Куси раскази

Куси раскази

Бидејки соседите знаат сè за своите соседи
Се разбудив седејќи /овој расказ ке треба да одлежи или отстои малку/
/и/ Кога зениците на затворените клепки се движат лево-десно-лево-десно… – сон -
Кога се разбуди беше ист ден

• чашата од првиот пасус – се скрши
• најдете интерес во нешто поактуелно & посуштествено

1.

Тој ден сфати дека ништо цврсто не држи, ниту за нешто цврсто се држи а ниту цврсто го држи. Ниту за својот живот, ниту за него, а ни во своите раце. Освен чашата моментно. А /и/ таа беше празна.
Не ја наполни. Ладилникот се чинеше далеку. Ноќта на одминување. Замина да отпочине.
Кога се разбуди беше ист ден.

2.

Тој ден, човекот за кого овде, ете така, стана збор, сфати дека ништо /цврсто/ не држи, ниту за нешто /цврсто/ се држи а ниту нешто /цврсто/ него го држи. Ниту во животот, ниту за него, па ни во своите раце. Ништо, моментно, барем.
Ноќта веке беше на одминување и затоа замина да отпочине. Уморен. Беше.
Кога се разбуди ист ден беше.

3.

/И/ тој ден, човекот за кого овде нешто како биографија, (живот) опис или што: во еден миг сфати дека: ништо цврсто не држи; ниту за нешто цврсто се држи; а ниту нешто цврсто го држи; ниту во својот живот; ниту за него; ниту во своите раце; ништо; моментно; значајно, барем.
Ноќта беше на одминување. Да се отпочине потребно беше. Да отпочине, замина.
Ист ден беше, кога се разбуди.

4.

И, бидејќи ист ден беше, што има сега тука нешто, као, ова или она.

PS. Ако ве интересира што е со чашата од првиот пасус: се скрши.

PSP. Му испадна од рака. На човекот за кого овде, ете така, стана збор. Додека ја носеше кон ладилникот. Или кон мијалникот. Во иста насока, секако. Токму денес, можеби. Инаку, тоа не беше неговата последна чаша. Цел сервис од шест исто такви чаши имаше. Знаци: му останаа уште пет, ако во меѓувреме не скршил уште некоја. Но: тоа е друга приказна.

Post Factum:
Ако ве интересира зошто во вториот и третиот пасус не користеше – да не речеме: држеше – една од останатите пет исто такви чаши: се интересирате за веќе завршени и банални нешта. Најдете интерес во нешто поактуелно и посуштествено.

2018-08-21T17:21:38+00:00 април 1st, 2004|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 35|