Метафора на припадност

/, Литература, Блесок бр. 17/Метафора на припадност

Метафора на припадност

(За книгата на Кристина Николовска: „Метафора на припадност“, Зојдер, Скопје, 1999, 514)

Првенецот на Кристина Николовска е насочен кон два ентитета: метафората на припадност и современата македонска поезија, поточно кон проблемот на природата, присуството и функцијата на оваа фигура во дадениот корпус поезија.
Инаку книгата Метафора на припадност, во издание на „Зојдер“ од Скопје, произлезе како резултат на нејзиниот магистерски труд. Тој е обемен труд од 514 страници, кој условно може да се подели на два дела.
Првиот дел, кој опфаќа околу 160 страници, ја дава теоријата на метафората на припадност, како и неопходниот клуч за читање на оваа фигура од техничка гледна точка. Таа теорија ја дава во неколку поглавја. Така најпрвин го објаснува самиот поим и неговата структура, со посебен осврт на теоријата на остапката. Потоа во делот Типологија говори за два вида на метафори: живи и мртви т.е. лексикализирани метафори. Наредното поглавје се однесува на идентификацијата, систематизацијата и интерпретацијата на семантичките јадра. Преку прегледот на разновидните метаболи, во четвртото поглавје доаѓа до самата метафора на припадност, која е предмет на нејзиниот интерес. Понатаму таа истражува уште неколку феномени на метафората на припадност како што се: нејзиното место и улога во контекстот, нејзината синхриниска и дијахрониска перспектива, како и нејзиниот статус во современата македонска поезија.
Вториот дел од првенецот на Кристина Николовска го сочинува пописот на метафората на припадност во современата македонска поезија, кој всушност претставува Речник на метафората на припадност во современата македонска поезија и опфаќа 310 страници. Овој речник се базира на творештвото на дваесет истакнати македонски поети (К. Рацин, С. Јаневски, Б. Конески, А. Шопов, Г. Ивановски, С. Ивановски, М. Матевски, Г. Тодоровски, Ц. Андреевски, А. Поповски, Ј. Котески. Д. Ручигај, П. М. Андреевски, В. Урошевиќ, П. Т. Бошковски, М. Ренџов, Р. Павловски, Б. Ѓузел, Ч. Јакимовски, Е. Клетников), кои творат во периодот од 1939 до 1992 година, значи повеќе од педесет години. Овој факт упатува на две ординарни ориентации при анализата на овој проблем. Од една страна можност за тотална синхрониска перспектива при истражувањето, а од друга дијахрониска перспектива како еволутивен преглед на процесите. Притоа опфатени се околу 160 книги поезија или, приблично 160 000 стихови. Имињата на авторите се дадени по азбучен ред, додека за пописот на делата, авторот Кристина Николовска го користи хронолошкиот критериум. Во своето испитување таа тргнува од резултатите на актуелната неореторика (Ж. Коен, М. Рајфатер, Групата Ми) според кои еден фигуративен говор, а со тоа и самата метафора на припадност се определува како: аномалија, отстапка, прекршок или девијација по однос на дадена норма. Целото нејзино истражување е стилистичко по природа и како такво, како што вели и Атанас Вангелов во предговорот кон оваа книга, влегува во самиот центар на модерните расправии во литературата.
Кои се резултатите до кои доаѓа Кристина Николовска и кои ги изложува во ова свое дело? Метафората на припадност стекнува статус на единствен дискурсивен механизам, клише или стереотип во поезијата на М. Матевски. Таа, пак, како индивидуален стилоген стандард се јавува во поезијата на Р. Павловски, Е. Клетников и Б. Ѓузел. На колективен план оваа метафора стекнува статус на манир или начин на пеење во почетокот на шеесеттите години. Во постапките, пак, на поетите: Ј. Котески, С. Јаневски, В. Урошевиќ, А. Поповски, Г. Тодоровски и М. Ренџов припадничката фигура се пројавува како евидентен стилски факт. Таа како квантитативно редуцирана појава е востановена кај поетите: К. Рацин, Б. Конески, А. Шопов, С. Ивановски, П. М. Андреевски, Г. Ивановски, и кај авторите со помалку збирки: Ц. Андреевски, П. Т. Бошковски, Ч. Јакимовски и Д. Ручигај.
Од една страна книгата Метафора на припадност пред нас поставува едно клучно и исто толку сложено прашање кое во општа смисла е интегрален сегмент на општото подрачје на т.н. метафорика. Токму поради тоа овој труд е многу значаен. Од друга, пак, страна во македонската литературна наука ова прашање нема поширока традиција. Најчесто македонските литературни истражувачи до него се допирале индиректно, преку негово инкорпорирање во тезите и антитезите за „старото“ или „новото“ т.е. за модернизмот фаворизиран преку надреализмот (Д. Митрев, А. Спасов, М. Ѓурчинов). Општата метафорика како интердисциплинарен медиум, во македонската книжевна критика бележи пошироко присуство во трудовите на Г. Сталев Македонскиот верс, на К. Ќулавкова Метафората и современата македонска поезија, како и во трудовите Уморне речи и Метафората на припадност во современата македонска поезија на А. Вангелов.
Така книгата на Кристина Николовска Метафора на припадност и особено Речникот поместен во оваа книга, е првенец, не само нејзин, туку и во македонската литературна наука и критика.

АвторВесна Мојсова-Чепишевска
2018-08-21T17:22:01+00:00 октомври 1st, 2000|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 17|