од „Последниот тестамент на Оскар Валјд“

/, Литература, Блесок бр. 56/од „Последниот тестамент на Оскар Валјд“

од „Последниот тестамент на Оскар Валјд“

Понекогаш во становите на Тејлор имаше забави со интимен карактер. Алфред особено се интересираше за женската облека, а бидејќи јас уште од мојот естетски период бев експерт за таа област, му помагав да одбере шапки или фустани што ќе ги носи за да го забавува друштвото. Некои од момчињата зазедоа сличен напреден став по прашањето за модерната облека, а со Алфред изведуваа маскаради и драми што одеа и до библиско ниво. Во една пригода, Алфред и две момчиња ја изведоа Салома во моја чест – тоа беше прва и единствена изведба на таа бесрамна драма во Англија, а јас се восхитив од духот што драмата го вдахна во нив. Чарли Мејсон, кој сосема беше закрепнал од тоа што го уапсија на улицата „Кливленд“, ја играше Салома со движења на божествената Сара, а Алфред беше величествена, иако префеминизирана, Иродијада. Вечерта беше прекрасна, а на крајот момчињата ме крунисаа со лилјани – нема гирланди и мирта во Англија – и ме носеа низ собата. Одржав мал говор во кој им се заблагодарив на оригиналната изведба.
Јас не можам да глумам, освен ако не кажувам реплики од свој текст, но еднаш Алфред ме убеди да му помагам во една од неговите изведби. Позната е мојата симпатија кон кралицата и ме чуди што во последно време не ми напишала писмо, но ми рекоа дека е зафатена со организирање кампања во Јужна Африка. Навистина, Алфред постојано ми велеше дека неверојатно личам на неа, но, се разбира, не можам да кажам во кој поглед конкретно. И така една вечер, за време на прославата на Нова година – мора да беше 1894, една година пред мојот пад – бев облечен во црно и мала, но прекрасна, круна ми беше ставена врз главата. Признавам дека улогава совршено ми одговараше, па зборував тивко и понизно за мојата служба на народот и за драгиот, починат Алберт. Потоа тие станаа и пееја „Боже, спаси ја кралицата“. Многу ме трогна тоа, па им ветив „Допир на кралицата“ на Велики четврток. Мислам дека оттогаш веќе никогаш не бев таков.
Дали сега сфаќате зошто ми годеше друштвото на момчињава? Со нив годините ме напуштаа, не ја чувствував тежината на репутацијата што уште тогаш се закануваше дека ќе ме здроби. Уживав да им читам делови од моите драми, а смеата на момчињата – или, понекогаш, нивната мрачна загриженост околу некој особено смешен пресврт во драмата – ме пленуваше. Алфред и јас се менувавме при глумењето на ликовите – се сеќавам дека бев емфатична г-ѓа Ерлин – а понекогаш импровизирав во дијалогот и дури и себеси се импресионирав од резултатот. Момчињата ми се восхитуваа и, како Исус, секогаш ги изведував подобрите чуда за оние што веруваа.
Сакав да бидам виден со момчињата – некои мои пријатели тоа го сметаа за скандалозно, но поголем скандал е да бидеш засрамен од своите придружници. Тоа не ми се случуваше: љубев да одам со нив низ преполните лондонски улици и да ги посетувам на јавните места за забава. Се сеќавам дека еднаш со Чарли Браун отидов во „Кристал Палас“. Претходно го имав посетено за да предавам таму – тоа беше место на мрачни сеќавања.
Полно беше со миризба на свежи крофни и свежа боја. Викањето од кафезот со мајмуни успешно се мешаше со повиците на децата додека фасцинирано ја гледаа главата на кловнот пантомимичар, дванаесет стапки во пречник, чии очи и уста се отвораа со помош на механизам. Дури и родителите изгледаа импресионирано: ме чудеше што еден механизам може да предизвика таква зачуденост, но несомнено ќе има иднина за него во музеите и циркусите кога ќе исчезне од нашата индустрија. За време на нашата посета беше и фестивалот „Хендел“, каде што Чарли со право одби да присуствува, па место тоа нашето внимание го свртевме кон штандовите со играчки, каде што стаклени водопади паѓаа врз пејзажи од вирџиниска плута, а швајцарски селани танцуваа: сè за едно пени. Деветнаесеттиот век е извонреден, иако само во тривијалните аспекти.
Чарли Лојд не умееше да разговара. „Многу фино, Оскаре“, мислам дека тоа беше единствената негова фраза. Го мачев со прашања за биметализмот1F и ирското прашање, а тој просто ми се смешкаше. Имаше бледо лице без брчки – таа предност целосно ѝ ја припишувам на неговата исхрана. Се чинеше дека живее само од варено месо, бисквити „Палмерс“ и „Боврил“. Беше речиси реклама. Не можев да го намамам во ресторан, а не сакав да го намамам в кревет. Но, ме интересираше: беше совршен тип. Имаше златен крст што во момент на ентузијазам ѝ го дадов на мојата прва голема љубов во Даблин: Флоренс Балкомб. Се разбира, ѝ го зедов кога таа се омажи за еден глумец. Додека бевме во „Кристал Палас“ му го дадов на Чарли – ми се допаѓаше што крстот го менува сопственикот на толку очигледен начин. Не знам што стори со него, можеби го изеде.
Во тие дни театарот секогаш беше главна атракција – не сериозниот театар во кој средната класа учи за тешкотиите во нивните животи, туку мјузиклите. Со Сидни Мејвор и Фред Аткинс одев во Тиволи или Емпајер за да ги видам вентрилоквистите, играчите на јаже и етиопските комичари. На Сидни секогаш му беше омилен г-дин Стратон, популарно наречен Ден Лено – смешното суштество што ги имитираше акцентите и однесувањето на пониската класа со хумор што беше и со моќ за забележување и добродушен. Имаше нешто сосема вознемирувачко во начинот на кој го имитираше гласот на перачката или чудниот ôд на глумицата од вариетè: како сјајот и темнината на лондонските улици да се затвориле во ова човече, оставајќи го видно згрбавен и исцеден.
Еднаш на крајот од претставата му ја пратив својата визит-карта, а тој ме прифати грациозно и умилно, така што веднаш бев шармиран. „Г-дин Вајлд“, ми рече со длабок глас, ни малку налик на оној од сцената, „јас сум комичар, а вие сте драматург, обајцата си имаме свој стил, нели?“ Се согласив – како да не се согласам? „Тајната е во тоа, мислам јас, да ги доведеме до плачење и пак да ги оправиме. Во тоа е финтата.“ Се насмеав и не реков ништо.
Еден театарски инцидент никогаш не ќе можам да го заборавам: тоа беше во „Трокадеро“, пред да стане ресторан, иако некои луѓе тврдат дека не ја гледаат разликата. Артур Фејбер, кој во тоа време беше познат имитатор, се качи на сцената. По неколку доста конвенционални сцени, со пијаници, полицајци и вообичаената мелодрама на реалниот живот, тој зеде стап со златен врв, преку рамената префрли голема бунда, го намести телото да му биде гротескно надуено и пееше некои безобразни стихови.
Одненадеж, со ужас сфатив дека мене ме имитира. Тоа беше доста духовито, но ми се чинеше како некој да ми удрил шлаканица в лице. Се видов како што ме гледаа другите и имав ужасно чувство на фаталност – како суштеството на сцената да беше премногу изопачено за да преживее; свиркањата и повиците од партерот беа викотници на оние што лаеја по крв. Не знаев зошто е тоа така, па бргу го напуштив театарот.

#b
1. Биметализам – истовремена употреба на златото и среброто како стандард во курсот на парите и валутите (заб. на прев.)

АвторПитер Акројд
2018-08-21T17:21:15+00:00 октомври 17th, 2007|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 56|