Мисија: Потрага по „ромското“ во себе

/, Литература, Блесок бр. 91/Мисија: Потрага по „ромското“ во себе

Мисија: Потрага по „ромското“ во себе

#1 Критиката на Наоби Томпсон за филмот на Тони Гатлиф Гаџо Дило, го следи историскиот тек на поделба на Ромите од не-Ромите. Живеејќи одделно едни од други и со многу малку допирни точки (доколку некои и постојат), реалноста на оваа врска е навлезена во тоа како овој филм се гледа и се разбира. Всушност, Томпсон пишува од гледна точка на не-Ромите без да им даде глас на Ромите како гледачи на истиот филм. Во секој случај, овој филм раскажува за тоа како не-Ромите се среќаваат со ромската култура – авантура која го открива скриениот копнеж да се ѕирне во фасцинантниот живот на Ромите. Иако таа го потенцира јазот во (не)разбирањето меѓу двете групи, таа не развива конкретни аргументи за тоа како овој филм влијае на големината на овој раздор.
Во својата критика, Томпсон зазема позиција на едната страна на јазот наместо да лебди во средина и да ги надгледува двете страни. Во презентирањето на нејзините аргументи од не-ромска перспектива таа се потпира на романтичните ставови за Ромите, и како што ќе видиме подоцна, ставови кои им даваат лична утеха. Ова е првата слика што таа ја опишува: „Овој филм е круна на достигнувањето на Гатлиф како интерпретатор на ромската култура, конечно носејќи не позади прагот и внатре во кревет со виолинистите, крадците на коњи, темно-кожи номади притаени во нивните кочии и кампови на работ на Европската Тврдина.“1F Токму тука Томпсон ја воспоставува поделбата помеѓу ние и тие и сите аргументи кои што следат се за тоа како „ние ги откриваме нив“ преку ликот на Стефан. Она што следи всушност е разоткривање на ориенталистичката фасцинантност комотно проектирана во ромската култура, како што наведува и самата Томпсон: „…соочени сме со бегалец од нашите дефектни култури кој што бара сребрена вистина во егзотичните и непознати околини воспоставувајќи контакт со ‘другиот’ и спремајќи се да се врати назад со ограбеното богатство – Елгин мермер кој ќе ни го расветли животот.“2F Јасно е дека таа сочувствува со мисијата на Стефан и уште повеќе ја потенцира егзотичната природа на неговата авантура вклучувајќи неколку алузии со секс сцени во филмот и опишувајќи го среќавањето со Ромите како момент на трансфер во шаманска екстаза. Таа истакнува колку е битно да се преземе културата на „другиот“ за да се добие влез во заедницата, а што е најважно, Томпсон многу живо ни го опишува нејзиното разочарување што протагонистот во последната сцена ги уништува касетите со Ромска музика. За неа, овој потег е како „шлаканица по дланката“, момент на будење за тие кои што имаат намера да го консумираат само она што најмногу им се допаѓа во врска со Ромите – нивната музика. Томпсон покажува вистинска грижа и емпатија спрема Ромите само во последните неколку параграфи од нејзината критика за филмот велејќи дека постои опасност од нивна објективизација. Ова е помалку необична смена на тон бидејќи она што таа го прави претходно во нејзиниот текст е всушност тоа – објективизација на Ромите. Поради ова, не е јасно дали нејзината критика има за цел да покаже дека јазот во меѓусебното разбирање ќе остане во состојбата во која што е или пак има за цел да покаже дека овој филмски потег кој се обраќа на прашањето на дискриминација на Ромите е поучна приказна за не-Ромите?
Иако не ја сметам за грешна одлуката на Томпсон да ги презентира своите аргументи од перспективата на не-Ромите како гледачи, она што е проблематично во нејзината одлука е што и самата се вклучува како дел од таа публика наместо да ги пренесува своите забелешки како надворешен набљудувач. Нејзиниот пристап е особено проблематичен на крајот од нејзината критика кога се обидува да наметне поважна идеја за филмот и тоа го прави со многу мал кредибилитет. Таа не успева да изгради кредибилитет во нејзиниот текст бидејќи сите нејзини ставови содржат стереотипи кои што дел веќе постојат во имагинацијата на гледачите (вклучувајќи ја и нејзе), а дел се наметнати од самиот филм. Таа ги објективизира Ромите преку бројни фрази кои што претходно и ги споменав создавајќи го ликот на „другиот“ – нескротлив, дете, слободен дух, и се она кое што е поттиснато во не-Ромите а диктирано од општествените очекувања, изгубениот внатрешен Ром. Во суштина, овој текст има за цел да избега од секојдневната реалност за да повторно го пронајде однатре она што се смета за Ромско во поширокото општество.
Иако е споменато на кратко, преземањето на ромската култура од страна на Стефан заслужува повеќе внимание. Иан Хенкок, Ромски доктор по науки, има пишувано многу за недостапноста на ромската култура кое историски резултира во конфликт помеѓу Ромите и не-Ромите. Според него, постојат седум причини зошто Ромите не се добредојдени во денешните општества, а тоа се: Ромите се сметаат за странци и не-христијани, нивниот физички изглед, ромската култура е по природа ексклузивна, начинот на кој што Ромите живеат, создавањето на изразот „циган”, фактот што Ромите се лесна цел за префрлање на вината, и малата едукација на не-Ромите за потеклото на Ромите.3F Сметам дека доколку дискусијата е повеќе насочена во овој правец тогаш последните искази на Томпсон за опасноста од објективизација на Ромите би содржеле поголем кредибилитет и би ја зајакнале важноста на моментот на будење кај гледачите кога Стефан ги уништува касетите. Со оглед на насловот на текстот на Томпсон („Разбирајќи го јазот“), читателот очекува таа да се фокусира повеќе на значењето зад уништувањето на касетите (затворање наспроти проширување на јазот) наместо да се заплетка во стереотипизација. Една од поважните идеи кои што Гатлиф се обидува да им ја покаже на гледачите е лицемерноста и себичноста кога е во прашање селективното ценење на културните карактеристики. Ромите се најдобро познати по нивната музика и овие касети кои што ги содржат се богатство за оние кои се обидуваат да го пронајдат повторно она што го симболизира Ромот за не-Ромите. Но, тоа е се што тие сакаат да направат. Секој од гледачите крикнува кога Стефан ги уништува касетите (“Не! Не касетите!”), но речиси никој не се противи кога домовите на Ромите се во пламен. Ромската заедница како таква не е потребна и може слободно да се уништи. Гатлиф го користи овој пристап на контраст на реакциите на гледачите во две различни сцени за да ја потенцира лицемерната фасцинираност со Ромите.
Универзалноста на овие идеи е јасна и постои во сите култури кои се сметаат за егзотични. Тука не е во прашање само ромската култура туку секоја култура во која што луѓето се обидуваат да го ослободат потиснатиот дел од себе. Многумина се обидуваат тоа да го направат преку крадење на нешто од друга култура без да го ценат неговото постоење во заедницата од која што потекнува и начинот на кој што се користи од страна на заедницата. На тој начин, меѓусебното разбирање помеѓу културите останува затворен круг без затворен јаз.

#b
1. Thompson, Niobe. “Understanding the Gulf: Tony Gatlif’s Gadjo Dilo.” CER: Central Europe Review. 27 Nov. 2000. Web. 25 Oct. 2011. .
2. Thompson, Niobe. “Understanding the Gulf: Tony Gatlif’s Gadjo Dilo.”
3. Hancock, Ian. We are the Romani People. Hertfordshire: University of Hertfordshire Press, 2002. Print. p. 54-63

АвторЕрмира Камбери
2018-08-21T17:20:48+00:00 септември 21st, 2013|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 91|