Машина за пишување

/, Блесок бр. 08, Литература/Машина за пишување

Машина за пишување

БЕА МУ РЕКЛЕ: земи машина, позајми ја за два-три дена, белки некој ќе ти ја даде. Навистина, ако имаш во главата сè готово, земи ја машината и отчукај го тоа направо, ајде, имај храброст; нели ти имаш сè веќе во главата, понатаму лесно ќе биде. Долго тој трчкаше од една до друга канцеларија во потрага за пригодна машина, но ниедна што ќе ја најдеше не му се допаѓаше, или беше премногу тешка и груба или премногу рапава, со некоја поврвнина што чувствуваше дека никогаш не ќе може да ја прими во себе како своја, во секој случај ниедна од овие машини не одговараше, не ѝ доликуваше на онаа замисла што ќе треба да ја отчука. Му беше јасно дека изборот на машина може да биде од пресудно значење во моментот на отчукувањето; секој нејзин дел што претходно, на време, не го усвоил, можеше тогаш да го изненади, да го презафати, да прелета преку неговата свест со силината на еден метеор и потем сета негова приготвена замисла можеше да изгори од јаркоста на тоа изненадување, да исчезне без трага и глас. Тоа не значи дека неговата замисла, идејата за што ќе пишуваше, беше слаба, штом е подложна на нестанок и од едно обично изненадување; не, напротив, таа непрестајно вриеше во него од некое време со несмалена жестина; тој ја чувствуваше во себе како се движи угоре, удолу, прета како дете пред раѓање во мајчината утроба; понекогаш таа земаше толку широк замав во него што прекипуваше и надвор од него, во секој негов поглед, во секој негов збор, во секое негово движење што ќе го направеше со рацете: тогаш тој не престануваше да мрда со нив, нервозно го откопчуваше и закопчуваше палтото, брцаше по џеповите, му идеше тогаш да ги праша, каде, каде бре раце мои?; дури и кога не чинеше ништо со нив, т.е. Не го прекопчуваше палтото и не брцаше по џеповите, ги набљудуваше: прстите пак нешто мрдаа, си дошепнуваа меѓу себе, што ли сè не правеа само да му се додворат на оној општ центар што ги покренуваше однатре; тој беше уверен дека во сите тие прекопчувања и бркнувања по џепови, во сите тие мрдања и дошепнувања, дека во сите нив постојат знаци на неговата замисла и идеја, и кога сите тие дејствувања би можеле на некој начин да се втиснат во околината, да се пренесат на некој нејзин предмет, тој беше уверен дека во тој отпечаток, дека во тој предмет, ќе ја пронајде својата замисла – идеја. Поттикнат од ваквата своја увереност, тој понекогаш се зафаќаше да го испитува копчето, околу кое прстите до пред малку лудо мрдаа, и да ги претражува џеповите во кои пред малку рацете безмилосно бркнуваа и шаваа. Се разбира дека тоа остануваше без никаков резултат; та тој не беше некој дактилоскоп; можеби на копчињата и џеповите постоеја навистина некакви отпечатоци и белези што можеа нешто да значат, но тие не даваат да се забележат со голо око. А тогаш му рекоа да земе машина. Така, ем прстите ќе имаат што да прават – му велеа тие, ем, од сето тоа ќе се добива отпечаток, знак што во себе ќе ја има сета содржина на твојата замисла, така што и самиот ќе си ја повратиш неа и да бидеш облаготворен; уште повеќе, тој знак ќе биде читлив и за други луѓе на кои ти ќе им дадеш можност и самите да го доживеат твоето блаженство.
И така, долго бараше машина но пригодна никако да најде. Испошета по сите канцеларии во градот, но резултатот насекаде беше ист; тој на крајот ќе си речеше: Не, и оваа не можам да ја земам, и таа има неколку бурми и штрафчиња што воопшто ми се непознати и туѓи. Почна да се сомнева и во тоа дека воопшто постои машина што би одговарала на неговата идеја. Беше очаен, оти беше и неспособен самиот да конструира таква машина. Но еден ден, додека бесцелно скиташе така очаен по улиците, го запре еден негов пријател и му рече: „Сум чул дека бараш машина, па те запрев да ти кажам дека и јас имам една дома, навистина стара е, но ако сакаш да појдеме до дома да ти ја покажам, можеби ќе ти се допадне“. И појдоа, отидоа кај него дома, тој одеше без некоја особена надеж, повеќе од почит спрема својот стар пријател; дојдоа, стасаа дома, се качија на таван и тогаш неговиот пријател од најтемното и најправливото катче извади еден црн предмет за кого рече дека е таа машина. Откако ја исчистија од дебелиот слој прав што беше се насобрал, тој насети уште по обликот на футролата дека тоа е вистинската пригодна машина. Бргу ја отворија. Имаше што да види, тоа навистина беше таа, машината што наполно ѝ одговараше на неговата идеја. Уште од првиот поглед тој веднаш ја препозна, да, без сомневање, таа беше вистинската. Долго ја испитуваше иако знаеше дека тоа е бесполезно. Колку тој да се мачеше, не ќе можеше да ѝ се изнајде ниедна мана што би се косела и би ја сопнувала идејата, побргу ќе се случеше идејата да се измени спрема нив, привидните мани на машината. Сè тука беше одамна негово, секое бурмиче и штрафче тука беше одамна на своето вистинско место. „Мошне е стара – му рече пријателот што криво го разбра тоа негово испитување, уште од татко ми покоен останала, мислам дека и една буква затајува“. „Ништо за тоа, тоа може лесно да се поправи. Важно е што таа наполно ми одговара“.
Сега, кога тој најпосле пронајде машина спрема својата идеја внатре во себе, и кога меѓу нив обете беше постигнат совршен складен и рамноправен однос (тие веќе се надополнуваа), сега му остануваше само да ја извлече машината од својот пријател кај себе дома. Оти, што ако тој му ја оставеше на располагање целата негова куќа, во неа да отчукува колку му е драго, кога тој самиот чувствуваше дека нема да биде среќен ако во својот допир со љубениот предмет му допушти да присуствува и на некој трет, зашто јасно, тоа е исто како и да го немаш тој љубен предмет. При тоа требаше само да внимава никој да не биде повреден. Тој проблем, што беше така да се рече, од чисто техничка природа, тој го реши мошне лесно. Едноставно во следните неколку дни, тој непрестајно беше со својот пријател, му одобруваше сè што годе овој ќе кажеше, не дека лазеше до коленичење пред него, не, само му одобруваше пријателски поттикнат од една стара преостаната жилка христијанска добрина; за тие неколку дни со еден збор тој стана толку интимен со него што на крајот можеше да му ја соопшти својата желба да ја има машината кај себе дома без да се плаши дека некој од тоа би можел да се навреди.
И така, една вечер, откако без извршени и последните, крајни подготовки, оти тој сакаше сè да оди математички сигурно, во никој случај не сакаше да биде одбиен, тој се реши да му ја побара машината. Тоа тој го стори многу вешто, го вметна во обичниот разговор како наивна забелешка за времето. Со тоа тој ја исклучи и последната можност за одбивање, оти ако на суетноста на неговиот пријател ѝ одговараше, при официјалното барање, неодредениот одговор „па ќе видам“ или „морам да размислам“, тоа никако не можеше да одговара при една ваква забелешка, вметната прозаично и лесно во многу побитниот разговор. Затоа на ова можеше да се одговори со соодветна немарност, засилена со тоа што нејзе ќе ѝ биде дадено што покусо време на траење, нека таа, штом е толку прозаична, лесно спомената, исчезне што побргу од неговиот мозок. Најтешко нему му беше додека одеа по машината (да, неговиот пријател беше решил што побргу да докрајчи со тоа, ете машината ќе му ја даде уште таа вечер, барем една прозаичност помалку во неговиот живот), тој и понатаму мораше да го води тој обичен разговор иако неговата цел, најнакрај, по толку време, по толку трчање и маки, беше постигната. Но најодзади тие сепак стасаа до куќата, неговиот пријател влезе внатре и по кусо време пак излезе носејќи ја машината, му ја даде сета дури и сосе клучето за отварање на футролата (благодарам на господа што се куртулив од неа! Белки сега мојот живот, олеснат од една прозаичност, ќе биде полн и побогат), самиот тој ја направи и последната забелешка за времето и тие најпосле се разделија. Кога тој остана сам во темнината, со плодотворната содржина на тежината на машината во рацете, за миг впечатокот беше толку силен што тој се почувствува нестварен. Навистина, тој и пред тоа предвидуваше дека ќе биде многу среќен кога ќе ја има машината, но никогаш не помислуваше дека разликата меѓу немањето и имањето ќе биде толку голема, толку реска; од една страна нешто неодредено, несфатливо, нешто толку далеку од тебе што можеш само да го замислиш, а на друга: цврст допир, маса, тежина, нешто што можеш бескрајно долго до изабеност да го допираш, да го милуваш, а што е премногу близу, дури и внатре во тебе, за да го замислиш. Како по некоја огромна и страшна катастрофа, одеднаш околината почна да се испразнува, улици, куќи, дрвја, сето тоа како да беше однесено од силен замав на луња во неврат, остана само тој, единствен, сам, бродоломник на пуста карпа сред празната морска шир. Чувствуваше дека нешто мора да се случи, за да се пополни оваа празнина однадвор. Нешто мора да се случи надвор од него како одговор на неговата среќа внатре во него, на неговите радосни свиркања и извици. А тоа може да го предизвика сешто, од прелетувањето на една обична прашинка, може да се одрони некое парче од небото, од нечие обично кашлање или кивање плочниците можат да се подлизнат. Но затоа пак тој ќе биде крајно претпазлив, еве, преку оваа улица ќе претрча со најголема брзина за да не се снајде од некоја страна некоја кола, а на оној друг плочник ќе гледа да го израмни тактот на својот ôд до лизгање, оти неговиот удар би можел да предизвика судбоносни изместувања во утробата на машината. Од кај знаеш? Сега сè може да се случи. Ами, ако се препнеш на некоја нерамна плочка? Боже мој, па машината при своето паѓање би можела да ги испушти сите бурмиња и штрафчиња и потоа веќе никој не би можел да ги намести нив пак на старото место. Освен тоа… да, освен тоа ако таа се распарчи од паѓањето, ќе се разложи и сета идеја што тој ја има во себе, оти таа е веќе неразделно сврзана со неа.

2018-08-21T17:22:10+00:00 април 1st, 1999|Categories: Проза, Блесок бр. 08, Литература|