СОБАРКАТА ШТО ДИПЛОМИРАШЕ
НА ТОМАС ХОБС
Цело утро си го барав местото,
а сега, кога пладнето седна на чело како испотен газ
и капачите очајно бараат воздух кај летачките продавачи,
доаѓаат двајца и две со две плус две деца
па со крпите налик на чаршафи што нè чекаат
се закануваат да го одземат и тоа малку растојание за кое се изборив
Квадратот воздух што по плажното право ми припаѓа
го пумпаат во душеци, гуми, перници,
во рамена, раце, цицки под американското знаме,
во шиите што се шират, бутовите и богородица на бицепсот
која отекува како стара алкохоличарка
желна за уште и уште опојно обожавање
Пламнати и сјајни мојата кожа ги изразува
како белата подлога текстот:
заменлива сум а сепак нужна
за зборовите да добијат на важност
Сонце сонце, оштети ме