Куфер – духовно патување кон сопственото себство

/, Литература, Блесок бр. 148/Куфер – духовно патување кон сопственото себство

Куфер – духовно патување кон сопственото себство

Тежок е тој поетски куфер кој патува од Скопје до Истанбул и назад. Со секое доаѓање носи нов багаж од зборови, мисли и чувства, дел од душата на авторот кој внимателно го реди напишаното во празните прегради. Со секое враќање назад, станува уште потежок, оти понесува и дел од мене, кој како читател станувам едно со прочитаното. Според Иво Андриќ, „секое добро дело претставува одземање на дел од животот, мојот и вашиот“. Па така, „Куфер“ на Туфан дава и одзема токму толку колку што е потребно за читателот да стане едно со патувањето.

Некаде пред крајот на тоа патување, мејловите зачестија, „Куфер“-от со едно интензивно темпо ги прибираше последните свои парчиња за да заокружи една приказна, за да може да започне нова. Но, како што е тоа својствено за еден конкретен куфер, така и во овој метафоричен и симболичен придружник на секој патник, парчињата немаат свој хронолошки ред, тие се животен колаж сочинет од спомени и искуства од минатото кои постепено нè обликувале во ова што сме сега. Тие се далечни одекнувања за едни „куфери полни книги“ кои без да знаат смениле нечиј живот. Моќен спомен за еден „продупчен куфер“ кој посведочил за тоа колку е кршлива и привидна човечката сила која доаѓа од моменталната општествена позиција, наспроти силата на понизноста и простувањето. „Чудниот куфер“ кој долго се памети, оти ни покажува дека еден навидум наивен спомен за некој што бил комшија, случен познајник, само патник на минување низ нашиот живот, може да влијае врз нашето постоење.

На крајот, како и што му доликуваше на овој „Куфер“, во кој се споија поетски светови, додека завршуваше првиот месец од новата година, почетокот на многу почетоци, „Куфер“-от на Туфан го заврши своето миговно патување и навидум се скраси во синилото на Босфорот. Но, тоа само навидум, оти на сите континенти, на сите краеви на светот, куферот е метафора за постојаното патување, трагање по новото и непознатото, непомирување со секоја вкоренетост, закотвеност во едно место… Во социолошка смисла, куферот е подготвеност да се остави сè зад себе и да се замине. Во една подлабока, филозофска смисла, куферот е нашето најдлабоко Јас, нашето себство, оти, исто како што во еден конкретен куфер, секогаш го носиме сето она што ни е неопходно за да го продолжиме својот живот каде и да сме, така и во својот внатрешен, симболичен куфер, секогаш го носиме своето вистинско Јас, за да можеме секаде да бидеме тоа што сме.

 

Силвана Димитриевска

2023-01-06T09:58:14+00:00 декември 30th, 2022|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 148|