Лулашки

Лулашки

– Денеска сабајле дојдоа двајца чичковци и ги поправија лулашките, сега можеме да се луламе! – кажав јас насмеано во еден здив.
– Ива – ме погледна Мони луто и ја стисна устата – не е културно да прекинуваш некој друг кога зборува.
– Да – потврди Бистра.
– Да! – викна малото дебело сестриче.
– Ама, јас не те прекинав, јас само – почнав да се правдам.
– Ме прекина! – викна Мони.
Замолчев. Бистра исто така молчеше, како да не сум ѝ кажала ништо за лулашките. Мони продолжи да зборува.
– Денес дошле некои луѓе и ги поправиле лулашките. Го обоиле и мостот.
– Супер! – на Бистра одеднаш ѝ се измени лицето. Широко ја отвори устата да се насмее и ѝ се виде жолтиот јазик.
– Супер! – повтори и малата сестричка. – Сакам и јас!
– Не може – рече Бистра.
– Ма немој – рече одеднаш сестричката како да е возрасна – нема кој да ме чува. Ни мама ни тато не се дома. Ха ха!
Бистра ѝ удри една заушка ама сестричката продолжи да се смее.
– Чекај само да дојадам – рече Бистра и тргна накај кујната. Сите тргнавме по неа.
Во кујната, ѝ даде една лажица на Мони, а мене не ми даде. Гледав како јадат од цедевитата, па и мене ми се јадеше, а не сфаќав зошто не ми даваат лажица. Молчеа и мљацкаа.
– Тоа цедевита е? – собрав сила да речам. Си ги пикнав рацете под бутовите затоа што малку ми се тресеа.
– Не – рече Бистра – Ќе ти дадевме, само што тоа е еден лек што ни го даваат во школо. Ќе видиш и ти кога ќе нè стигнеш нас, и тебе ќе ти даваат таков лек. Затоа не ти даваме.
Забележав дека и сестра ѝ на Бистра јаде од лекот, иако беше две години помала од мене и не одеше дури ни во забавиште, ама ништо не реков. Многу добро знаев како мириса цедевита.
Цревата повторно почнаа да ми кркорат. Се сетив на лебот и на мајка ми и пребледев.
– Леле! Требаше да купам леб! Ќе ме почекате тука? Одма ќе се вратам, само да купам и да ѝ го однесам на мајка ми – ги погледнав како да ги молам.
Мони, Бистра и сестра ѝ ништо не рекоа. Само продолжија да мљацкаат. Бистра чекаше Мони да рече нешто. Конечно таа ја отвори устата и со жолтиот јазик рече „може“.
Истрчав надолу по скалите колку што можев побргу, толку бргу што веќе не се плашев да скокам од две скали одеднаш, како што може брат ми. Си викав, што ако паднам, што ќе ми речат, дома, што ќе речам јас, ќе излажам ли? Меѓутоа ниеднаш не се сопнав, и продолжив да трчам накај нашата продавница. Влегов внатре, и ме пречека лошата продавачка со синиот комбинезон.
– Што сакаш девојче?
– Добар ден – реков, како што нè учеа во забавиште – имате ли леб?
– Имаш ли пари? – ме праша продавачката.

Ме имаше прашано вака еднаш претходно. Многу ми се јадеше чипс, и влегов во продавница само за да видам дали имаат, и колку чини. Ме пречека истата лоша продавачка, со синиот комбинезон, белите папучи и бушавата коса. Реков дека немам. „Оди дома и донеси, па после барај чипс“ ми рече, и јас си излегов. Веќе не влегував во продавница без пари.

– Имам – реков јас и ги извадив гордо и сигурно парите.
Тетката ја снема некаде зад голите шанкови. По кратко време излезе и ми даде еден леб, ама не таков свеж, мек, бел и вкусен како тој што го јадеше Мони сабајлето, туку еден истуткан и стар леб. Ми беше срам да прашам дали имаат друг. Таа ми го тутна в раце и ми ги зеде парите.
– Нема друг, се потроши – како да ми ги прочита мислите – другпат доаѓај порано – и ми го сврте грбот.
Повторно пребледев. Ми текна како татко ми кога ќе се врати вечерта од работа ќе мора да јаде сув и тврд леб, и ќе се буни, а мене ќе ми биде криво. А и јас бев крива, затоа што заради лулашките и сè, заборавив да купам леб. Знаев дека мајка ми ќе ме кара, но сепак побрзав да стигнам дома за да ѝ раскажам за лулашките и да побрзам да не ме чекаат Мони и Бистра.
На патот пред мојот влез ги видов, заедно со сестрата на Бистра. Сигурно одеа накај лулашките, а јазиците им беа уште пожолти од порано. Се смееја.
– Каде одите? – ги прашав, задишана. Како што им се приближив престанаа да се смеат и ме погледнаа сериозно.
– На лулашки – рече Мони.
– Ај почекајте ме? Само да го однесам лебот на мајка ми – ги замолив.
– Извини Ива, ама ние не можеме веќе да те чекаме – рече гордо и смирено Мони. Носот навистина ѝ беше во воздух.
– Ама јас морав да го купам лебот за мајка ми – се обидов да се оправдам.
– Тоа требаше порано да го направиш – со ист тон, како некој судија ми одврати Мони.
– Како не ти е срам, да ја оставаш мајка ти толку долго да чека – рече Бистра, и ја погледна Мони, која кимна со главата.
– Ха ха ха! – го исплази жолтиот јазик малата дебела сестра на Бистра.
И си отидоа.
Нешто студено почна да ми се движи низ стомакот. Полека-полека почна да ми оди надолу и надолу, а и некако ми се примоча. Што направив? Си реков. Мора да ми се лути заради мајка ми. Навистина требаше да ѝ го однесам лебот. Ама Мони ми рече да не се грижам, си велев и се чудев.

Не ѝ е првпат на Мони да ми го прави ова. Лоша е, така велат и мајка ми и татко ми. Еднаш седевме кај неа дома, и таа ми рече нешто чудно за сестра ѝ на Бистра. Го кажа како да кажува нешто многу тајно, и направи загрижен израз на лицето, како да е возрасна.
– Ама нешто мора да не е во ред со сестра ѝ на Бистра. Веќе три години има а уште не зборува како што треба.
– Да – се согласив јас.
Потоа еден ден си седевме пред зграда и си игравме со Јасмина. Помина сестра ѝ на Бистра и почна нешто да дрдори. Откако си замина, јас реков дека навистина нешто со сестра ѝ на Бистра не е во ред. Дека е толку голема, а сепак не зборува како што треба. Мони ми се заврте и ме погледна.
– Аман Ива, како не ти е срам така да зборуваш. Греота е детето, срамота.
Се сетив дека таа истото го кажа пред мене, ама немав како да ѝ докажам. Јасмина се согласи и јас само се засрамив.

Така и овојпат. Веќе стоев пред вратата. Заклучена беше и ѕвонев. Студеното во цревата уште не ми беше поминато.
– Каде ли си досега! Па ти нормална ли си, знаеш ли колку време те чекам! – врекна мајка ми кога ме виде.
– Извини мамо, ама имаше нови лулашки, и после тоа отидов кај Мони и кај Бистра за да им кажам дека има лулашки и да не се качуваат на мостот затоа што е премачкан оти така ми рекоа чичковците сабајле кога ги видов како ги местат лулашките и – мајка ми тука ме прекина.
– Ма ич не ми е гајле за Мониња, Бистриња, Мистриња! Кога ќе ти речам да купиш нешто треба одма да го донесеш! Не си ни јадена, срамота!
– Јадев леб со еурокрем кај Мони – излажав.
Потоа го подадов лебот и мајка ми кога го виде уште повеќе се налути.
– Што ќе јаде татко ти вечер? Ваков грозен леб? Кој ти даде ваков леб?
– Само ваков имаше, само ваков ми даде продавачката – се правдав.
– Да, затоа што си отишла многу доцна, а не кога ти реков јас! – продолжуваше да ми вика мајка ми – Готово. Казнета си. Денес нема излегување.
– Ама сакам да одам на лулашки! Треба да им кажам на другите деца! – тука веќе очите почнаа да ми се полнат со солзи.
– Ма какви лулашки! Забрането ти е да одиш воопшто на лулашки, да паднеш таму да се искршиш! Нема одење на лулашки и нема одење никаде денеска. Казнета си – ми рече мајка ми и си влезе во кујна.
Плачев цел ден.

АвторРумена Бужаровска
2018-08-21T17:21:24+00:00 август 6th, 2006|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 49|