Најден во преводот

/, Литература, Блесок бр. 52/Најден во преводот

Најден во преводот

Преработката на Рилке од страна на Дон Патерсон, „Орфеј“ (Фабер, 2006, 84 стр), фрла бесценето светло врз песните карактеристични за големиот модернист, вели Адам Филипс во овој осврт објавен во Обсервер

#1 Кога Џон Бериман напиша во својата трета Сонувана песна дека „Рилке беше копук“, на многумина од тие што го читаа Рајнер Марија Рилке во превод веројатно им олесни. Резонанците на Рилке од Квази-Кружокот што можевме да ги читаме – „и во исто време да ја знаеме состојбата/ на непостоењето, бесконечната земја на твојата длабока вибрација“ и така натаму – се чинеа многу несвојствени за поетот признаен „во странство“ како голем европски модернист.
Тука и таму ќе се појавеа песни од Рилке преведени од вистински поети како Тед Хјуз или Роберт Лоул, давајќи ни да наѕреме парчиња од мошне силен, идиосинкратски глас, но за љубителите на Бетџман и на Ларкин, со нивната немодернистичка посветеност на поедноставените можности, таа „свртеност внатре“, таа спиритуална амбиција на Рилке се чинеше благо смешна. Неговите големи височини и поголеми длабочини повеќе беа за претенциозните. Преводите – од Лишман во 1936, Хертер Нортон во 1942, КФ Мекинтаер во 1960 – сугерираа, во најдобар случај, дека Рилке е непреводлив. „Орфеј“ на Дон Патерсон, што можеби не е изненадување со оглед на тоа каков поет е самиот тој, сево ова го смени.
Пишувајќи, како што ги нарекува тој, „верзии“ на овие песни, Патерсон ни дава еден Рилке што е возбудлив поради неговата комплицираност, оти и самиот Рилке бил збунет од овие инспирирани песни. Во текот на три седмици, во 1922, додека работел на своите Дуински елегии, Рилке ги напишал и овие 55 сонети. „Тие“, напишал тој подоцна, „можеби ми се најмистериозни мене, поради начинот на кој пристигнаа и ми се наметнаа – најзагадочниот диктат што кога било сум до примил и запишал.“ Овој вид диктат честопати е извор на најлошите текстови, но и на најдобрите. Патерсон, колку едноставно ова и да звучи, преку неговата преработка ни разјаснува зошто сонетите на Рилке се всушност извонредни песни наместо натрупани и здодевни размислувања на надежен мистик.
„Верзиите“, вели Патерсон, „се обидуваат да бидат песни сами по себе; иако го имаат оригиналот за да им послужи како детален нацрт-план и вертикална проекција, тие се обидуваат да си изградат себеси цврст дом во една нова земја, во архитектурата на локалниот говор.“ Ова практично значи дека Патерсон ги има малку редизајнирано и зацврснато. Песните имаат наслови наместо само броеви како што ги имаат означено Рилке и другите негови преведувачи, со кои корисно се именуваат преокупациите наместо таканаречените теми. А насловувајќи ја книгата „Орфеј“ наместо „Сонети за Орфеј“, Патерсон ја остава адресата на песните неодредена; книгата истовремено е од Орфеј кон Орфеј и за Орфеј.
Иако ова значи дека песните се за тоа што Роберт Фрост го нарекува „поголемите измачувања“ – загубата, смртта, Судбината, Времето, Господ итн. – Патерсон не дозволува Рилке да биде надвладеан од сопствената умисленост. Песните се чинат навистина натприродни наместо итри, театрални или непотребно длабоки. Па така прочуениот Еднорог на Рилке, во истоимената песна, повторно делува јасно наместо само замислено: „Никогаш не постоеше. Па сепак таква им беше љубовта/ што ѕверот се појави, каде што место му направија;/ и во шталата на неговата ништотија/ си ја протресе белата грива и затропа со копитата.“
А Рилкеовиот Господ, секогаш прилично мрачна фигура, делува посилно – „Господ е тоа место што секогаш зацелува/ колку често и да го кинеме“ („Потокот“), додека неговите богови се послични на луѓето што тој сака да ги задева: „Ќе се отколнеме ли сега од нашите најстари пријателства,/ од боговите што не бараат ништо?“ („Боговите“). Поотворените, порешителни верзии на Патерсон прават Рилке да звучи позаинтересиран за својот читател, одошто само за себе. Тоа што Патерсон го нарекува „речиси нехумана брзина на компонирање сонет“ е неизбежно и благослов и клетва за преведувачот. „Обидот верно да се репродуцираат зборовите од пророчките стихови“, пишува тој, „речиси без исклучок ќе резултира со нешто уште понеразбирливо во новиот јазик.“ Во „Орфеј“, Патерсон пронаоѓа пат низ сопствените стравови.

Превод од англиски: Магдалена Хорват

АвторАдам Филипс
2018-08-21T17:21:20+00:00 февруари 20th, 2007|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 52|