од „Последниот тестамент на Оскар Валјд“

/, Литература, Блесок бр. 56/од „Последниот тестамент на Оскар Валјд“

од „Последниот тестамент на Оскар Валјд“

20 септември 1900

Сега кога, како Данте, навлегов во светот на самракот, духовите на минатото брзајќи се движат кон мене. Имаше и други момчиња, чии имиња не се појавија за време на моите судења и, иако бев осуден за многу гревови што не ги направив, имаше и такви што не влегоа во тужбата против мене. Кога момчиња ми пишуваа за мојата работа, договарав интервјуа со нив и ковав планови како да ги заведам. Постојано ми требаше возбудата на ловот и не ми беше грижа за природата на пленот. Така завршив во рацете на најниските лихвари, какви што се Вуд и Тејлор. Ми се допаѓаа бидејќи беа опасни – едноставно затоа.
Меѓутоа, иако копнеев по задоволствата што ги овозможуваа тие и таквите како нив, не уживав кога ќе ги најдев. Мојата физичка возбуда опаѓаше и, иако имав обичај да ги милувам момчињата, тоа не беше ништо повеќе од беспомошна симпатија – а не валкан и механички делириум како што беше раструбено по светот. Мојата вистинска радост беше да гледам две момчиња заедно во различни љубовни чинови и да се задоволувам додека го прават тоа. Мислам дека, првенствено, секогаш бев гледач – станав гледач дури и на сопствениот живот, така што сè како да ми доаѓаше од бесконечна далечина. А уживав во глетката на љубовта, признавам – чудна е илузијата дека само во еден дел од телото се наоѓа страста. Тоа е модерна ерес. Задоволствата од гледањето ми се чинеа поголеми, затоа што тука е и страста на умот.
Но вие можете, нели, да разберете зошто го искусив чувството на проклетство среде мојот живот и зошто толку претерано пиев, што и моите пријатели почнаа да шепотат за мене? Кога интелигенцијата ѕирна низ овие задоволства, се ужаснав од мојот делириум и, во очај, пак им се предадов. Треперев кога ја читав трагедија за бесрамноста од Анатол Франс, Таида, за очајот што ја следи претераноста, за мачењето што доаѓа по брзиот чекор на распојасаноста.
Сепак, навистина мислам дека среде мојот повтеж копнеев тоа да заврши – тоа е можеби тајната на мојот пад. Бев ослабнат од она што го знам и станав страшно уморен. Не можев да ги гледам Костанца и моите млади синови без срам. Допуштив мојата вистинска работа да падне од мене. Во последните години пишував исклучиво за пари, а тие пари ги трошев на друштво што не ми беше достојно и на аплауз, на аплаузот што бргу се претвори во свиркања и мјаукања на потсмевот. Се изгубив во сопствените гревови, со своите раце се ослепев и паднав во јама. Не можам веќе да пишувам: морам да легнам, да ја одморам главата.

6 октомври 1900

Толку бев задоволен од описот на својот живот во затворот, таков бисер создадов од двете години страдање, што го зедов дневникот со себе кога отидов на ручек со Боузи во „Ришо“. Таму го видов Френк Харис и го поканив да ни се придружи – според принципот дека ако Френк не е со нас, против нас е. Во почетокот таинствено ја држев книгата до себе, но напнатоста во мене растеше, па ја ставив врз масата.
„Што е ова, Оскар, книга на долгови?“
„Да, Боузи, така е. Но тоа не се долгови што можат да се откупат со пари.“
„Твоите долгови никогаш не се такви.“ Ова, се разбира, беше Френк.
„Ќе ти прочитам еден пасус, Френк, ако дозволиш во нашиот разговор да биде воведен уметнички тон.“
Мислам дека им ги изрецитирав страниците во врска со моите триумфални денови во лондонското општество. Тие, природно, беа вчудовидени, па ми ја зедоа книгата. Ја читаа речиси држејќи се за раце, додека јас зјапав низ прозорецот. На крајот, Френк го крена погледот кон мене.
„Не можеш ова да го објавиш, Оскар. Бесмислено е – поголемиот дел од него е сосема невистинит.“
„Што сакаш да кажеш, добога?“
„Измислено е.“
„Тоа е мојот живот.“
„Но ти очигледно си ги променил фактите за да ѝ служат на твојата цел.“
„Немам цел, а фактите природно ми дојдоа.“
„Едно време немаше доверба во природата и тоа со право. На пример: ‘во театарчето на улицата „Кинг“, мажите носеа зелени каранфили’. Оскар, ти беше единствениот со зелен каранфил. А ова: ‘бев суетен, а светот ја сакаше мојата суета’. Никој не ја сакаше твојата суета, Оскар. Ти тоа секако досега си го сфатил.“
„Не биди смешен, Френк. Се однесуваш како критичар од неделник.“
„А си украл и реченици од други писатели. Слушај го ова…“
„Не ги украдов. Ги спасив.“
Боузи молчеше: ги грицкаше ноктите, а тоа секогаш беше знак дека нема што да каже. Затоа го предизвикав.
„А што мислиш ти?“
„Полно е со лаги, ама, се разбира, ти си таков. Апсурдно е и злобно и глупаво. Но, ти си таков. Секако, мораш да го објавиш.“
Френк потоа продолжи до најздодевните детали за она што го сметаше за грешки во фактите и судовите. Не можам сега да се сетам на нив. Му ја зедов книгата по неколку минути и го замолив да ми викне кочија.
„Фрли ја книгава,“ ми рече, „за тебе за атер.“ Се разбира, го игнорирав.

Превод од англиски: Василка Пемова

АвторПитер Акројд
2018-08-21T17:21:15+00:00 октомври 17th, 2007|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 56|