Мопед на море

Мопед на море

Мина еден саат додека човекот пак не го префрли мопедот преку оградата и го закачи на скалилата. Му рече збогум на Исаак, кој го замоли да дојде со него во остатокот од патувањето.
„Можам дури и да ти го покажувам патот; сум работел на многу бродови“.
Но човекот избувна во смеа.
„Како прво, ќе треба да вежбаш со години“, му рече. „Но, ако сакав и ќе можев да те земам со себе. Можам доволно добро да управувам, и можам гумите да ги напумпам колку што треба, ама не сакам. Зошто би сакал? Се возам на море со месеци; зошто сега би те зел тебе, во последната недела? Каква смисла би имало тоа? Конечно, сакам да поставам соло рекорд. Како би им објаснил на луѓето на целта дека ти си дошол во последните метри? Би требало да отфрлам сè што имам само за да може мопедот да продолжи со уште некој зад мене. Освен тоа, никогаш не сум вежбал со патник. Ќе треба да правиш секакви видови неочекувани движења. Ќе мораш лесно да потскокнуваш, како да танцуваш врз водата“.
Човекот продолжи: „Знаеш нешто за одење по јаже?“.
Исаак, кој не беше сигурен кон што точно цели човекот, призна дека не знае.
„Епа“, рече човекот, „мораш да балансираш на мопедот и да ги одржуваш тркалата што е можно поблиску до врвот на бранот“.
Со ова, тој се збогуваше од Исаак и се симна по скалилата од јаже со својот мопед. Исаак сакаше да ги намести скалилата, но човекот пак почна да вика (овој пат многу гласно): „Пази! Пази!“.
Кога стигна на дното од скалилата, човекот го запали мопедот под полн гас а тркалата се вртеа над самата површина на водата. Неколку пати нежно ги допре тркалата до водата и потоа, без предупредување, скокна врз забревтаниот мопед и му ја здувна преку морето.
Почнуваше да се разденува. Исаак беше очаен. За петнаесет минути мопедот исчезна зад хоризонтот. Реши да се врати по еден час.
Утрината, му кажа на радио-операторот што се случило ноќта. Радио-операторот слегна со рамениците и, кога Исаак инсистираше дека сето тоа е вистина, му се насмеа. За еден саат целиот екипаж знаеше дека Исаак ноќта видел човек како вози по водата. Сите се смееја.
На крајот од денот, Исаак беше многу поспан. Но, пред да се повлече, отиде за миг на крмената палуба. Сонцето беше зајдено. Се чинеше дека ова ќе биде уште една пријатна ноќ, но малку пооблачна. Исаак автоматски почна да го испитува хоризонтот. Од човекот на мопедот, се разбира, немаше ни трага.
Исаак почувствува дека ќе се расплаче. Не се вклопуваше на брегот, не се вклопуваше во екипажот, не се вклопуваше дури ни со човекот на мопедот. Зјапаше во опасниот вител од пена зад пропелерот и во птиците кои летаа зад бродот. Му падна на памет дека е осамен човек, и полека сфати дека секогаш ќе биде.
Запали цигара и почна да потпевнува химна. Едвај можеше да си го чуе сопствениот глас. Ветрот се засили, што придонесе пропелерот повремено да излегува од водата, диво вртејќи се пред да се врати во морето. Исаак гледаше во една од морските птици и посака и тој да може да лебди и да слетува како му е волја. Посака да лета зад бродовите, или далеку зад хоризонтот. Несвесно, почна да ги имитира движењата на крилјата на албатросот во лет. Заповедникот на палубата случајно го виде и под дланката се насмеа, зашто можеше да види дека Исаак со двете нозе цврсто стоеше на палубата.

Од англискиот превод на Сем Герет, превел Игор Исаковски

АвторЈ.М.А. Биешовел
2018-08-21T17:21:25+00:00 јуни 4th, 2006|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 48|