Манифест на монтажното и неконформистичкото

/, Литература, Блесок бр. 61-62/Манифест на монтажното и неконформистичкото

Манифест на монтажното и неконформистичкото

(„Раковиот напоредник“ од Хенри Милер)

#2 Несомнено еден од најзначајните светски романи, „Раковиот напоредник“ (Tropic of Cancer, Париз, 1934) на Хенри Милер не престанува да предизвикува книжевни дебати и расправии, дури и после 74 години од своето прво издание. Во ова свое прво објавено дело (другите две, напишани претходно, „Молох, или овој нежен свет“ и „Луд петел“ се објавени постхумно) Милер експериментира со книжевниот израз: експеримент кој ќе остави длабоки траги во цивилизациското наследство на современиот роман во 20-тиот век. Користејќи ја монтажата како основен книжевен алат, Милер во „Раковиот напоредник“ создава колаж од поезија во проза, живи и жестоки дијалози, луди и чиниш незапирливи монолози, пејзажи кои секогаш отсликуваат уште нешто друго освен пејзажот сам (душевни немири, телесни ламтежи, диви пијанства…), галерија од флуидни ликови кои се тука со една и единствена цел: авторот низ нив остро да ги критикува општеството, уметноста, светот. Да биде сликата потполна, Милер сето ова го зачинува со надреалистички пасажи кои можат да послужат како показен пример во секоја студија за тек на свеста. Оваа монтажна постапка се транспонира во книжевноста на доцниот 20-ти век: постмодернизмот и денес ја има како едно од своите врвни начела.
Но, влијанието на „Раковиот напоредник“ (и на целиот Милеров опус воопшто), станува видливо многу пред постмодернизмот; без влакна на јазикот, Милер создава книжевен израз кој е самиот по себе бунт и рушење на конвенциите. Книжевниот израз на Милер е општествен акт, спротивставување на конформизмот, лицемерието, потрага по нов ослободен човек. Токму затоа, неговото влијание најпрво се гледа во начинот на кој американската Бит генерација ги доживува светот и своето место во него: бунтот кој Милер го потпалува во триесеттите години на минатиот век се транспонира, низ разни форми и облици, во книжевноста на поголемиот дел од дваесеттиот век.
Самиот роман раскажува приказна на какви што денес сме веќе навикнати: за самотијата и осаменоста на единката во градот, за борбата за опстанок и себеостварување. Милер својата приказна ја склопува лесно и неоптоварено: нему како да не му е најважно приказната да ја раскаже, туку да открие повеќе за себеси и светот раскажувајќи ја. Затоа ликовите се флуидни: без секој од нив овој роман би можел, но на нараторот му требаат затоа што тој во нивното делување и интеракција наоѓа нови и неистражени патеки во мислата и свеста. И самиот Париз е лик во „Раковиот напоредник“: вечно присутен, час привлечен и љубезен, час мрачен и студен и груб. Париз на Милер не е само град на светлината: авторот се спушта во неговите најтемни и најодбивни катчиња – се чини дека таму му е најудобно, најинспиративно, најмногу како дома, зашто неговата беда се стопува со општата беда околу него. Овде Париз не е само град на уметници и оние кои тоа посакуваат да бидат: ова е и Париз на макроа, проститутки, протерани принцези, банкротирани магнати, сиромашни новинари кои сонуваат да станат писатели, боеми кои даваат и земаат колку што можат, исплашени и дрски емигранти, политички азиланти и секаков друг вид бегалци. Париз е центар на светот во кој напоредно цутат сјајот и бедата, љубовта и лагата; телесното и духовното не се поништуваат туку, како на луда нишалка, постојано се надополнуваат и се предизвикуваат. Милер не е склон кон идеализации и воспевања: подготвен е нештата да ги разглоби до трошка, до најситното во нив, за од таму да ја исцица сржта на спознанието. И, бидејќи спознаеното никогаш не е светло и не влева оптимизам, така и неговото писмо е црно и сурово. Но, Милер не запаѓа во замката на мизантропијата (иако, според поминатото, на тоа би имал секакво право) туку секогаш има сила на неволјите да им се насмее в лице, со остар и понекогаш горчлив, но секогаш искрен и неизнасилен хумор. Тој се смее над пропаста на цивилизацијата каква што ја познаваме: не зашто којзнае колку ужива во уништувањето (иако на моменти навистина се весели над гнилежот), туку затоа што неговото кредо му налага да верува дека еден нов свет може да се создаде само од ново и од почеток, со нови темели и нови морални вредности. Од тука, разбирлив е отпорот кон, забраните на и судските процеси против „Раковиот напоредник“ и неговиот автор во тогаш многу поконзервативната Америка. Романот на Милер е парче динамит во срцето на системот, шипка која ги кочи запчаниците на машинеријата која е заинтересирана само за својот напредок и благосостојба. За разлика од Чаплин три години претходно („Модерни времиња“, 1936) Милер не си дозволува животниот курс да му го одредуваат запчаниците на системот: тој попрво би умрел обидувајќи се нешто да смени отколку што би се согласил на нешто такво. „Раковиот напоредник“ е манифест на ова убедување, отфрлање на сите вредности и норми поради тоа што вредностите и нормите не важат за сите подеднакво. Овој роман е студија на гнилоста на етиката на современиот човек, истовремено и потрага по нова естетика, текст набиен со значења кои во пластови се редат под богатата лексика на авторот. Милер во овој роман ја пишува својата поезија расфрлајќи се со метафори кои се изворишта на инспирации не само за споменатите книжевни генерации, туку и за некои од оние кои во иднина ќе дојдат.

2018-08-21T17:21:10+00:00 октомври 11th, 2008|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 61-62|