Нашиот удел во овој свет

/, Литература, Блесок бр. 18/Нашиот удел во овој свет

Нашиот удел во овој свет

Животот на светот

Големите утопии на XX век: нацизмот и комунизмот, новиот светски амеро-поредок (можеби?) нè научија (или: само ни се чини!) дека манихејските и, со тоа, полемички непомирливи до (само)истребување поделби на: омнисцентни авангарди и прости маси; на напредни и назадни класи; на небески (= ангелски) и земни (= демонски) нации се, практично, царски друмови што почнуваат со проектирана конечна среќа, со крајна Цел – рај на земјата (во кој луѓето ќе живеат во идилична благосостојба и хармонија, спасени од мачни напори, несреќи и зла), а завршуваат во реки крв и масовни, апокалиптични масакри. Значи, поделбите се вид скриена сила (енергија) на животот; тој чекори кон „светла иднина“, олицетворена во сликата на земниот рај (infra: 153 -155) кој може да се вика: „Бог, Иднина, Структура, Другиот“, кажано со зборовите на оној Еделман (=Л. Голдман) од романот Самураи на Јулија Кристева.
  Една опсервација, меѓутоа, што ни ја опишува исцрпно и стрпливо веќе не оној Иван од тој роман, туку Цветан Тодоров, на почетните страници од неговата книга Спроти екстремноста, ја става под сомнение вистината за животворната сила на факторот поделби.
Кога би бил, тој фактор, големиот творец на вистинскиот (среќен, лишен од неправди и зла) живот, не би можел да се идентификува со иста евиденција на друго (спротивно) место, какво што е, на пример, полето на – смртта. И во тоа „ поле“ постојат класи, како што постојат во животот; постојат славни и анонимни покојници; постојат такви што повеќе ја заслужуваат нашата почит и восхит, како што постојат и такви што, веќе рангирани, ја заслужиле помалку; постојат, накусо, „класирани“ и „некласирани“ покојници, а пак за тоа зборуваат подеднакво квалитетот и формите (=белези, знаци) на нивните гробови.
Сликата на гробиштата во Варшава на свој начин и со свој (гробен) „јазик“ му го соопштила тоа на авторот на книгата Спроти екстремноста. Имено, едни, „класирани“ гробови, оние на полските востаници, им раскажуваат славна Историја на своите поколенија, чиј извор е човечноста со нејзиниот херојски блесок; други, „декласирани“ гробови, оние на полските Евреи кои, исто така, кренаа востание против насилствата на нацизмот во нивното Варшавско гето, како да немаат таков извор и затоа молчат пред живите поколенија: „Разбравме веднаш по контраст„, поентира посетителот (=Цветан Тодоров), „дека другите гробишта беа места на животот, затоа што таму беше останала присутноста на минатотото, додека пак тука гробовите, скаменување на споменот, умираше [се мисли на присутноста] од своја страна“ (infra, 6: јас истакнувам). Постојат, значи, постапки; постои однос на живите кон „гласот на мртвите“ кој конструира две „места“ во светот на мртвите: место на кое живее минатото и место на кое умира. Кога е така со полето на смртта (минатотото), разбирливо ќе биде дека не би можело да биде многу поинаку со полето на животот (сегашноста). Конструкторот на тие две полиња е – средството поделба. Тоа средство оживува и убива истовремено; знае да го направи присутно (= живот) минатотото, но и – отсутна (=смрт) сегашноста.
Кој е тој/тие што толку непогрешно ракува(ат) со такво смртоносно и животворно средство истовремено? Во чија рака/раце се наоѓа? Дали се тоа одбрани, вешти и фини раце или пак масовни, несмасни и груби? Дали се работи за невидливи (божји) раце на неизбежната судбина, или пак за раце кои милуваат и, понекогаш, во фатална гнев и заблуда – убиваат? Конечно: дали милувањето е само видливото, привидно својство на тие раце, додека нивното невидливо, скриено и суштинско својство е способноста да – убиваат: методички, безмилосно?
Така, приближно и во крупни потези би можело да се формулираат темите за кои расправа книгата Спроти екстремноста на Цветан Тодоров, поттикната од неделна посета на варшавските гробишта, од која задржува тревожна и мистична трага на – поделбата. Еве како ги опишува тревогата и мистиката: „неколку дена подоцна продолжив да се судирам со мачнина [angustiae кај Фројд; nausée кај Ж. П.-Сартр] породена од тоа неразбирање“; „Сакав, за да ја надминам, да прочитам неколку книги што раскажуваа полски настани“; „можеби клучот за мојата енигма се наоѓаше во тие книги“; „се нурнав во нив“ (ibid., 6), известува авторот кој бара одговор за изворот на својата „мачнина“, а пак во таа стрплива и напорна потрага доаѓа до: епохални градители на среќата на човештвото (Хитлер и Ленин; Сталин и Ајхман), кои го поплочуваат патот до таа конечна среќа со милиони мртовци од една, и до многу непознати, невидливи и навидум безначајни помошници, во кои спаѓаме и ние (ете го нашиот удел!) кога го класираме и фрагментираме полето на смртта, за да го изделиме тоа што е живо од тоа што е мртво минато.
Едното (живо) е пожелно, добро и славно, тоа заслужува да се „скамени во спомен“; другото (мртво) е одбивно, лошо и срамно – заслужува да се – збрише. Меѓутоа, потсетува на друго место авторот, „бришењето“ не е противник на сеќавањето: „термините кои образуваат контраст се бришењето (заборавот) и конзервацијата; сеќавањето е, секогаш и по нужност, интеракција од двата“11F; бришењето е потиснување, акт на разместување во „темен агол“ на оние слики (ситуации/постапки) кои го откриваат нашиот демонски, а не само нашиот ангелски лик.
Ако само така сакаме да се сеќаваме за себеси или, (поскромно), почесто сакаме така да се сеќаваме за себеси како единки, не ќе може поинаку да се сеќава, за себеси, ни оној збир од единки кој, вообичаено, се именува како група, заедница или нација. Ако, натаму, тоа што важи (а важи: мотивот „бришење“ го потврдува тоа!) за единка, група или нација, не само што постои, туку се практикува дури по некоја општа и неискоренлива инерција, за што сведочи гробната поделба, тогаш ќе треба да се загледаме во бездната (=душа на секој „обичен“ човек) која се вика „темен агол“ , за да видиме, дали, на тоа место, не се повлекол некој одвајвидлив до невидливост микро-Сталин или микро-Хитлер?
Книгата Спроти екстремноста прави и препорачува токму такво загледување. Таа се загледува во душите на античките, „идеални“ херои, со нивните модерни деривати: спортски шампиони, политичари, интелектуалци и уметници од слава и гест. Таа книга ги чита спомените на обични страдалници кои стануваат херои, но и на нивните џелати кои го „бришат“ својот удел во тие катастрофи, за што им помагаат механизмите „фрагментација“ и „деперсонализација“ (infra: 124 – 138; 138 – 152). Тоа го прави така што се загледува втренчено: а) во една голема Историја, онаа на тоталитарните практики на XX век, поглед кој го дава првиот лик на предметот на книгата; b) во една мала историја, онаа која го става под лупа однесувањето на единката-автор во „тоталитарни“ околности – втор лик на истиот предмет, и најпосле, c) во еволуцијата на моралните вредности и нивната преобразба – трет лик на предметот на книгата (infra, 219).
Дали е тоа „зајадливо“, како што кажа Јулија Кристева, кога го опишуваше својот Иван/Цветан од шеесттите? Дали е ведро, спокојно и привлечно тоа што го бришеме? – треба да се праша, исто така. Се знае, впрочем, дека зад ведрото и привлечно лице на човекот (и – светот!) демне неговото зајадливо и марчно. Тоа е стрпливо лице, со копнеж и право на појава и власт. Сме мислеле така, што не значи дека не – мислиме.

#b
11. Les abus de la mémoire. – Paris, Arléa, 1995, 14.

АвторАтанас Вангелов
2018-08-21T17:21:59+00:00 јануари 1st, 2001|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 18|