„НОВО РОЗОВО“ ПАРЧЕ МОЛК ШТО ВРЕСКА

/, Литература, Блесок бр. 145 - 146/„НОВО РОЗОВО“ ПАРЧЕ МОЛК ШТО ВРЕСКА

„НОВО РОЗОВО“ ПАРЧЕ МОЛК ШТО ВРЕСКА

(Кон книгата „Емотивен талог“ од Ана Јовковска, Скопје: ТРИ, 2022)

 

„Ова е едно ново, модерно розово кое во себе ги содржи сите нијанси на животот. Моќно и инклузивно! Ново розово кое не се плаши да биде храбро и да блеска, и во исто време да ја покаже кршливоста и ранливоста. Новото розово е полно со емпатија и солидарност, а во исто време е доволно свесно и критично кон сите неправди на човештвото. Тоа е новото розово кое ги прави жените активни субјекти, наместо пасивни Барби кукли. Ние сме креаторки на сопствениот живот! Борки!“ (Јовковска, 2022: 130)

 

Во последните неколку години jа имам привилегијата да бидам прва читателка на сè што пишува научната истражувачка, колумнистка и писателка Ана Јовковска. Тоа ми овозможува од прва рака да сведочам за неуморната енергија и перфекционистичкиот порив со кој Јовковска му пристапува на пишувањето, и она академското, и ова креативното. Сеедно за кој жанр станува збор, дали се тоа научни културолошки трудови, новинарски интервјуа и колумни или прозно-есеистички медаљони, а Ана е авторка на која најчесто ѝ се тесни класично дефинираните книжевно-критички жанри, пристапот е речиси ист. Таа секогаш има јасна визија за пораката што сака да ја испрати, темелна подготовка и прочитана стручна литература од повеќе области за темата за која сака да пишува, креативен набој што пршти и длабока почит кон буквално секој збор.

Сложеноста и длабокомисленоста на писателскиот занает е во противтежа со едноставноста на напишаното, а кога велам едноставност го мислам тоа како најголем комплимент од блажеконески тип, како способност писмото да се доведе до онаа, навидум спонтана форма на говорењето, која што ја доближува мислата до читателите на чудесен и ефектен начин. Истовремено, со истата едноставност Јовковска ги лови комплицираните и трауматски искуства на човештвото, непретенциозно и сосема искрено говорејќи во прво лице еднина, иако како што нè учеше четвртиот бран на феминизмот – зад личното секогаш се крие и политичкото, зад индивидуалната болка на единката се маскираат и колективните калапи на општеството. Како што е својствено за неа и докажано во многу прилики досега, оваа авторка е свесна дека и за едните и за другите не треба да се молчи. Па вели „Ако ја сменам сценографијата, чувствата и ситуациите сепак ќе останат непроменети. Се работи за бинарните машко-женски односи, за нормираните родови идентитети, за вечно неразбраните љубовни односи. За некои работи предолго молчиме… сè додека брановите не ја прелеат чашата на емоционалната издржливост.“ (Јовковска, 2022: 15)

Извлечени од секојдневието и инспирациите кои ги отвора подеднакво и баналноста на еден обичен ден меѓу четири ѕида, маж, дете и куче, и од друга страна, вечните теми како родовите стереотипи, конфорните зони, просветлувачките книги, емотивните инвалиди или егзистенцијалните кризи, мислите, расказите, колумните и есеите од „Емотивниот талог“ на Ана Јовковска имаат различни форми и уште повеќе различни мотиви и лајтмотиви, но една силна поврзувачка нишка. Приказните од кујната на Јовковска се „крчкани натенане“, сериозно промислени и продлабени низ слоевите на колективните матрици, но едновремено длабоко прочувствувани и процедени низ решетките на сопственото искуствено доживување и прошарани со шармот на нејзината ретка, и следствено, скапоцена природа. Во нив таа навидум се занимава со себе и женските револуции кои ги води на свои четириесет години, начинот на кој зрелоста ја научила бргу да излегува од вртлогот на тагата, да има разбирање, емпатија и љубов за другите „од тука до вселената“, затоа што и покрај сите болки, искуства и опасности, животот е убав дури иако ништо не е како што сме замислувале дека треба да биде. Истовремено, нејзиното интимно соголување всушност крие извесна гандиевска филозофија зад себе, длабоко верувајќи дека со личниот пример може да го трасира патот кон поправеден, послободен и попродуховен свет. Па така, од редовите на нејзината последна книга ќе научиме дека молкот понекогаш е потежок од најгрдиот збор, дека да бидеш храбра значи да излезеш од конфорната зона и да се избориш да живееш по свое, дека треба почесто да се присетуваме на расцутувањето на загадочното царство на љубовта и конечно – дека треба да внесеме повеќе живот во животот.

АвторАна Мартиноска
2022-08-31T20:03:28+00:00 август 29th, 2022|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 145 - 146|Tags: |