од „Последниот тестамент на Оскар Валјд“

/, Литература, Блесок бр. 56/од „Последниот тестамент на Оскар Валјд“

од „Последниот тестамент на Оскар Валјд“

19 септември, 1900

Станав проблем во модерната етика, како што би рекол Сајмон, иако во тоа време ми се чинеше дека сум решението. Сега сите зборуваат за мојата особена природа, затоа што, како и обично, го одбрав вистинскиот драмски момент за на светот да му ја предочам мојата сексуална изопаченост. Дури и Германците се заинтересираа за темата и, од сите неверојатни нешта што ми се случија, можеби најневеројатната е дека ќе бидам запаметен не како уметник, туку како историски случај, психолошка студија што треба да стои до Онан и Иродијада. Можеби и Едвард Карпентер ќе ме спомене во некој свој посугестивен пасус. Совршено го разбирам Карпентер, иако се чини дека тој себеси не се разбира – некаде напишал дека свеста за гревот ја покажува човековата слабост. Но, нашата вистинска слабост е поинтересна од тоа: нашите активности ги нарекуваме грешни за уште пожестоко да уживаме во нив.
Проблемот, како и секогаш во модерната мисла, е во номенклатурата. Не сум наопаку, мене ме свртија. Ако сум Уранец, тогаш доаѓам од оној дел од небото каде што Уран е допрен од ѕвездениот сјај. Сметам дека машката љубов е највозвишената, величана е од философите што ја сметале за идеален вид љубов и од уметниците што во машката фигура ги виделе линиите на духовната убавина. Модерната медицина, како був што слепо ука напладне, зашеметен од светлината, измислила нови термини – но „здрав“ и „болен“ не задоволуваат како ментални категории. Кој не би сакал повеќе да биде болен како Леонардо и Винкелмен, отколку здрав како Хал Кејн и г-ѓа Кејшел Хој?
Секое големо дело вклучува нарушување на рамнотежата, а најдобрите дела во уметноста произлегле од страсната грозница што сме ја доживеале јас и тие како мене. Љубовта спрема мажите ги поттикнала совршените сонети на Микеланџело, го инспирирала Шекспир да го овековечи некој младич со огнени зборови, како што им ги водела рацете на Платон и Марлоу.
Кога ѝ станав роб на оваа љубов, во неа ги видов и совршенството и фаталноста на целиот живот. За мене таа ја имаше невиноста на сите стремежи кон убавото, како и горчината и заморот од себеспознавањето. Караваџо бил придвижен од таа љубов кога го сликал Иван Крстител, со прекрасната детска насмевка, а со очите што веќе го виделе ужасот на нештата што доаѓаат. Во таа слика има и заводливост и очај, невина потреба и мачна заситеност.
Сепак, Боби се интересира за друг вид Сократови дела. Ме носеше во една мала книжарница на улица „Сент Џејмс“, која мислам дека има француско име – тоа е некој вид библиотека, но протокот на книгите е ограничен и селективен. Таму имаше едно дело, Телени, што одеше од рака в рака, а јас му додадов и малку свои нешта. Приказната беше за гнили и опасни страсти, иако во голем дел личеше на Грејовата Анатомија. Раблеовската литература никогаш не ме интересираше особено – секогаш ѝ недостига форма и се препнува под тежината на преголемата содржина – а Телени даваше само штур материјал за уметничка фикција. Но не ѝ се потсмевав на книгата: ми беше задоволство да се задлабочам во сите аспекти на хомоеротската литература, во записите за мртвата љубов, како и во славењето на живата љубов. Дури и кога ги открија моите гревови, бев убеден во суштинската доблест на грчката љубов: мажите можат да живеат во совршена еднаквост, а секој во другиот може да најде слика на својата душа. Мажите и жените некогаш не можат да живеат во мир – или се уништуваат или си додеваат, што е полошо. Кога во Симпозиум Сократ сосема ги отфрла аргументите на Аристофан – дека мажите и жените се дел од една раздвоена природна целина што тежи да се спои – тој искажува една голема вистина која модерната цивилизација, можеби со исклучок на Ибзен, како да ја заборавила: мажите и жените не се комплементарни, тие се антагонистички. Големите романси секогаш биле меѓу мажи.
Но, таквата љубов зависи од вистинската рамноправност, а јас, во лудило, го користев Сократовиот дух за да ги благословам грешните спојувања. Место да барам придружник, отидов во сливникот и единствено што видов беше мојата слика нацртана во правта. Одев кај младите, бидејќи младите немаат совест – затоа ги сакав.
Во келтската литература има приказна за Тирнан-Ог, земја на младите. Таму не се наоѓаат ни староста ни смртта, таму ни солзите ни празното смеење немаат место. Бардот Осијан, сакајќи да ги дознае тајните на местово, отишол таму под закрила на темнината. Ја нашол волшебната земја и живеел таму триста години. Но, срцето му тагувало по претходниот живот, по родината, па се вратил по патот по кој дошол. Во мигот кога стапалата му ја допреле родната земја, неговите триста години паднале врз него. Снагата му се превиткала и сите грижи што го мачеле светот за време на долгите години такуѓере паднале врз него. Едноставните приказни имаат едноставни пораки. Никој никогаш не треба да ги следи младите: правејќи го тоа, човекот ја губи сопствената младост.
И јас бев уморен од талкањето по Лондон: не сакав да ги оставам задоволствата, а само ги најдов блиску до дома. Така, каде што моите гревови некогаш беа осамени, најдов придружник што ќе ме води. Алфред Тејлор, кого го запознав во „Краун“, имаше слабост спрема момчињата, како и јас – а мажите од нашиот тип се бараат поради своите слабости, а не поради својата силина. Ми вети авантури: им соодветствуваше на моите инстинкти и ми носеше такви придружници какви што барав. И на Тејлор требаа да му судат заедно со мене во Олд Бејли; му понудија имунитет од гонење ако сведочи против мене, но тој одби. Од таквите моменти во животот се раѓаат светците. Еден благороден чин, како оној на Марија Магдалена, може да ги поништи мирисите на сите гревови на светов: иако мислам дека косата на Алфред беше подолга од онаа на Магдалена.
Тејлор ми се допаѓаше зашто беше неверојатен. Во собите близу до Вестминистер, за себе беше создал свет на радоста и задоволството, на чудни миризби и облеки. Сфаќаше дека иако реалноста не може да биде измислена – многу е страшна за тоа – таа може да биде замислена. И така, ќе отидев со кочија до неговиот стан, да ги сретнам неговите „пилиња“, како што шармантно ги опишуваше, а понекогаш тој ми ги носеше во приватните соби на рестораните. Таму шампањот течеше слободно, а по него љубовта.
Тие не беа лоши момчиња. Знам дека некои од нив сведочеа против мене кога бев на обвинителната клупа, но јас го разбирам тоа. Некои беа уплашени од закани, а други беа примамени од можноста да добијат злато. Никогаш не судам за тие што ме забавуваат и, всушност, чудниот живот на тие момчиња ме интересираше. Ми се чинеше дека тие се движат по истата опасна жица како и јас – иако мојот пад ќе биде поголем. Многу од нив потекнуваа од семејства или од средини каде што обичниот живот лесно би им овозможил да станат доблесни, но имаа храброст да искусат поопасни чувства. Нивните приказни ги слушав со часови, а за возврат им давав подароци, само мали подароци, иако при моите судења тие беа разнесувани низ поротата како да се реликвии од некои варварски обреди. Кога останувавме сами, Тејлор и јас непрекинато раскажувавме за нашите авантури: тие беа фасцинантни, ужасно фасцинантни, за мене.

АвторПитер Акројд
2018-08-21T17:21:15+00:00 октомври 17th, 2007|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 56|