„НОВО РОЗОВО“ ПАРЧЕ МОЛК ШТО ВРЕСКА

/, Литература, Блесок бр. 145 - 146/„НОВО РОЗОВО“ ПАРЧЕ МОЛК ШТО ВРЕСКА

„НОВО РОЗОВО“ ПАРЧЕ МОЛК ШТО ВРЕСКА

„Среќни сме сите ние што имаме пријатели за заедно да одболуваме. И додека децата копнеат по туѓите играчки, ние се препознаваме во туѓите проблеми. Како огледала, рефлектирајќи едни со други, се чистиме од емотивниот талог.“, вели авторката во овој цитат по кој е насловена и целата книга. Истата метафора го инспирира и проф. Владимир Мартиновски да напише дека оваа извонредно слоевита книга, напишана со огромна вештина и силна интроспективна визура, има ракопис „густ како талог од кафе, натопен во разигран јазик на метафори, симболи и асоцијации, а сепак е едноставен, непретенциозен и лесно читлив.“ (Мартиновски, 2022: корица).

И токму така, и разиграно и лесно, и длабоко и мудро, есеите на Јовковска знаат да нè заведуваат со синестетичките описи на детската смеа, утринските ритуали во пет часот наутро сеедно дали во Љубојно, Охрид или некаде низ задушливата скопска џунгла, слоевите на раскош во романите на Марио Варгас Љоса, сликите на Кандинскиј или поезијата на Валери, заедно со крајпатните знаци за љубовта кон животните и насушно потребната грижа за природата. Но, како и во животот, оптимизмот и ведрината понекогаш не се доволна инспирација за да се изолираме од суровоста на катастрофите што го зафаќаат човековиот род, последните трауми на нашата генерација, црната статистика од пандемијата или семејното насилство, теми кои се сериозно промислени и прочувствувани од авторката. Како што ќе каже и самата во едно интервју, „Нурнувањето внатре во себе беше неизбежно во време на пандемија. Приказните од женската кујна, како што сакам да го наречам книжевното ткиво на „Емотивен талог“, се пишувани последниве две години, додека човештвото се препелкаше во болести, кризи, вакцини, страв, неизвесност и стрес. Пишувањето на оваа проза ми дојде како терапија. Премногу затворена во четирите ѕида на сопствениот дом, ова беше мојот духовен излез кон светот кој се бореше да преживее и да се нормализира.“ (Димков, 2022). Во таа смисла, реално е да веруваме дека книгата ќе има сличен терапевтски и катарзичен ефект и за читателите, или како што ќе забележи писателот Гоце Смилевски во поговорот кон книгата „Целата оваа книга произлегува од себезапрашаноста пред предизвиците на современото живеење, и претставува низа од потраги по сочувување на својот интегритет, и откривање на сопствените стратегии за борба против сето она што нѐ одвојува од нашата суштина. Оттаму и станува збор за дело кое се доживува како повик и како поттик на сите оние кои ќе го исчитаат, да се впуштат во идентична авантура на себеиспитување и себенадоградување преку аналитички поглед во сопствениот емотивен талог.“ (Смилевски, 2022: 201-202)

На тој начин, петтата книга на Јовковска спонтано ја продолжува низата на автентични, нестандардни и невлакапени форми кои ги засакавме уште во нејзините претходни книги, особено во „Сакам, значи постојам“ (Скопје: Три, 2019) и „Ехо на слободата“ (Скопје: Три, 2018). Тие цртички искорнати од секојдневието се пресликани со една иста цел – искрено и отворено да проговорат за безвремените теми за животот, слободата, љубовта, неправдата, вистината, алтруизмот, егото и интегритетот. Така, и во оваа книга читателите ќе ги разоткријат и цивилизациските рани, и болките на секој од нас, оние кои обично сакаме да ги скриеме од другите и да ги поттурнеме под тепихот, затоа што така е полесно. Но, не и Ана. Таа дневнички, искрено до коска ги споделува сопствените искуства, стравови и исплакани солзи, се жали од минливоста на мигот или товарот врз мајките во воспитувањето на децата. Таа без зрнце калкулантство заграбува под површината на конзервативните очекувања и патријархалните модели, ги разголува консумеризмот и женската опсесија со годините и килограмите, ги демаскира челичните чизми на перфекционизмот, лажниот морал и вечно неразбраните љубовни односи. Таа ја прогласува храброста за ослободувачка емоција и нè поттикнува сите бестрашно да се спротивставиме на она што не ни се допаѓа. Таа нè мотивира да ја скршиме илузијата дека држиме сè под контрола, да побараме помош и да не се плашиме да бидеме ранливи. Таа нè активира да бидеме општествено одговорни и гласни против неправдите. Таа нè стимулира да љубиме безрезервно и да живееме по свое! И баш како илустрацијата од корицата, таа е мегафон кој им дава гласност не само на сопствените интроспективни светови, туку и на предизвиците на светот во времето-невреме во кое живееме, со нагласен женски сензибилитет и интензивен акцент на борбата за родова рамноправност, што веројатно се насетува од разголената града која дискретно ѕирка од мегафонот.

Во тој контекст, Стојменска-Елзесер ќе рече дека „… станува збор за едно искрено и умно четиво, информирано и луцидно, густо и промислено, кое има првенствена насоченост да допре до читателот, да ја воспостави толку посакуваната комуникација со поширокиот круг восприемачи, да поттикне реакција, а со тоа и натамошна акција во насока на сестраниот феминистички и хуманистички активизам, кој претставува една значајна компонента на богатата и комплексна личност на авторката.“ (Стојменска-Елзесер, 2022: 88) И што е најважно, за Ана Јовковска сите овие пораки за читателите не се само флоскули, тие се извадени од најдлабокото, од душата во која како да ги спикала сите мајки со болни деца, сите работнички што не земале плата, сите жртви на пандемијата, сите маргинализирани, обесправени и осамени, нè собрала сите нас со сите наши страдања и несигурности. За возврат, кога критички настроена према себеси се преиспитува: „Дали моето книжевно огледало е вистинскиот одраз на мојот лик? Дали со секое парче текст се разголувам себеси за уште еден слој емоции? Дали со пишувањето храбро стапнувам на животната отскочна штица или комфорно се кријам зад туѓите зборовите на авторите? … Дали со пишувањето трчам во својата удобна, само моја празнина, во мојата сопствена носталгична тишина? Или залудно се напрегам да ја разберам сета човечка врева за да ја преточам во парче молк што вреска…“ (Јовковска, 2022: 186), можеме само да ѝ порачаме „Врескаш Ана, врескаш и во наше име!“. И за тој вресок на „новото розово“, сите ние, твоите читатели, сме бескрајно благодарни!


Користена литература:

Димков Тони, Разговор со Ана Јовковска за книгата „Емотивен талог“: Прозна вивисекција на срцето, умот и светот, Слободен печат, 04.05.2022, https://www.slobodenpecat.mk/razgovor-so-ana-jovkovska-za-knigata-emotiven-talog-prozna-vivisekcija-na-srceto-umot-i-svetot/
Пристапено на 19.07.2022

Јовковска Ана, Емотивен талог, Скопје: Три, 2022

Мартиновски Владимир, корица на Емотивен талог, Скопје: Три, 2022

Смилевски Гоце, „Емотивен разговор со себе и со своето време“, во Емотивен талог, Скопје: Три, 2022, стр. 201-203

Стојменска-Елзесер Соња, „Ана Јовковска, Емотивен талог, Три, 2022“ во Културен живот 1/2, Скопје, 2022, стр.87-88

АвторАна Мартиноска
2022-08-31T20:03:28+00:00 август 29th, 2022|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 145 - 146|Tags: |