Маестрално, Венко!

Маестрално, Венко!

* * *

Романот има полифона структура. Од сосем природни потреби, не од теоретски. Може ли да се „чита“ еден живот без низ него да се „прочита“ барем уште еден? Може ли да се доживее „туѓата“ приказна – ако не стане „своја“? Или „својата“ да стане и „нечија“? Во ист океан се влеваат трите приказни на делото, и праприказните и постприказните… А ние неусетно и несвесно посвојуваме. Така се посвојуваат: сториите, емоциите, состојбите, амбиентите, дијалозите во дворецот наречен Вештерка. Има ли покултна позиција од сетилна, емотивна и интелектуална отвореност: кон праприказната за забранетата љубов на отецот Бенџамин и на Јована, кон фиктивната автобиографија на авторот, и кон препознавање на својата приказна во „туѓите“ приказни. Така приказните „се читаат“ една низ друга. Така взаемно се осмислуваат и „разговараат“ помеѓу себе… Како што и животите може да се коментираат еден со друг. И така да се преосмислуваат… Но не со зборови. Со живот.
Паралелните приказни
не се одделни и независни светови, кои ги следиме низ неколку екрана. Тие покажуваат афинитет една кон друга. Трите приказни елегантно и грациозно – се преплетуваат како три утоки на златна речна плетенка. Но за тој преплет, постои само еден раритетен крунски доказ. Тој конкретен „физички“ контакт или канал меѓу нив – е предмет. Токму ножот е артефакт или „мостот“ меѓу приказните. Тој „се сели“ од една приказна – во друга.
Но зошто и луѓето да не бидат „мостови“ низ столетијата? Црвенокосото (интернет) дете е можна сенка на инквизициската Јована, а тие пак се можна визија или пак сон на реалната девојка. Исто како и асистентот, кој е можно ехо на отец Бенџамин, а двајцата можеби се само привид на авторот, кој посакал да стане лик. Играта на можности е безгранична, оти постои една точка во сечии живот. Во таа точка влегувате откако идеално ќе ја „истренирате“ и конечно – постигнете сопствената животна улога, што сте си ја задале себе си, како домашна задача. Но токму од таа улога – професионална, приватна, социјална, контекстуална – посакувате да излезете! Како и авторот на романов што посака јавно да излезе од својата улога во ова дело! Замислете дека можеби некаде постои виртуелен огласник, во кој под шифра можеме да ги менуваме своите улоги. Но не како перверзија, туку како можна игра – кон нов живот.
Таков можен, суптилизиран огласник за размена на стари, „износени“ улоги за нови – станува и овој роман. Игротека за возрасни! Кога веќе трансферот не може да се одвива слободно и јавно. Оти, следува и казна ако не сте доследни на сопствената улога и на својата „зандана“.
Романот ни дава нова идеја за нов живот. Преку софистицирана игротека и мудротека. Романот е нова врата кон Вашиот нов живот. Живот во кој бирате одново.
Се бирате дури и себе… Или пак вечно се разминувате со себе…

* * *

Романот е ребус. Речениците и репликите – дијалогизираат низ различни векови, емоциите патуваат низ столетијата и се пренаселуваат, а приказните се симпатизираат и се преплетуваат. А филозофемите и параболитеразговараат и полемизираат низ приказните, времињата и ликовите. Такви, мудроносни места или „езера“ на мудроста „растат“ од сосем суптилни „места“ во романот.
Така љубов водат и самите приказни меѓу себе, така добиваат и пород. Пробајте да ги мотивирате на љубов приказните меѓу себе, и ќе добиете – нов свет, нова реалност.
Станува можно приказните да се склопуваат во мозаик, за кој и ние сме творци. А романот-ребус е во постојано потенцијално составување.
Така се гради метаполемички амбиент, каде и типовите на писмо полемизираат меѓу себе. Сè е во некој длабински, исконски преиспитувачки процес, кон себе и кон другите. Има внатрешно полемизирање и коментирање, и тоа не само од наратологија, теорија на литература, филозофија, итн.
Постои полифонија од автори. Умножен наративен глас.
Од каде потребата на авторот да стане лик, ликот да стане реален, читателот да се претвори во имплицитен читател, а потоа во нов автор, а пра-авторот да излезе од книгата – и да стане нов читател?
Потребата за промена на местата – секако дека не е помодарски постмодернистички тренд, туку е суштински потреба на фокализицијата. Суштински да се „прелоцираме“, „преадресираме“ – е еден од идеалите на овој зафат. Да „влеземе“ во состојба на другиот, а тој во нашата. Само тогаш можеме да го пробаме „вкусот“ на неговиот дискурс, но и „вкусот“ на неговите емоции, мисли, ставови, и да го сетиме неговото дишење и чукање на срцето.
Преку филигрански изграден плурализам на стилови се постигнува раскошна полифонија на дискурси. И тоа преку најмалку три типа дискурси: наративен, есеистички и детекциски.
Наративниот дискурс се води епохално потресно и трогателно, „здомен“ во ужасната средновековна праприказна, од чија „утроба“ „расте“ најнежниот и најтопол забранет свет на отецот и на анатемата-„вештерка“. Но токму тука – наполно се „распукува“ и над романот се „отвора“ – чисто поетско „небо“! … Кога ќе ви се отвори бесконечно „небо од поезија“ над романот – знајте дека се отворила најскапоцената вселена! Оти ќе ве раздени токму – поезија! Овој роман разденува од поезија! Од поезија на љубовта, и тоа вонвековна љубов, каде вљубените се барат низ вековите. И токму тука, можеби и сами ќе се препознаете себе, како веќе напишани или прочитани, одново осмислени, и тоа од својот изгубен дел, по кој трагаме низ вековите… Ви тврдам дека најљубовните адреси на столетијата, ќе ги сетите на своја кожа низ најљубовната можна љубов на Јована и на Папа. Средбата на идеалните улоги, кои транзитираат низ нив – е фатално жестока, погубна…

АвторКристина Николовска
2018-08-21T17:21:12+00:00 мај 10th, 2008|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 59|