Мојот маж

Мојот маж

Денеска е петок. Од понеделникот наваму, мојот маж, секој ден по враќањето од работа, останува да седи во колата паркирана пред нашата куќа. Седи без движења, и само понекогаш ја наведнува главата, го спушта челото на работ од воланот.
Седи сè подолго и подолго. Во понеделникот излезе од автомобилот веќе после петнаесет минути; во средата се задржа речиси цел саат. Сега надвор светат уличните светилки а тој, темна силуета, и понатаму седи.
Првиот ден, кога влезе во куќата, со дланка му го допрев образот. Не го крена погледот. После веќе не го допирав, ништо не го прашував. Бев трпелива. Кога легнавме, ја кренав ноќницата сè до брадата, му се приближив и го обвив со голите нозе. Ја завлече раката меѓу моите нозе, како и секогаш, но знаев дека прстите всушност му се наоѓаат на некое друго место.
Минатата недела, во нашата улица, во една од соседните куќи, открија мртва жена. Нејзината сосетка повикала полиција бидејќи мачките во куќата на мртвата жена, за која тогаш никој не знаеше дека е мртва, не престануваа да мјаукаат. Кога ја скршија вратата, мачките истрчаа надвор. Жената ја најдоа на подот во спалната соба, крај креветот.
Вчера се сетив на тоа. Помислив дека помеѓу таа смрт и однесувањето на мојот маж постои некоја врска, но набргу се откажав од обидот да ја најдам. Не е лесно да се мисли на нечие умирање, без оглед на тоа што ниту јас ниту тој не знаевме како таа жена изгледала.
Мачките останаа во дворот. Понекогаш доаѓаат зад нашата куќа, ги кинат кесите со ѓубре, вадат отпадоци.
Не знам веќе колку е саат. Мојот маж и понатаму седи во колата, делумно осветлен од светлоста на уличната светилка. Ако наскоро не излезе, ќе му однесам ќебе. Кога се доселивме овде, јаболкницата пред куќата беше во цут, но сега е есен, гранките се голи, ноќите се студени, само облаците се трупаат на небото.
Тогаш помислувам на соседите. Сигурно забележале што се случува деновиве пред нашата куќа. Секогаш, и онака, сè забележуваат. Навечер седат во темнина, дење се кријат зад завесите, и набљудуваат низ големите прозорци. Не знам, всушност, што очекуваат да видат. Наутро, пред девет, по улицата минува поштарот. Напладне, во вторник и во петок, еден младич, Кинез, уфрлува рекламни листови во поштенските сандачиња. Во четири попладне, во работните денови, веројатно после училиште, еден постар човек и едно девојче со мал ранец на грбот влегуваат во соседната куќа. Во сабота претпладне, или е тоа можеби во недела, доаѓаат Јеховините сведоци. Ништо друго не се случува.
Сега го гледаат мојот маж, склопчен околу воланот како давеник.
Еднаш навистина сонувал дека се дави. Отпливал предалеку од брегот во тој сон, ми рече, и не можел да се врати. Ги спуштил рацете низ телото и почнал да тоне. Додека тонел, околината полека исчезнувала од неговиот видокруг, како некој со џиновска гумичка да му го бришел погледот. Изчезнал брегот, потоа врбите и тополите, потоа кулата на ридот, и останало само синилото на небото. Тогаш, наместо него, се појавило синилото на водата. Пред очите му заиграле кломбурци од воздух коишто итале надвор. Потоа веќе ништо не гледал. Почувствувал ужасен страв и се разбудил.
Се обидов да го утешам. Го прегрнав и му шептев сенешто на уво. Сето тоа ќе премине врз кучето и мачето, му велев и го лулав. Еден, два, три, од стравот си посилен ти.
Кога ја најдоа онаа жена, црна мачка седела на нејзините гради. Седела за сето време додека траел увидот, и слегла дури откога болничарите ја ставиле мртвата жена на носила. Потоа и таа, претпоставувам, излегла надвор.
Кон средината на септември, дрвото беше полно со јаболка. Јадевме по три-четири секој ден, правев и пита, готвев компот. Набрав две пластични кеси јаболка и едната ја спуштив пред вратата на соседната куќа. Другата ја оставив пред нашата врата, за поштарот.
Во средата ми рече дека понекогаш, додека вози кон работа, слуша црцор на птици. Кога ќе застанел на семафор, се кривел и ѕиркал низ прозорците, но ништо не можел да види, само пустелијата на празното небо.
Не знам зошто сега се сеќавам на сите тие нешта. Нозете ме болат од стоење, меѓутоа, ако седнам во фотелјата, нема да можам да гледам на улицата; ако седнам на троседот, ќе ѝ бидам свртена со грб; ако прилегнам, ќе потонам во сон.
Вчера, во четвртокот, остана во колата два саати. Стоев исто вака, крај прозорецот, како и којзнае колку соседи, и чекав. Ручекот остинуваше на масата: пилешки копани и грашок, зелена салата, пудинг од чоколада. На крајот сè фрлив во ѓубре.
Денеска не готвев ништо.
Утринава, додека пиевме кафе, го прашав дали сака нешто да ми каже, што и да е. Сега е вистинскиот момент, реков, после ќе биде доцна. Мојот маж го остави весникот, ги симна очилата, ги протри очите. За што? Праша. Не знаев. Реков: за сè. Мојот маж ги стави очилата и ме погледна. Одамна не ме погледнал, помислив, дури се обидов и да се насмевнам. Мојот маж не престануваше да ме гледа. Тогаш ми засолзија очите и ја сведнав главата.
Требаше да земеме една мачка. Сега ќе ми се врвчеше околу нозете, ќе го превиткуваше грбот и ќе го ширеше опашот.
Ништо не поврзано со што и да е, рече мојот маж кога му раскажував за физичарите коишто трагаат по последната сеопфатна теорија. Прочитав текст за нив во неделникот што поштарот секоја среда ни го остава во сандачето. Таа теорија, реков, би требало да ги поврзе сите појави на светот во неделива целина. Мојот маж ја потпре главата на раката и ги затвори очите. Секој од нас, рече, оди по овој свет сосем сам. А јас, го прашав, каде сум јас? Мојот маж ме погледна. Тоа и јас, рече, би сакал да го знам.
Ништо не реков тогаш. Станав, ја зедов чинијата со кекси и најдов чајно тркалце. Го ставив в уста и се обидов да го протнам јазикот низ дупката на средината. Тркалцето се скрши, се навлажни од плунката и тестото ми се залепи за забите.
Требаше тогаш нешто да кажам, и покрај тестото. Требаше да го затресам, да го фатам за коса и да кажам: Гледај! Ти ја кубам косата! Не си сам! Можев и да не се помрднам, можев така да зборувам, додека седам, ништо не ме спречуваше. Да речев тогаш нешто, сега немаше да стојам покрај прозорецот.
Тогаш тој продолжи да зборува. Рече: Кога ќе ја пружиш раката, зарем навистина мислиш дека некого допираш? Во најдобар случај, ќе допреш нечиј одраз, и тоа не ќе го сториш ти, туку твојот одраз. Одразот допира одраз, тоа е сиот живот. Овој свет е како огледало во кое се одразуваат нештата што се случуваат на некое друго место, надвор од нас. Во стварноста, овде е секој сам. Во огледалото, привиди сме, опкружени со други привиди. Таму мене ме нема.
Одам по ќебе. Доста чекав. Ќе го кренам, тој е толку лесен, ќе го внесам во куќата, ќе му зготвам супа. Ќе му речам дека самотијата е нешто што ние го избираме, дека поинаку не можеме да веруваме, со огледало или без него, не е важно, и ќе го држам сè додека не почне да се претопува во мене, додека не престане да биде сам.
Кога излегувам надвор, ме изненадуваат ѕвездите.

Превод од српски: Игор Исаковски

2018-08-21T17:21:47+00:00 октомври 1st, 2002|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 28|