Ловец сум на моменти, што ретко кога успевам да ги уловам

/, Литература, Блесок бр. 112/Ловец сум на моменти, што ретко кога успевам да ги уловам

Ловец сум на моменти, што ретко кога успевам да ги уловам

Ловец сум на моменти, што ретко кога успевам да ги уловам

Автореференцијалноста доминира и во поглавјата Огледалото ми е над колена и До колена во мастило. Преземајќи го сиот ризик да биде здодевен, банален и да западне во познати клишеа, Јовица овде сепак се зафаќа, метапоетски, да пишува поезија за поезијата и за пишувањето. Во привикувањето на сликата за надоаѓачката вода (до колена, над колена), во плимата (или поплавата) тој ја сместува метафората за пишувањето, или поточно, за постојаниот, незапирлив порој од стихови. Пишувањето за него е нешто сосема инакво од она познато „копање“ на Шејмас Хини (Seamus Heaney),5F тоа не е ниту труд, ниту напор, ниту пак негова поетска интерпретација или надоврзување на некоја „машка“ традиција. За него пишувањето е неопходност, насушност, спас од бесмислата: „Пишувањето те спаси од сигурна смрт. / А одамна сфати дека во тоа разбрането / поетско море што се прелева од алкохол, / тутун, жени, нездрав живот, / но и од правдини и искреност, / речиси никогаш не се дават / лошите пливачи, / туку само најдобрите“ (Ibid, 60). А здодевноста, баналноста и клишеата не се избегнуваат само со свежината на метафората за мастилото кое надоаѓа како несопирлива вода, туку и со ироничното проблематизирање на поезијата како насоченост кон надвор, како своевидна порака до читателот. Така зборува за јавните поетски читања: „Поетско читање! / Попаметно е да / си останеш дома / и да напишеш песна / што ќе ѝ ја прочиташ / на твојата сакана“ (Ibidem), или навидум подеднакво иронично, но во суштина реално, го резимира сопственото (а и сечие) поетско дело, кое се сведува на „можеби само неколку песни / (во вистинско време, на вистинско место)“ (Ibid, 70).
Поглавјето Морето ми е до колена, пак, според кое е именувана и целата збирка, на извесен начин поезијата од оваа книга ја одделува од поголемиот дел од творештвото на Јовица. Урбаната атмосфера овде е заменета со приморската, секојдневниот живот со летниот одмор, сивилото со синилото, како и на самиот поет да му притребал одмор, оддалечување од неговата вообичаена поетика. Одделен од својата препознатлива инспирација (или од своевидното jouissance кое директно произлегува од (р)урбаната баналност и грдотија на Скопје)6F, Јовица во морето до колена, во плиткоста на летото кое го успорува и го засолува животот, ги создава своите нови метафори: „морето ми е до колена кога / со кренати раце му ја менувам / сијалицата на Земјиниот сателит / и кога водата е студена, / па се двоумам дали да влезам“ (Ibid, 36). Така, она што Богомил Ѓузел го нарекува „автентично урбан сензибилитет, кој се втурнува меѓу нас гласен и пороен како бучава од младешки гласови на улицата“ (Ѓузел 1995), стивнува, се смирува на брегот на средното доба на поетот, како што денот стивнува во своето приближување кон ноќта: „сонцето (до гуша во море) / се обидуваше со последниот зрак / да се фати за еден рибарски чамец. / На кејот од една липа падна пердув, / потежок дури и од воздухот“ (Ивановски 2016, 39). Во овој спокој, тој повторно може да се занимава со својот омилен лајт-мотив, со себеси, но на еден поинаков, подлабок начин, та без сите ситни, но напорни секојдневности кои му ја исцрпуваат поезијата, има време во себеси дури и повторно да ја пронајде старата љубов: „сега, од овде, / те гушкам како никогаш. / Те сакам онаква каква што си, / и твоите недостатоци се моја привилегија“ (Ibid, 94).
Лириката која се навестува во „приморските“ песни од оваа збирка испливува и доминира во поглавјето Земјата ти е до колена, во песните кои можеби се најемотивниот изблик воопшто во поезијата на Јовица. Единствениот поднаслов во оваа збирка кој дијалошки е насочен кон друг (мајката на поетот), наместо кон себеси, дополнително ја очудува играта со мерките преку воведување на земјата на местото на водата. Земјата е нашата слика за конечноста на животот, таа е суровата вистина, сигурниот крај кој безмилосно надоаѓа: „речиси се стопи твојата коцка живот. / Земјата ти подава рака како нешто / што не смееш да го одбиеш“ (Ibid, 51). Сведочејќи ја неминовноста на блискиот крај на мајка си, и покрај својот познат цинизам („ѝ велиме дека е / во приватна болница, / но она добро знае каде е. / Онаму кај што ѝ е местото – / би додал циникот“), преку можеби највпечатливите стихови во оваа збирка („во предградието на / смртта расте стареењето“ или „времето е платен убиец“), поетот филозофско-лирски, од личната приказна размислите ги шири и на некои суштински, универзални прашања за човечкото живеење и постоење: „отаде животот, / постои ли недоглед? / Некое друго вселенско тело / од кое се гледа некое друго небо. / Нешто бесконечно, како на / почетокот на љубовта (Ibid, 53).
Во оваа збирка, на средината од своите педесетти години, во својата животна и поетска зрелост, од една страна Јовица поезијата (за оној кој и претходно го читал) ја живее препознатливо, или, како што би рекла Шелева, од неа „израснуваат политички непоткупливите мудрости и онтолошките пцости, како единствен излез (outcome) од, инаку горчливото, транзициско секојдневие“ (Шелева 2005, 52). Но, од друга страна, тој овде тоа го прави некако подлабоко, до колена, до гуша, потонат во поројот на животот, закопан во земјата на неговиот неминовен и сè поблизок крај, заглибен во мастилото. Од овие стихови, деридијански, значењата бликаат од маргините, суштината е вон она пред нас сервираното, некаде зад вратите на поетската кујна. Како што рускиот поет Сергеј Есенин, неговиот „врсник“ од пред скоро еден век, напишал во својата песна Исповед на мангупот (Исповедь хулигана, 1920)7F и Јовица овде намерно оди разбушавен, за во самракот да ја осветли соголената есен на нашите души.

Библиографија
Галевски, Влатко. 2016. „За книгата ‘Градот што веќе не е мој’ на Јовица Ивановски“. Окно. (http://okno.mk/node/58771) Пристапено на 17.11.2016.
Ѓузел, Богомил. 1997. „Поезија полна свежина и ведрина“ (текст прочитан на промоцијата на збирката Градот е полн со тебе)
Ѓузел, Богомил. 1995. „Една нова урбана поезија“ (текст прочитан на промоцијата на збирката Зошто мене ваков џигер)
Ѓузел, Богомил. 2005. „Јовица Ивановски – ’Три напред три назад’“. Време, 14.1.2005.
Ивановски, Јовица. 2016. Морето ми е до колена. Скопје: Табернакул.
Јанковски, Владимир. 2005. „Слатко-горчливиот талог на стварноста“. Дневник, 14.3.2005.
„Јовица Ивановски: Сè почесто се соочувам со сурова темнина – меѓу луѓето, на улиците, во градов, во државава“. Mkd.mk, 29.4.2015. (http://www.mkd.mk/kultura/knizhevnost/jovica-ivanovski-se-pochesto-se-soochuvam-so-surova-temnina-megju-lugjeto-na) Пристапено на 17.11.2016.
Јолевски, Љупчо. 2016. „’Шарените’ песни на Јовица Ивановски“. Радио Слободна Европа. (http://www.slobodnaevropa.mk/a/27701860.html) Пристапено на 17.11.2016.
Крстевски, Душко. 2012. „Диоптрија на урбаното“. Репер, 15. (http://www.reper.net.mk/star.reper.net.mk/statija.php?ID=28) Пристапено на 17.11.2016.
Крстевски, Душко. 2016. „’На колена пред песната’ – кон поетската збирка Морето ми е до колена на Јовица Ивановски“. Во: Ивановски, Јовица. Морето ми е до колена, 5-10. Скопје: Табернакул.
Мартиноска, Ана. 2011. „’Scorpius balcanicus’, или како да се чита македонската поезија: Предговор кон ‘Шест македонски поети’, Arc Publications, Велика Британија, 2011“. Блесок бр. 80-81 (септември-декември 2011). (http://www.blesok.mk/main.asp?lang=mac&izdanie=80-81#.WJIoexoo-M-). Пристапено на 1.2.2017.
Ќорвезироска, Оливера. 2015. „Поетот на градот / градот на поетот“. Слободен печат, 16 мај 2015.
Шелева, Елизабета. 2009. „Кога домот го домиш, а државата ја држиш…“ Наше писмо, 67: 66-67.
Шелева, Елизабета. 2005. „Кога песната ‘доаѓа ненадејно како смртта’“. Наше писмо, 56: 51-52.

#b
5. „Студен мирис на компири, џвркот и плускот /во ѓолот тресетен, рез точен на сечило /низ корењето живо во умов ми се буди. / Но немам дурија мажиштата вакви да ги следам. / Меѓу показалецот и палецот /пенкалово ми лежи. / Со него ќе копам“ (превод на Зоран Анчевски, достапно на http://svp.org.mk/poems/%D0%BA%D0%BE%D0%BF%D0%B0%D1%9A%D0%B5/?lang=mk).
6. Или, како што вели Владимир Јанковски, поезија која „‘лакомо се храни’ од потрошните материјали на обичниот ден“ (Јанковски 2005).
7. „Јас намерно одам разбушавен, / Со главата, газиена ламба на плеќи. / Соголената есен на вашите души / Сакам в самрак да ја осветлам.“

2018-08-21T17:20:36+00:00 март 22nd, 2017|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 112|