Македонска поетска дијалектика

/, Литература, Блесок бр. 21/Македонска поетска дијалектика

Македонска поетска дијалектика

Разгледувајќи ги структуралните карактеристики на оваа поезија мошне лесно може да се увиди дека во неа лирскиот субјект речиси неодминливо е експлицитно присутен и исклучително рефлексивно активен, при што со брзи промени на аспектот од којшто ни е прикажуван предметот на певот, Маџиров постигнува илуминативен ефект.
Сето ова е врамено во еден комуникативен поетски дискурс од метонимично-наративен тип.
Досегашниот поетски фонд на Ивица Антески се одликува со широка тематска разнообразност. Притоа, во неговите лирски остварувања рефлексивноста е високо поставена и има симбиотичен однос со естетизираната емотивна тензија, така што како краен ефект на ваквата поетска конфигурација се добива емоционализираната мисла.
Исто така, кај Антески може да се сретне и еден вид осовременување на старогрчката митологија, односно, митологизирање на современоста, што се постигнува преку сместување на фрагменти од технолошкото општество во митолошки рамки.
Поезијата на Антески се одликува со единство на сликата и на ритамот, при што би требало да се истакне дека сликовната димензија на неговата поезија претставува препуштање на несвесниот тек на слободните асоцијации, што неретко како конечен резултат го дава парадоксот. Ова, пак, е во содејство со имплицитниот и експлицитниот интертекстуален однос на неговата поезија со надреализмот.
Осврнувајќи се кон лексичкиот фонд на поезијата на Антески би можело да се забележи дека тој претставува јазична легура образувана од интелектуализми, техницизми и натурализми, при што овој автор врши инвентивно сопоставување на овие типови лексеми, образувајќи мошне интересни метафорични конструкции. Во оваа насока се и графичките експерименти на Антески, односно, поставувањето на интерпункциските знаци како семантичко тежиште на песната.
Како доминантни поетски принципи во версифицираното творештво на Маја Апостолоска би можело да бидат издвоени автореференцијалноста и интертекстуалноста. Истакнувањето на фактот дека поезијата на Апостолоска се карактеризира со нагласена автореференцијалност, консеквентно, укажува на тоа дека оваа поетеса длабоко ја промислува својата поетска постапка, односно, темелно го гради својот лирски концепт. Истовремено би можело да се прибележи дека освен тоа што интертекстуалноста во досегашните лирски остварувања на Апостолоска мошне често е неделива од автореференцијалноста, таа е непосредно сврзана со тенденцијата за полемизирање и проникната е со иронија која има интелектуална основа. Следствено, поезијата на Апостолоска би можело да се определи како симбиоза на интелектуалното и креативното.
Заокружувајќи го разгледувањето на поетските остварувања на Апостолоска од идејно-мотивски и од тематски аспект, не би требало да се одмине и фактот дека во значителен дел од нив е присутна метафизичката тематика со етички елементи што има библиски происход.
Анализирајќи ја структурата на поетскиот израз на Апостолоска би можело да се заклучи дека оваа поетеса има изострен усет за јазикот како основен поетски материјал. Нејзината поезија се одликува со висок степен на фигуративност, односно, со исклучително густа фреквенција на сите типови стилски фигури. Исто така би требало да се истакне дека Апостолоска мошне успешно го естетизира и лингвистичкиот дискурс, при што во нејзиниот лексички фонд често се присутни сциентизмите. Ова е несомнен показ дека естетската димензија на лирските пораки на Апостолоска е мошне изразена и дека оваа авторка може да го носи епитетот – poeta doctus.
Поезијата на Емил Калешковски го прикажува овој автор како мошне интересен, интровертно-бурен поет, кој поседува исклучително богата имагинација. Неговиот специфичен сензибилитет, во корелација со широките сознанија од старохебрејската митологија, го водат Калешковски кон пародичен израз на библиската тематика. Притоа, ироничниот однос кон традиционалните вредности ја приближува поезијата на Калешковски до постмодернистичките струења.
Разгледувајќи ги идејно-мотивските карактеристики на лирските остварувања на Калешковски, би можело да се согледа дека овој автор се обидува да воведе логика во апсурдот, односно, да укаже на се поголемото нарушување на духовната логика во реалноста. Калешковскиги прикажува настаните од инфантилен аспект, потенцирајќи ја антитетичната сопоставеност меѓу нив и себеси.
За песните на Калешковски би требало да се прибележи дека се одликуваат со силно изразена наративност, што повторно е во согласност со посмодернистичките тенденции во поезијата. Исто така, треба да се истакне и фактот дека семантичката фигуративност на овие версифицирани остварувања е најизразена, односно, дека нивната естетичност произлегува токму од семантичките стилски фигури. Притоа, лирскиот субјект во песните на Калешковски почесто се јавува како активен или пасивен учесник во имагинарните настани, а поретко како имплицитен лирски субјект со дескриптивна функција.
Поетскиот дискурс на Виолета Бончаноска може да се определи како реторика на боите и преобразбите. Нејзините лирски остварувања се одликуваат со мошне интересна сликовитост која има симболистички контури. Истовремено, во поезијата на Бончаноска се испреплетуваат реалноста и сонот, односно, во нејзините стихови тие се цврсто органски поврзани.
Сето ова е во согласност со идејно-мотивската мрежа во поезијата на Бончаноска, којашто кореспондира со паганизмот, односно, попрецизно, со анимизмот. Низ стиховите на Бончаноска може да се сретнат апсурдни ритуали, предметите оживуваат, растенијата и животните добиваат субјективни карактеристики.
Од ваквиот светоглед на Бончаноска произлегува нагласената езотерична ориентација на нејзиниот поетски израз. Оваа поетеса при лирскиот произнес првенствено се потпира врз метафората и персонификацијата, не одбегнувајќи ги и хомофоничните конструкции. Притоа, во нејзините поетски остварувања, речиси без исклучок, лирскиот субјект е експлицитно присутен.
Како идејно-мотивски стожер на поетиката на Александар Кирковски може да се определи несогласувањето со колективните детерминанти. Неговите лирски остварувања претставуваат културолошки полемики во кои се судираат концептите и прагмата. Притоа, овој автор со реторичен замав ја отфрла принудата што му ја наметнуваат непосредната и пошироката околина.
Лирскиот фонд на Кирковски претставува хетероген изразно-стилски состав, при што би можело да се издвојат и да се класифицираат повеќе типови поетски израз: I. метафоричен поетски дискурс, каде лирскиот субјект е експлицитно присутен; II. метонимично-наративен поетски дискурс, за кој, исто така, е карактеристично експлицитното присуство на лирскиот субјект; III. распрснат текст, кој оддава впечаток на редундантност, асоцијативно сврзан со искуството (складирано во несвесното) на авторот, каде лирскиот субјект претежно се јавува во улога на објективен прибележувач на настаните, и IV. произволна лексичка конструкција со ономатопејски карактеристики, односно, текст од дадаистички тип, напишан на еден непостоечки (Виткаци) јазик.
Всушност, во творечкиот процес на Кирковски е присутно или маниристично уривање на семантичките системи, односно, обид за нивна контаминација со ентропични семеми, или, пак, песните (версифицирани и верифицирани резултати на творечкиот процес) претставуваат одраз на актуелните состојби, при што овој автор зазема ироничен, а неретко и саркастичен однос кон она што го опкружува и она што нему (и не само нему) му се случува.

III. Синтеза

Обемот и радикалната изразно-стилска разновидност на македонскиот и светскиот поетски фонд не им попречуваат на најмладите македонски поети да изградат автентичен лирски израз. Токму заради овој факт може да се констатира дека седумтемина автори коишто ја составуваат оваа антологија и кои се носители на инвентивни и прегнантни лирски остварувања, заслужуваат да бидат застапени и во поширока антологија на современата македонска поезија.
Како две глобални тематики на новата лирска струја во Македонија би можело да се издвојат урбаното секојдневие и потрагата по трансценденталниот происход, при што може да се забележи дека младите македонски автори претежно заземаат ироничен став кон традиционалните вредности, неретко поттикнат од несогласувањето со колективните детерминанти. Овие поети покажуваат интерес и за митологијата, како за матријархалната, така и за старогрчката и за старохебрејската.
Исто така, би можело да се прибележи фактот дека повеќемина автори имаат инфантилен сензибилитет и нивните версифицирани остварувања се одликуваат со наративност која е проникната со голем број фантастични елементи, што оформува чудесна атмосфера блиска до сказната. Меѓутоа, ова не е во колизија со нагласената рефлексивност на песните, која мошне често се јавува во облик на автореференцијалност.
Како најкарактеристична појава за творештвото на овие поети би требало да се наведе интертекстуалноста, којашто подеднакво се јавува и во имплицитен и во експлицитен облик.
Речиси сите автори имаат мошне изразен осет за јазикот како основен поетски материјал и нивниот лексички фонд во голем број песни претставува легура од интелектуализми, техницизми и натурализми. Овие поети покажуваат дека умеат да проникнат и во принципите на семантичките системи, експериментирајќи со нив. Исто така, би можело да се генерализира и заклучокот дека семантичката фигуративност на нивните версифицирани остварувања е најизразена.
По однос на типовите на поетски дискурс застапени во творештвото на оваа поетска генерација може да се констатира дека тие се најразлични и дека нема доминантен кој би се издвоил како најзастапен.
Сето ова покажува дека новото лирско струење во Македонија претставува автентична книжевна појава која заслужува посебно внимание, како од критиката, така и од читателите.

АвторЈовица Тасевски - Етернијан
2018-08-21T17:21:56+00:00 јуни 1st, 2001|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 21|