Неколку зборови за компаративната книжевност

/, Литература, Блесок бр. 28/Неколку зборови за компаративната книжевност

Неколку зборови за компаративната книжевност

III.
Она што ви го предлагам може да биде сфатено како дел од едно методолошко размислување. Може исто така да се сфати како начин Компаративната книжевност да се соочи со неколку современи книжевни и културни реалности.
Така, играта на границите на книжевноста денес не престанува да варира и да се рекомпонира на широко.
Доволно е да се каже глобализацијата и нејзината конверзија, која е исто така реална колку и глобализацијатамултипликацијата на државите-нации и мултипликацијата на афирмациите на идентитетот, често неразделни од географските и културните простори. Токму тука треба да се констатира дека хипотезата за една можна културна хомогенизација не оди без мултипликацијата на границите на културите, на литературите.
Постои еден книжевен превод или објаснување на сето ова. Доволно е да се мисли на Африка и да се постави прашањето – што е, во таквите услови, една африканска компаративна книжевност? Би можеле да се наведат и многу други слични примери. Јас ќе наведам само уште еден. Очигледно е дека компаративната книжевност на европските книжевности би требало да биде делумно одново промислена, откако Европа се конституираше во една (европска) заедница и можеби ќе се конституира во една федерација. Геополитиката може да сугерира овде поинаква слика на меѓусебните граници на книжевностите од некогашната.
Што се однесува до Африка или до Европа, оваа реорганизација на нашите сознанија е реорганизација која не ги укинува претходните сознанија. Оваа реорганизација е најпрвин истражување на новите можности на контекстуални читања. Овие нови можности го претпоставуваат ова заедничко спознание кое ја исклучува реификацијата на знаењата, на дизајнот на спознајните контексти.
Всушност, имам намера да укажам на една функција на Компаративната книжевност: да се исцртаат книжевните контексти денес, во парадоксот што јас го предочив – глобализацијата и мултипликацијата на државите-нации, државите-нации и мултипликацијата на регионалните поврзувања внатре во рамки на државите-нации -, на таков начин што овие граници да бидат взаемно читливи, но без да предизвикуваат – ни реификација на глобализацијата, ни реификација на разликата. Има тука една критичка функција на компаративната книжевност – на ова взаемно знаење за коешто говорев.
Ќе ги заклучам овие точки со еден мал коментар поаѓајќи од Дерида. Дерида еднаш рече дека компаративната книжевност е неизвесна дисциплина. Тоа беше секако еден вид осуда на Компаративната книжевност. Осудата е чудна затоа што доаѓа од оној кој ја има развиено филозофијата на неодредливоста (инконклузивноста, l’indécidable). Но можеби тој ѝ замери на компаративната книжевност што изведува погрешни заклучоци – на пример, што конституира квази-есенции на книжевноста. Треба да признаеме дека компаративната книжевност во минатото не се двоумеше да ги реифицира своите предмети – било да се работи за тематски истражувања или за злоупотреба на референцијата на нациите, кои често се пресвртуваа во еден вид националистичка критика.
Вреди сепак да се разгледаат повторно поимите неизвесност и неодредливост. Компаративната книжевност е неизвесна ако настојува да ги реифицира своите предмети, своите методи, затоа што во тој случај ќе ѝ недостасува играта на границите на книжевноста и на меѓусебното проникнување на когнитивните контексти. Компаративната книжевност е неодредлива, не во смисла во којашто деконструкцијата го разбира овој термин, туку во смисла во којашто Компаративната книжевност знае дека не може да конструира проверливи, валидни модели на книжевностите и на културите. Нејзината ефикасност е значи целосно во оваа неодредливост која е една динамична неодредливост. Тоа значи една неодредливост и незавршеност која не престанува повторно да ја исфрли констатацијата за интерсекцијата на когнитивните контексти и, преку неа, соработката која подразбира взаемно познавање. Ние немаме потреба ни од радикална неодредливост ни од реификација на спознанијата и на книжевните и културните предмети.
Ги давам овие објаснувања за да назначам, конечно, две работи. Првата е поврзана со начинот на којшто може да се третира книжевната разновидност. Втората е поврзана со начинот со којшто може да се ситуира Компаративната книжевност, книжевните студии, хуманистичките истражувања.

Првата работа.
Против различните позитивизми и против различните реификации, што ги подвлеков, против една хиерархизирана визија на книжевностите – било да станува збор за доминација или за отпор спрема доминацијата -, против рефлексивното движење на коешто му соодветствува еден пристап кон книжевноста пер се, кој конечно ја затвора рефлексивната игра и води кон парадокси, против мисловниот бескрај на деконструкцијата која ја разурна издржаноста (пертинентноста) на секоја контекстуализација на една анализа, треба да се каже дека секоја книжевност, секоја култура, секој книжевен предмет и секој културен предмет (објект) конституира-ат една фиксна точка и дека ако се тргне од тие фиксни точки може да се направи промена (варијација) на критичките модели. Изразот фиксна точка упатува на ‘резонирање кое не е монотоно’, кое е дел од логиката. Една фиксна точка е вредност што логичките и когнитивните операции не можат да ја алтерираат, какви и да се нормите на операцијата. Асимилирајќи ги книжевните и културните предмети во фиксните точки, диверсификацијата на критичките модели не ги игнорира и не ги алтерира овие предмети. Таа ги означува овие предмети и ги пренесува во когнитивното подрачје што го зацртавме. Овој тип на означување и конклузивната карактеризација на критичките модели се својство на отворените когнитивни постапки/пристапи.

Втората работа
. Да се редефинира неодредливото на ваков начин, нуди една друга бенефиција: да може да ѝ се даде на Компаративната книжевност соодветно место во актуелните критички дебати. Она што се вика на многу места криза на книжевните истражувања или криза на хуманистичките дисциплини, е само прогресивно бришење на моделот на книжевни истражувања етаблиран во 19-от век во Европа. Овој модел беше, симболично и идеолошки, мешавина од традиција, универзализам, национализам и позитивизам. Повеќето современи критички школи сè уште работат врз ова наследство. За да се модифицира, за да се обидеме да го деструираме – треба да го деконструираме.
Кризата на хуманистичките дисциплини кореспондира со фактот дека тие не можат повеќе да одлучуваат за нивната кохерентност, откако организацијата на нивните составни делови, идеолошки, симболични и когнитивни, не е повеќе функционална. Изборот на инконклузивноста преку деконструкцијата е само еден одговор на оваа ситуација. Еден од можните начини да се излезе од кризата и да се сочуваат нашите многубројни и варирани предмети на истражување, е да се промовира идејата за една динамична неодреденост. Оваа динамична неодреденост која знае дека не е оддвоива од општото знаење, од истражувањето, преку изведување на што е можно пошироки книжевни контексти. Тоа е онаа динамична неодредливост која знае дека е нераздвојна од начинот на којшто Компаративната книжевност ги третира книжевностите и културите – задржувајќи ги границите на книжевностите и на културите.

Превод од француски на македонски јазик: Катица Ќулавкова

АвторЖан Бесиер
2018-08-21T17:21:47+00:00 октомври 1st, 2002|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 28|