Небесни птици (извадок)

/, Литература, Блесок бр. 24/Небесни птици (извадок)

Небесни птици (извадок)

22. Се случи во Букурешт, на планетата Земја

– Запри го моторот! вика еден човек гестикулирајќи.
Еден човек во работничка облека, по сè изгледа работник, трча кон тракторот прицврстен со ортоми за заабениот ѕид на вилата.
– Застани! вика на цел глас.
Предоцна. Механичарот веќе го беше добил сигналот да тргне, моторите работеа, не се слушаше гласот на оној што трчаше. Механичарот згазна врз педалот: огромниот трактор отскокна. Ѕидот влечен со ортоми се распука, се помрдна, се навали и ја повлече вилата со себе. Се слушна стравотен тресок. Земјата се стресе под нозете.
Облаци прав. Веднаш почнаа да прскаат пумпите, цревата вода што го влажнеа малтерот, да се прочисти воздухот, за да можат да интервенираат багерите и камионите.
Сега можеше да се чуе гласот на вознемирениот работник:
– Луѓе божји, ми се чини дека во куќата имаше човек. Жив го смачкавте!
Една по друга, сите машини ги запреа моторите.
Работникот објаснува, мавта со рацете. Вели дека за миг како да видел низ рамката на извадениот прозорец како некој човек се движи внатре. Вели:
– Еден тип со брада, испартален.
– Сигурен ли си? Како тоа, каде?
– Мислам дека го видов, иако од таа далечина не можев добро да видам. Ама видов еден испартален човек како се шеташе покрај отворот од прозорецот, сум го видел како се вртка овде, се криеше од нас и спиеше тука некаде.
– Да, сте го виделе?
– Да, еден оќелавен, пијаница, божем ми ти бил доктор, така нешто, еден „учен“, чукнат, ако е тој. Може ќе е тој. Еден бездомник. Цело време го бркавме, се вселуваше скришум во евакуираните куќи.
– Да не е доктор Санду?
– Можеби е, можеби не е.
Се дадоа во барање. Се формираа екипи за отстранување на разурнатите ѕидови. Работеа методички, пребаруваа.
Се појави и мајстор Павел Манолаке. Беше уништен, ама се преправаше дека не му е ништо. Се правеше како ништо да не знае. Им викаше на мажите од неговата екипа:
– Ајде, момчиња, вие што сте работеле кога беше земјотресот. Нека дојде секој што има искуство во несреќи.
И Павел беше започнал да работи на расчистување кога беше земјотресот. Ама еден ден сфати дека тоа било неважен експеримент во однос на лудилото на уривањето.
Пребаруваат во малтерот. Внимателно ги креваат бетонските диреци. Можеби е сè уште жив, стуткан меѓу два дирека. Можеби е блокиран под некоја плоча. Имало такви случаи. Го расчистуваа местото и ги товареа камионите со малтер.
– Можеби не ни бил внатре, рече еден од работниците, со надеж дека ќе го извлечат потенкиот крај.
Меѓутоа, во 16 часот, еден војник најде меѓу урнатините човечка рака.
Десната рака од лактот надолу, со сите пет прсти.
Милиционерот направи записник.
Кога стигнав таму, местото веќе беше полно со народ. Доаѓаа од сите страни. Сонцето заоѓаше, а луѓето се собираа. Истата глетка како тогаш кога Санду Тариверде ми рече покажувајќи кон здрвениот народ: „Како да ми дошле на погреб“.
Студи, мартовска приквечерина без снег, ама раскашавена. Забележувам запалени свеќи.
Се пробивам меѓу масата. Се приближувам до местото: врз една церада стои човечка рака.
Ме забележа мајстор Павел. Ме претставува на лекарот од Институтот за судска медицина и на милиционерот. Ме прашаа дали можам да присуствувам на идентификацијата на жртвата.
Раката на Санду Тариверде. Се гледа и трагата од удар од пендрек онаа ноќ, кога ја урнаа црквата. Им реков:
Да, тоа е раката на Санду Тариверде.
Ме замолија сè дури не се потврди дефинитивно идентификацијата, да останам со нив во контакт.
– Познавате ли некои роднини на жртвата? Со кого да воспоставиме контакт?
– Немаше никого. Неговата поранешна сопруга живее некаде во Добруџа.
Остана на мене да се растрчам за посмртницата.
– Да најдевме барем нешто од алиштата, некој документ или барем личната карта, вели милиционерот.
– Немаше никаков документ! им велам. Веќе одамна немаше ни лична карта. Неговите единствени документи се: скинат лист од личната карта и дипломата за доктор, а тие се кај мене дома.
– Да ги донесете, ми рекоа.
– Добро.
Бараа сè дури не падна ноќта. Но не најдоа други останки од неговото тело.

Граѓаните се стискаат околу мене и ме гледаат со почит, иако ништо не сум направил. Сфаќам дека нешто од одгласот на жртвувањето на Санду се рефлектира врз мене. Еднаш Санду ми рече дека ми се задолжил многу за сите овие десет години, од кога немаше никаков приход од никаде. Но она со што нè задолжува сега тој ќе трае и подолго од нас, сè до нашите потомци.
Ме прашуваат:
– Кој беше? Со што се занимаваше? Каков доктор бил? Зошто спиел овде? Негова ли беше куќата? Да не сакаа сосила да го урнат и не сакаше да си го напушти домот? Или се самоуби во знак на протест? Каде живееше?
Велам: Живееше во сите куќи што требаше да се урнат. Од почетокот до крајот на Букурешт. Со себе ги однесе каењата на сите. Но не размислуваше за тоа. Можеби не можеше повеќе да го издржи овој живот. Не сакаше.
Една жена плаче.
Ваков ли крај си замислуваше Санду Тариверде, крај во кој презирот и иронијата беа нагласени со трагизам?
Ми се приближува еден милиционер:
„Подобро да си одите сега за да го расчистиме местото“.
Тоа беше погребот на Санду Тариверде. Свечено и едноставно бдение. Веста се рашири, луѓето се наредија во редица и поминуваа покрај неговата десна рака. На аџилак на неговата десна рака.
Луѓето доаѓаат, застануваат за миг, гледаат фасцинирани во раката. Шепотат нешто. Ноќта паѓа над нив.
И утредента ги продолжија барањата. Не најдоа друга останка од неговото тело.
Така заврши Санду Тариверде. Во записникот стои: несреќен случај при работа.
Јас мислам дека тоа беше избор. На овој начин можел да извикне колку што сакал. Не сакам да го идеализирам. Ама ваквиот завршеток е во негов стил.

Еден, што не знам од каква мајка е роден, нуди друга верзија. Вели: „Госпо’н, човекот дошол мртов пијан од некаде и не му било првпат. Легнал и заспал како топ. Слушнав дека спиел во секоја евакуирана куќа пред да биде урната. Работниците ретко дознаваа дека спие таму. Нормално, пред да почне уривањето, вршеа контрола. Ама денес на овој многу му се спиело, и им се измолкна. Несреќен случај, госпо’н. И ја урнаа куќата врз него.“
Други не веруваа во оваа верзија. Што значи тоа, дека се провлекол да спие дури и кога ги видел булдожерите и сè друго готово за напад?
„Да, госпо’н! вели индивидуата што не знам од каква мајка е родена. Можеше да сечеш дрва врз него кога беше пијан. Спиеше како топ.“
Постоењето на Санду Тариверде ми личи на реплика на ова трагикомично време. Реплика на оваа сурова историја. Целиот негов живот е реплика на нашето време. Не знам дали е најдобра, ама знам дека е по мерка.
Што се однесува до другото, сè е можно. Дека спиел како топ кога му паѓале тули врз главата, а моторите брмчеле. Или дека бил буден и преплашен, како што рече работникот што го здогледал низ отворот на прозорецот.

Утро е, луѓето се проретчија. Многумина од нив дојдоа пак во текот на денот и наредната ноќ. Овие урнатини кријат прав и пепел од телото на Санду Тариверде. Палат свеќи. Ним им е како човек што се жртвувал за сите нив. Се чувствуваат посилно. Телото на Санду е помешано со земја и малтер. Калеа Мошилор, од почеток до крај, во своите темели содржи човечка жртва.
Како да го гледам, се сеќавам. Кима со главата во знак на „штета“, се смешка. Умре со чувство дека животот му беше како што требаше да биде.
Ретко, само кога беше многу уморен, мислеше дека можеби не успеал во животот: но тоа беше повеќе резултат на некои споредби, притисок на менталитетот, ехо на навредите. Во основа, опстојуваше на границата меѓу презирот и слободата. Половина свеќа беше доволна за да се чувствува надмоќен, за да знае дека сите живееме во фарса.
Понекогаш не беше способен да ја преземе врз себе надмоќноста и трошка умствена заробеност го тераше да жали за професионалните промашувања.
Или пак, поради неговиот опозиционерски дух, велеше дека тој е Авел, номадот без стадо. Велеше: „Родот на Каин исчезна и Авел од ден на ден станува сè понервозен“.
Цели три дена на местото на куќата луѓето му палеа свеќи на Санду Тариверде. Четвртиот ден, топографите почнаа да премеруваат, да повлекуваат линии, а војниците да копаат окопи за темелите на некоја самопослуга.

Не можам да ви го раскажам крајот на втората небесна птица, Тофана. Санду Тариверде се измеша со почвата на градот. А Тофана? Каде ли е Тофана?
Одамна од неа нема ни трага ни глас. Кај ли е? И оваа книга може да биде сонда фрлена во молкот на народот: Луѓе божји, донесете ми абер од оние што исчезнаа!
Прво мислев дека нејзиното продолжено отсуство го потврдува нејзиното типично однесување. Во нејзин стил. Ја нема со недели, и туку ќе бапне во спокојството на градот, ќе го испретури редот на стаклени нозе како оној палав мајмун од кинеската приказна.
Помина и зимата, дојде пролетта. Ни трага ни глас од неа.
Си спомнувам на сцената во метрото кога еден човек беше уапсен од страна на двајца милиционери и кога го влечеа кон подрумот. Се стресов и решив да интервенирам. Тофана ми рече: „Да, барем да знае дека постои еден сведок… Страв ми е да не ми се случи и мене истото еден ден. Да бидам сама кога ќе ме фатат“. Си спомнувам: Беше мрачно во Милицијата на метрото, се плашев ама знаев дека сум заштитен зашто таму некаде, на перонот, во масата, имав сведок. И јас бев влегол во подрумот како сведок. Синџирот на сведоците го обележува, на крајот на краиштата, нашето историско искуство отаде времето. Помнењето.
Тоа беше вечер помината под стрес. Се бранев со легитимација. Фотографија со брада. Партијата и државата. Пред волчја уста. „Вашите луѓе лишија од слобода еден граѓанин. Присуствував на сцената на апсењето и констатирам дека беше крајно брутално и деградирачки. Ќе се произнесам во Дирекцијата за печат“. Интервенцијата беше ефикасна. Веројатно да не беше тоа, момчето ќе си изедеше добар ќотек. Кога ме здогледа, Тофана ми рече: „Да, печатот има сè уште збор во оваа земја. Само да сака и да го каже“ . Потоа продолжи: „Гоподе, а кај ќе бидеш кога мене ќе ме зграпчат?“? реков: „Немој да живееш со таа опсесија. Немој да се разболиш од прогонување. Чувај си ги силите. Ништо лошо не си сторила. И, на крајот на краиштата, имаш пасош за дефинитивно емигрирање“.
Потоа, молк.
Ми поминува низ главата да се распрашам во некои амбасади, да видам дали добила виза за некоја земја. Знаев дека поднесе барање во 32 амбасади. Можев да почнам од А, од земјите од кои најмногу и очекуваше. Но како да направам таква анкета? Кој би ми дозволил? Непремостливи пречки. Прво романските стражари, немам како да поминам покрај нив. Потоа странските амбасади би се посомневале, не би можеле да сфатат зошто го правам тоа. Сите нешто се сомневаат во овој свет.
И уште една пречка. Покрај тие 32 амбасади што ми беа познати, Тофана можеби барала виза и во некои други, во периодот кога вооппшто не намина кај мене. Од кај да знам на кои врати уште чукнала после нашата последна средба.
Ни во затворите немам како да ја побарам.
Си мислам да се поврзам со Меѓународната организација за човекови права. Имам еден пријател морнар на некој трговски брод, ќе го замолам да однесе известување на Запад.
Зар е во затвор? Тофана беше ужасната од таквата перспектива. Рокот на траењето на пасошот ѝ беше на истекување и ѝ беше страв дека романските власти пак ќе ја земат на нишан. И особено ѝ беше страв од член 153. И од сто други члена. Којзнае дали ги прими во доволна мера вежбите за издржливост и клучот на техниката за полесно издржување на уништувањето во затворите низ земјата?
Можеби успеала да замине. Си ја замислувам и во ова издание: како со багаж од 25 килограми, куферот на страдалникот, фаќа авион.
„И тоа е многу! велеше. 25 килограми… Големите апостоли заминуваа во свет со празни раце и со рало сандали на нозете. Ама јас не сум достојна за толку едноставност. Не сум достојна за ништо.“
Си ја замислувам како заминува, полетува. Како издивнува со олеснување што куртулила од кафезот на татковината. Си ја замислувам како стигнува во некој голем град на нејзиното повторно раѓање, или умирање. Како пее во некоја кафеана, со мирис од алкохол и чад од цигари во воздухот. Или како ја облекува монашката одора во Светата Земја. Толку непроживеан живот имаше во неа, што секогаш ја гледав изложена на две маки, плен на сетилата и плен на духот.
Ја замислувам како патува со возовите на планетата, стоечки, барајќи си го купето, а него го нема. Опседната да си ја зачува невиноста: нејзиниот ужас, нејзината светска војна. Или како раѓа вонбрачно дете и го остава на скалите од некоја катедрала бегајќи од местото на злосторството … бегајќи во светот… како се моли во цркви туѓи на нејзината традиција, со чувство дека е грев да се молиш во туѓа црква: премногу лековерна за да ја истражува врската меѓу религијата и Бога. И како постојано ги промашува закажаните средби, како зјапа со отворена уста во затворените порти, живеејќи во несигурна вечност…
Од сето она што можам да си го замислам во врска со неа, само следново е вистина: нема осет за време, за неа времето не се мери со денови туку со недели. Се наоѓа во полузаспана ментална состојба, во постојан полутранс. И токму со таа црта на нејзиниот ум, ја чувствувам како се враќа во ништото – не во земјата, како Санду Тариверде. Таа се врати во она дискутабилно ништо, посуптилно од почвата (времето?) – и што е нашето единствено потекло, вистинската супстанција од којашто бевме создадени многу порано од мигот кога наследството на илузиите нè смести на она што се вика планета Земја.

АвторВасиле Андру
2018-08-21T17:21:52+00:00 јануари 1st, 2002|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 24|