Нашиот удел во овој свет

/, Литература, Блесок бр. 18/Нашиот удел во овој свет

Нашиот удел во овој свет

Тоа се, во груби црти, крупните теми на неговата Поетика на прозата (Poétique de la prose: 1971, 1978, 1980), по која уследи една, во прв ред, „концептуална“ книга (или книга која расправа само за концепти) во соработка со Освалд Дикро, еден од водечките специјалисти во модерната наука за јазикот. Во нивниот систематски Енциколопедиски речник на науките за јазикот4F (Dictionnaire encyclopédique des sciences du langage, 1972) се даваат исцрпни и прегледни описи на клучните концепти на модерната лингвистика (О. Дикро) и поетика (Ц. Тодоров) како од традиционална (историска), така и од модерна (актуелна) гледна точка. Како што може да се претпостави, патот и постапката во тој „речник“ се обратни, во споредба со оние од книгата Литературата и значењето: тука се дефинира што е тоа, на пример: „текст“, „дискурс“, „исказ“, „стил“, „лик“ „визија“ или „фигура“ како единици на конкретни литературни дела кои мора да се идентификуваат, затоа што ги произведуваат тие дела; таму пак – читањето на делата води кон тие составки, кои го дефинираат апстрактниот ентитет литература.
Два вида најопшти единици: на конфигурацијата и на евокацијата5F се почетна точка за секој оној што сака да расправа за конкретно литературно дело. Првите се од материјална природа и затоа допуштаат споредба со тоа што се именува како сетилна страна на знакот, во сосиријанската смисла на тој збор; вторите се од идеална природа и затоа допуштаат споредба со тоа што се именува како прет-ставна страна на истиот знак. Уште поедноставно: едното е глас, слог, збор, фраза и дискурс; другото е смислата на таа фраза, составена од зборови, а пак овие од слогови во кои препознаваме гласови. За да дознаеме/разбереме (=смисла) нешто мора, најпрвин да го – препознаеме. Тоа препознавање =reconnaïtre)6F е, како што одамна се знае, основа на реториката која, како што велеше Аристотел, се занимава со тоа како се составуваат беседи (= дискурси), а пак дознавањето/разбирање (=connaïtre) е основа на интерпретацијата (=херменевтика) која, од своја страна, ги проучува правилата на читањето.
Постојат, значи, три можности за оној што сака разложно и разумно (= научно) да расправа за литературно дело: а) реторичка, која тргнува од конфигурацијата=знак; b) херменевтичка, која тргнува од евокацијата=значење и c) структурна7F, која тргнува од природното, неразделно единство знак-значење. Првата можност Тодоров ја претстави во исцрпна форма (од практиката на Платон до практиката на Јакобсон и Фројд) во книгата Теории на симболот (Théories des symbole, 1977): „сакав книгава да може да се користи како извор на документи“ (ibid, 18); втората можност во – следната книга-продолжение на претходната, со наслов Симбиолизам и интерпретација ( Symbolisme et interpretation, 1978): „мојата амбиција е (…) да покажам зошто се можни повеќе интерпретации и како функционираат тие (ibid, 21); а пак третата, во книгата Дискурсивните жанри ( Les genres du discours, 1978), во која испитува и дефинира особености на различни писма (психотичко, расказно, поетско) кои се јавуваат под формите: новела или роман (Е. А. По, Новалис), особен вид нелинеарна поезија (Рембо), магија, поговорка или духовитата изрека.
Ако кон тоа се додадат: една посебна книга која расправа за магистрални критички теории и практики во нашиот век: руски формалисти, Брехт, Сартр, Бланшо, Барт, Фреј, Ват и Бенишу (Critique de la critique, 1984);
потоа посебна книга со текстови на „дијалошкиот“ Бахтин и критички коментари кон тие текстови (Mikhaïl Bakhtin: le principe dialogique, 1982); презентација, редакција и преводи на оделни текстови за книгата Прашања на поетиката (Questions de poétique, 1974) на Роман Осипович Јакобсон, кон која треба да се приклучат уште две: Русија лудост поезија (Russie folie poésie, 1986) и Еден живот во јазикот (Une vie dans la langue, 1985); долгогодишната уредничка и соработничка дејност во специјалистичката ревија за литература Poétique, – нема да се претера ако се рече дека е во прашање импозантно научно дело кое го вклучи Цветан Тодоров (оној, по малку „зајасдлив“ Иван од романот на Кристева) во редот водечки специјалисти по литература и – мислители на денешниот модерен свет. Токму тоа дело го постави него на местото директор на Националниот центар за научни истражувања (CNRS). На таква титула-признание може да се надева, во Франција, само човек кој веќе ја задолжил не само нејзината, туку и културата на светот. Или, сликовито речено: човек кој не само што знае издржливо и добро да плива, туку располага и со неисцрпна (чудовишна) енергија која го одржува на површината од бурното, зовриено море на француската култура, полно со подводни гребени и незаситни интелектуални ајкули.

#b
4. Македонско издание во два тома. – Скопје, Детска радост 1994 (прев. и предговор А. Вангелов)
5. Todorov, Poétique, 29.
6. Emile Beenvenist: Sémiologie de la langue in Problème de la linguistique générale 2. – Paris, Gallimard/TEL 1989, 43 – 66.
7. Или: intentio scriptoris (= писател), intentio lectoris (= читател) и intentio operis (= дело), кажано со техничкиот јазик на Умберто Еко (Les limites de l’interpretation. – Paris, Grasset 1992, 29-32.

АвторАтанас Вангелов
2018-08-21T17:21:59+00:00 јануари 1st, 2001|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 18|