Чудно е, помислува Гроздан дури стои пред излогот на стоковната куќа во… Гетеборг не е, Гритенбург, Гратенштрасен…, кој го врти. И не му е чудно дека воопшто не знае во кој град се наоѓа, па дури ни во која држава. Одамна се извежбал да не ги таложи во меморијата податоците што не го интересираат. Не му е чудно и што Буба, кога го испраќаше, рече нешто слично: „Чудно е…“, но не успеа да ја слушне реченицата до крај. Тремата пред пат и здодевноста на испраќањата. И навистина не знае зошто прифати да учествува на ова советување за истражувачко новинарство. Всушност знае, откога нема постојан ангажман прифаќа се’ што ќе му се понуди, иако никогаш не бил љубител на оваа ултимативна новинарска догма – истражувачко новинарство. Секогаш тука нешто му смрдело на полициски местенки и прекумерно оцрнување на луѓето. Секогаш верувал дека јавниот интерес професијата може и треба на друг начин да го остварува. Треба…
И, еве, го гледаме Гроздан на плоштадот во…, ма што е важно, како се чуди пред излогот на локалната стоковна куќа. Си го гледа одразот од сопствениот лик во стаклото од излогот и забележува дека е погрбав отколку што мислел и дека брадата му е многу побела откога последен се видел во огледало. И ликот му е блед. Речиси бел. Но, тоа го припишува на напорниот пат и уште понапорниот домаќин-преведувач, кој од некои причини мисли дека Гроздан навистина умира од љубопитство за состојбите во новинарството во неговата земја. И пивото со неизговорливо име што го пиеше во блиското кафуле имаше некаков блуткав вкус, па го замени за некаков шнапс, што беше нехумано топол.
Неговото бледо лице, кое набргу ќе пожолти, овојпат се огледува од рамната површина на телото на голата кукла, која двајца вработени во сини мантили штотуку ја местат во излогот пред него. Внимателно ѝ ги расчекоруваат нозете и ѝ ги местат рацете како да сее на поле. Гроздан се чуди зошто го прават тоа, бидејќи куклата е гола и практично со неа не се презентира ништо.
Сините мантили се повлекуваат во внатрешноста на продажниот простор. Остануваат сами: тој, Гроздан, надвор на тротоарот и таа, голата анонимна кукла во просторот на излогот. Внимателно ја гледа. Од главата до петиците. Има долга руса коса. Врзана во опашка. На Гроздан му се чини дека ја знае од некаде. Дека неодамна ја видел. Во авионот? На аеродромот? Келнерката што му донела пиво? Некоја од колешките од Советувањето? Не, не може да се сети. Очите ѝ се обоени во сино. Прилично прецизно, размислува Гроздан. Тие се крупни, поголеми отколку што е вообичаено, дури и за кукла-модел. Трепките, се разбира, се вештачки и долги. Едната е малку поспуштена, како да сака да му намигне. Усните ѝ се поставени во полунасмевка, како да му се потсмева. Брадата е мала и правилна. Уште на образите да ѝ ставеа дупчиња.
Рамената се тесни, градите правилни (па, кукла е), а рацете тенки и неразмерно долги, но сепак, некако природни. Што ли прави? Сее, проси, моли, ги подава некому? На левата рака има златна бразлетна. Нозете се долги, тенки и расчекорени, како да е фатена во половина чекор.
Гроздан не знае колку време стои пред излогот. Му се чини дека го слуша небото над него. Тоа е затоа што одеднаш сè застанува. Нема никого околу него. Нема минувачи, нема автомобили. Воздухот стои. Само двајцата во сини мантили полека, како во забавена снимка, влегуваат во излогот и ја тргнуваат куклата со руса коса, врзана во опаш и со златна бразлетна на зглобот од левата рака. Едниот, оној повисокиот, ја фаќа за главата, а другиот за нозете. Од излогот зјае заканувачка празнина. Како да се мириса во воздухот некаква напнатост.
И, еве, ги повторно двајцата во сини мантили. Сега се побрзи. Носат нова кукла во излогот. Сега е маж. И облечен. И не кој било маж, туку Ѓош трафикантот. Тој е. Облечен е во онаа иста маичка што секогаш ја носи и во истите фармерки. Очилата за читање му се паднати кон врвот на носот. Но, овојпат Гроздан не го студира изгледот на куклата. Наместо тоа се врти околу себе да биде сигурен каде се наоѓа. Се оддалечува на тротоарот неколку неколку метри наназад од излогот и повторно се приближува. Му се чини дека некогаш, во некој од оние животи, веќе бил тука. Но, не толку сам и толку растревожен како сега.
Сините мантили како воопшто да не се оддалечија од излогот. Веќе го тргнуваат неочекуваниот Ѓош трафикантот, како да знаат дека местото не му е тука. На негово место ставаат две кукли што се држат за рака. Пар. Гроздан почнува да се пипа себеси по нозете и рацете. Ова веќе не е можно. Тоа се Буба, неговата сопруга, и Бошко, неговиот најдобар пријател. Буба е весела, насмевната. Облечена е во елегантно црно костумче. Бошко како шеретски да му намигнува. Гроздан чувствува тапа болка во стомакот. Буба му беше девојка на Бошко пред да влезе во врска со него. Колку време помина. Следната година правиме 30 години брак. Па, сигурно има 35 години, можеби и повеќе. Буба му беше девојка на Бошко пред да влезе во врска со него. Колку време помина. Следната година правиме 30 години брак. Па, сигурно има 35 години, можеби и повеќе.