелното постмодерно доба, кое е опседнато со фрагментарноста и чија свест за текстуалноста е сосема поинаква, таквиот обид да се сфати како анахронизам, реактуализирање на една застарена поетика, како повикување на духови!
Но, за среќа, она што ја прави литературата сублимат на вечноста; она што ја прави нишан на битието, низ една дијахрониска вертикала, не е временскиот момент во кој е настаната, туку нешто сосема друго: колку, на кој начин и како е проблематизирана човековата егзистенција? Или поточно: како уметнички е вообличен самиот феномен на постоењето, на егзистенцијата? Колку – преку една уметничка постапка, се разбира – е осветлено битието на човекот?
Првите литерарни објави на Андриќ се јавуваат во првата декада на минатиот век. Тоа е време кога – во еден поширок европски и светски контекст – постои вистинско разногласие во поглед на уметничките постапки што се практикуваат: влијанието на симболизмот е сè уште присутно, футуризмот полека стапува на сцена, се јавуваат првите навестувања на надреализмот. Доведени во контекст со тогашните стилски формации, првите објави на Андриќ, се чини, имаат малку што заедничко со тогашната сеопшта треска на истражување, со опсесивните барања на нови форми преку кои ќе се изрази духот на времето. Неголемата книга на лирска проза „Ex ponto“, која се јавува во таа прва декада на векот, пред сè и над сè е лирска исповед на еден млад човек во која на сугестивен начин се предадени првите животни искуства, дилеми, размисли…
Во периодот што следува, Андриќ, во периодиката, преку рецензии ќе се изјасни за низа дела од тогашната литературна продукција. Не држејќи се строго за некои однапред утврдени поетички начела и норми, тој остро и критички ќе се произнесе за некои прозни дела во кои провејува духот на лармоајантноста, бледиот сентиментализам и исконструираниот романтизам. Исто како што ќе умее да го насети талентот на еден Растко Петровиќ поздравувајќи ја, со мала доза на резерва, неговата дебитантска прозна книга „Бурлеска на Перун, бог на громот“.2F Од тогашните есеистички објави на Андриќ, се чини, два негови есеја заземаат посебно место во целокупната негова есеистичка актива. Првиот есеј „А.Г. Матош“ е мини брилијантна студија за личноста на Антун Густав Матош. Разгледувајќи ја комплексноста и сета сложеност на личноста на овој уметник од психолошки аспект, Андриќ ќе остави сведоштво за овој балкански патешественик низ европските метрополи кој ќе стане духовна потпора за многу генерации, како во времето на Андриќ така и после него. Вториот есеј насловен како „Разговор со Гоја“ е своевидна медитативна рефлексија за судбината на уметникот, за неговото место и улогата во светот. Ретко, и тоа во светски рамки, може да се најде толку минуциозно и префинето третирање на овој проблем, на проблемот на уметникот и уметноста. Преку искажувањето на големиот сликар Гоја, кој е всушност алтер его на самиот автор, Андриќ ќе проговори за немоќта на уметникот и воопшто на духовноста во еден свет кој првенствено е заснован на материјални принципи. И уште потаму, тој низ историски след ќе констатира дека во сите преломни историски епохи уметникот, и покрај сета своја духовна надмоќ и знаење, обично ја има улогата на статист и немоќен набљудувач.
Иако есеистичката оставнина не е помалку значајна кога се зборува за овој автор, сепак Андриќ првенствено остана запаметен како раскажувач. Неговиот раскажувачки опус е и значително поголем во однос на есеистичкиот. Автор е на околу стотина раскази, на четири романи: „Травничка хроника“, „Мостот на Дрина“, „Проклета авлија“, „Госпоѓица“, како и на еден незавршен роман – романот „Омер паша Латас“.
За отпорите на кои ќе наиде уште како млад раскажувач самиот Андриќ ќе рече: „Кога јас ги објавив своите први раскази, мнозина се чудеа и ми велеа: па што правиш ти, што си се повлекол во таа босанска провинција, какви се тие теми, какви се тие примитивни јунаци? Зар така се пишува модерно?“ ( …) „И немојте да мислите дека јас не се согласував со нив?“ Историчар по своето формално образование, патем речено и обилно користејќи се со историска архивска граѓа, Андриќ успеа преку својата мудра повеќеслојна раскажувачка постапка уметнички да ја вообличи и оформи сликата на Босна след неколку векови. Иако како раскажувач создаде ликови кои се паметат, сепак она што е во прв ред значајно за него како раскажувач е тоа што успеа на сукцесивниот, верижен ток на историјата да му даде епска широчина; што успеа сите дисонанци на еден конкретен топоним – Босна – да ги прикаже во сета нивна широчина и големина. Во уметничката визија на Андриќ историјата не е придружен елемент, туку е самата суштина: сите настани, личности и ситуации во неговата проза се само некој вид на статисти во големиот ôд на историјата. Не пребрегнувајќи го фактот што во неговата проза има извонредно психолошки изнијансирани ликови, сепак историската рамка е она што сите нив ги обединува во една целина. Андриќ успеа големиот временски дијапазон од неколку векови, значи условно речено „макро времето“, да го врами во епската слика на своите романи. Неговата прозна уметност ги нема обележјата на авангардниот модернизам од тоа време, од првата половина на ХХ век, отелотворен во делата на Вилијам Фокнер, Вирџинија Вулф, Џемс Џојс и др. Раскажувачката постапка на Андриќ е многу потрадиционална, аполониски објективна, резултат на едно силно изострено чувство за опсервација од една страна, и способноста за творечка трансформација на историската граѓа од друга страна.
„Ни Балканците не се без судбина“, вели на едно место Андриќ за веднаш потоа да додаде: „Можеби во Босна ќе треба да се предупредува човекот на секој чекор, во секоја мисла и во секое, и највозвишено, чувствување да се варди од омраза, вродена, несвесна, ендемична омраза“. Овие зборови можат да прозвучат како пророчка антиципација на она што подоцна се случи, на погромот кој однесе 200.000 човечки животи, доколку не се има во предвид фактот дека тој како творец, нераскинливо поврзан со балканскиот хронотоп (време / простор), и премногу добро ги знаел сите предуслови кои придонесуваат за циклично обновување на злото на овие простори.
Во една своја дневничка белешка за работата на писателот, Андриќ сосема отворено си го поставува прашањето за тоа како ќе изгледа во очите на читателот по, да речеме, сто години. И со право, се чини, во истиот текст заклучува дека што се однесува до вистинитоста на она што го раскажал тој е потполно спокоен. Уметничката вистинитост е оној главен квалитет кој неговото дело го чува од корозивното дејство на времето.

#b
1. Андриќ пристигна / е дојден.
2. Веќе како афирмиран автор Андриќ ќе биде принуден да го соопштува своето мислење за низа книжевни дела, и тоа по барање на самите автори. Во 1948 г. тој му одговара на „струмичанецот“ Антон Панов. Во својот писмен одговор Андриќ за драмата „Пиликатник“ на Антон Панов го дава следното мислење: „Јас на овој текст од уметничко-литературна гледна точка немам ниедна забелешка. Ликовите се животни и реални. Целата материја е израсната како реален одраз на една стварност што сте ја носеле во себе. Мене ме чуди што би пречело за нејзиното печатење или изведба. Од сценско-театарска гледна точка немам нение, бидејќи не сум театарски стручњак“.

АвторАцо Гогов
2018-08-21T17:21:38+00:00 јуни 1st, 2004|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 36|