Одлично, ветувачко отворање

/, Литература, Блесок бр. 77-79/Одлично, ветувачко отворање

Одлично, ветувачко отворање

(Сибила Петлевски: Време на лаги)

#1 „Двајцата бевме фасцинирани со животната приказна на Виктор Тауск и одлучивме да ја истражиме, секој на свој начин“, вели раскажувачот некаде на почетокот од романот Време на лаги од Сибила Петлевски, првиот од трилогијата романи (следните ќе бидат: Ни беше толку убаво! и Состојба на самрак) за „некрографијата“, заедно насловени Табу. Другиот кој е фасциниран во наведената реченица е хрватскиот писател Твртко, карактер кој, се разбира, му припаѓа на светот на романсиерската реалност, значи на светот на фикцијата, и кој, според приложениот „Попис на вистинити, измислени и домислени ликови“ на крајот од книгата, е „домислен лик“: „Твртко од Време на лаги е лик составен од елементи на биографиите и сведоштвата за еден Твртко (Т. Зане) и еден Владо (В. Готовац)“. Имено, во својата книжевна форма, авторката вешто и функционално вградува документарен материјал – одредени изјави на Бранимир Донат (псевдонимот на граѓанинот Твртко Зане) за неговото затвореничко искуство раскажано во едно интервју, како и делови од обвинението против Владо Готовац во 1972 година.
На едно друго место во романот, раскажувачот, чија позиција главно соодветствува со онаа на авторот, ја истакнува разликата во нивниот обид да одговорат на прашањето „Кој бил вистинскиот Виктор Тауск?“: додека Твртко се интересира за неговиот живот („За што живеел тој човек?“), раскажувачот е заинтересиран за неговата смрт („Зошто? Зошто токму така?“; Тауск, имено, го завршил животот извршувајќи необично „двојно“ самоубиство – застрелувајќи се в глава и бесејќи се. Токму затоа авторката говори за „некрографија“ а не за биографија). Расчекорот помеѓу тие два интереси ги одредува текот и логиката на нивните истражувања. Љубопитниот Твртко/Донат – кој отсекогаш имал склоност на видело да ги вади неправедно заборавените или запоставените создатели – прави напор – одбележувајќи ја 150-тата годишнина од раѓањето на Сигмунд Фројд (во 2006 г.) – од длабоките сенки го вади правникот и лекар, психоаналитичарот Виктор Тауск (1879-1919) – еден од најталентираните студенти и протежеи на „таткото на психоанализата“ – човек кој преку младоста, образованието и работата бил поврзан со овие делови на Европа. Во својот текст “Viktor Tausk, Sigmund Freud i hrvatska moderna okupljena oko zagrebačko-bečkoga časopisa Mladost” („Виктор Тауск, Сигмунд Фројд и хрватската модерна собрана околу загрепско-виенското списание Младост“ – од книгата Središte na rubu (Средиште на работ) – Донат ги пренесува основните биографски податоци за Тауск и го потенцира Фројдовскиот контекст преку кој станал познат во Виена, каде што работел како психијатар и психоаналитичар. Како и да е, Донатовата суштинска намера е да обрне внимание кон неговите книжевни аспирации, како и на одредени врски со хрватската модерна и основачите на списанието Младост при крајот на векот, кога дошол да студира во Виена. Сепак, претставеното книжевно дело на Тауск е прилично штуро, а податоците за неговите врски со луѓето поврзани со списанието Младост се навистина недоволни, што е причина неговата книжевна авантура попрво да делува како проекција на добри желби отколку како вистински книжевен потенцијал.
На прв поглед, можеби се чини дека за истражувањето на Донат кажав неколку зборови повеќе одошто е потребно. Со ова, пред сè сакав да истакнам дека и авторската фасцинација со животната приказна на Виктор Тауск потекнува од истиот импулс – потребата публиката да се запознае со заборавените истакнати личности, а притоа да се погледне механизмот (секој на свој начин и со сопствени алатки) кој води кон тоа „некои заслужни, генијални духови да бидат осудени на тивок, маќејски презир на историјата“; поради тоа, дел од нивните истражувања се преклопуваат. Понатаму, во фикционалниот свет на романот на Сибила Петлевски, ликот на Твртко не е само случајна фигура и лакмус кој во повремените дијалози со раскажувачката открива што мисли за одредени постапки или моменти во животот на Тауск; главно заснован врз одредени елементи од биографијата на Донат, тој лик убаво се вклопува во суштинската идеја на авторката, а истовремено се чини дека е одреден омаж на духот на Донат – самосвесен интелектуалец кој не се расфрла со зборови.
Романот Време на лаги е напишан во стилот на постмодерната парадигма; карактеристична е употребата на разни типови цитати, посегање по документарни и историски материјали, како и комбинација на таканаречена висока и ниска книжевност: во книгата наоѓаме елементи на историски, психолошки, воен, шпионски, љубовен, криминалистички роман. Типично за постмодерната уметност, писателката покажува резервираност: наспроти големата количина историски факти и вистински луѓе, Табу I е фикционално дело, додека животот на Виктор Тауск служи само како инспирација. Изнесувајќи ја на виделина приказната за тој не докрај остварен гениј на психоанализата (значи, детали за еден заборавен живот), Сибила Петлевски не пишува биографски роман во традиционална смисла на зборот. Навистина, читателот ќе наиде на одредени решавачки точки од биографијата на Тауск – студиите по право и женидбата во Виена, враќањето во Босна, повторното заминување од Виена и разводот, боемскиот живот и занимавањето со новинарство во Берлин, третото доаѓање во Берлин, запознавањето со Фројд и студиите по медицина, влетувањето во групата на најискусните психоаналитичари на тоа време, трауматското медицинско искуство од фронтот во Првата светска војна, последното враќање во Виена и самоубиството. Но, наративната структура на романот Време на лаги е далеку од таквата хронологија: Петлевски го применува принципот на временски и просторен дисконтинуитет, со наративни резови, и инсистира на фрагментарноста со што приказната добива на динамика и голем квалитет, а вниманието на читателот е големо и сосредоточено.
Бројните ликови од романот – од различни општествени сталежи и од различни страни на светот, со различни статуси и ролји, со кои Тауск е во директна или индиректна врска и кои, секој на свој начин, влијаат врз неговиот живот и врз неговите одлуки – имаат слична функција. Мрежата на овие односи е многу сложена, поради што е од исклучителна важност како авторката на Табу ќе ја разреши таа сложувалка на начин кој на читателот убедливо ќе му објасни што е она кое главниот протагонист го наведува на такво брутално самоубиство. Имено, веќе видовме: самата раскажувачка вели дека, „за почеток“, првенствено е заинтересирана за мистеријата на смртта на Тауск и дека целата приказна ќе го даде објаснувањето. Воопшто не е случајно што читателот се сретнува со самоубиството на протагонистот веќе на првите страници од романот, и што романот завршува токму со описот на неговиот погреб.
Намерата на писателката (уште со самиот наслов на романот) е јасна: да понуди – преку личната судбина на Виктор Тауск и преку судбините на луѓето кои биле, на некој начин, во контакт со него – толкување на знаците кои ги одредиле или ги обележале судбините на луѓето во целиот дваесетти век, прво и пред сè во Централна Европа, но и во еден многу поширок регион. Тие знаци се војната, убивањата, прогонствата (особено на „различните“), чувството на откорнатост, употребата на принуда од страна на државата, залажувањето на луѓето со лудилото на политиката, репресивните режими, монтираните судења, манипулирањето со научните податоци, болеста, лицемерството.
Затоа, романот Време на лаги (неодамнешен добитник на наградата Т-Портал), првата книга од најавената трилогија, се наоѓа пред читателот. Иако во слични случаи обично се вели дека книгата може да се чита и како засебно дело, сепак прашањето останува отворено; затоа, во суштина, е тешко да се даде комплетна оценка (во првата книга, одредени теми се едвај навестени, што значи дека можеби ќе бидат неодредени додека чекаат на развојот; на пример, останува да се види дали авторката ќе понуди одредена, пологична, книжевна мотивација за будењето на Австро-унгарскиот војник од 1916-та во регрут на Југословенската армија во 1972 година, итн.). Со таа задршка, можам да кажам дека првата книга од Табу е одлично, ветувачко отворање, кое зрачи со умешноста на занаетот, со интелигенцијата на писателката и со наративна зрелост. И, секако: Време на лаги е една од неколкуте хрватски книги по кои со задоволство пак би посегнал, само поради задоволството од читањето.

Автор: Страхимир Приморац
Превод од англиски: И. Исаковски

2023-06-07T21:29:22+00:00 август 1st, 2011|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 77-79|