Огледало

Огледало

Грачани
(љубовници)

Виктор
(Вила Ружиќ)

Огледало
Циклон
Презент. Перфект. Поезија


Виктор живее во вила на море, но тоа сега не е тема. Тој заслужува многу поинтересна и поголема приказна, баш за него. Тој заслужува повеќе од вовед. Но сега нека биде така. Нè праша за името, за точниот датум на нашето раѓање и на нашите најблиски (ако тоа така се вели). Чувствуваш некоја вознемиреност и трепет како на испит или пред оние кои можат да ти нанесат сериозно зло.
Што ако не го знаеш точниот датум на раѓањето на својот постар или помлад син? Кој е датумот на раѓањето на твојата жена? Можеби сето ова би требало да се почне од почеток: да се смести вилата во нејзината стварност, да се опише нејзиниот изглед и како се приоѓа кон неа и како од неа се заминува. Како во неа се разговара? Како со неа се разговара? Историјата на таа куќа е поопсежна од историите на некои големи градови или безимени пустелии. Поголема е и поинтересна, ако не се обѕираме на флората и фауната, големите и малите траги на ветрот во песокта, ако не плачеме над поразите на љубовниците кога доаѓа зората и сè изгледа небаре никогаш нема да излезе сонце…
Би требало потполно да се приближиме кон нејзините прозорци, да му се приближиме на морето, зашто се чини дека таа вила претрупана со книги, стари и вредни предмети губи метар по метар од славата, го губи сето она што е опкружено и заробено со нејзините ѕидови. Вилата се помрднува кон морето онака како што ја напуштаат сопствениците и посетителите. Нејзината единствена стварност е погледот кон пучината. Се криевме, ние двајца, зад големите прозорци мислејќи дека сме невидливи, незабележливи…
Но тоа веќе е приказна за некоја друга стварност и за расправа околу пределите кои во еден миг создаваат привид на вечност. Пред да кажам што било за тебе, подобро е обајцата да се вратиме во идното минато, меѓу Викторовите прашања, кои засекогаш ќе го запомнат нашето пристигнување во вилата, датумот на нашето раѓање и на нашите најблиски (ако тоа така се вели!?).

2023-06-07T21:37:24+00:00 мај 15th, 2014|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 95|