Мотивот на природата во македонската и кинеската народна поезија

/, Литература, Блесок бр. 128/Мотивот на природата во македонската и кинеската народна поезија

Мотивот на природата во македонската и кинеската народна поезија


„Вило моме три зелени венци“

Оваа народна песна спаѓа во свадбените песни како што е наведено „кога у зетот плетит венец за невестата“. Овој обреден чин повторно ја одразува врската меѓу колективот и природата, но и важноста на бракот како отелотворување на плодноста на природата во човечката заедница. Обредниот карактер на песната е понатамошно изразен со плетењето на три венци, при што бројката три секогаш имала посебно значење во магиските и обредните ритуали. Природата во оваа песна е прикажана на микро ниво преку венците, но и на макро ниво со трансформацијата на венците која настанува во топосите на заедницата – дворот, лозјето и селото. Мотивот на метаморфозата го гледаме преку трансформацијата на здравецот во здравје, класот бела пченица во жетва, како и на црното грозје во црвено вино. Се разбира, главните мотиви кои ја поврзуваат оваа песна се мотивот на љубовта, бракот и плодноста. Притоа венецот ги претставува сите вредности кои девојката ги носи во бракот: здравјето симболизирано од здравецот, плодноста материјализирана во белата пченица и среќата и веселбата што ги носи црвеното вино.

Анализа на песни од Книгата на песните

При нашата анализа на песните во Книгата на песните, наидовме на повеќе случаи каде што се повторуваат сличните мотиви и тематски третман на природата. Во песната „Скакулецот“ слично на „Ој, Љуле“ во Збирката на Миладиновци, природата е метонимиски претставена преку скакулецот кој е носител на нејзините атрибути. Воедно, тој го одредува топосот каде што се спојуваат природата и човековата заедница. Во овој случај, летот на пеперугата е заменет со звукот на пеењето на скакулецот што го исполнува воздухот. Неговата музика која се разлева и воспоставува контакт со луѓето во оваа песна служи да се воведе мотивот на плодноста на природата. Народниот певец тоа го прави преку пораката за здрав пород и поколенија во семејството кои се содржани во песната на скакулецот. Ритмичките аспекти кои се карактеристични за кинеската класична песна се одразени преку ономатопејскиот рефрен на пеењето на скакулецот.

Во „Семето на тегавецот“, пак, народниот певец ја истакнува потребата да се следат циклусите на природата. Земјоделецот мора да го набере семето на тегавецот кога е зелен за да може да ги искористи сите негови лековити својства. Тука имаме пример како бојата на тегавецот ја има функцијата на показател на плодноста и здравјето кои произлегуваат од природата, еден редуциран, но ефективен пристап кон означителите на присуството на природата во песната. Ако земјоделецот не знае да ги препознае знаците на природата, тогаш самиот опстанок на заедницата се доведува во прашање. Поради тоа во песната преовладува императивот кој се рефлектира и во заповедниот ритам на песната.

Природата како извор на обредниот мотив можеме да ја најдеме во песната „Жетвата на водната леќа“, каде што преку серијата реторички прашања сме воведени во патријархалниот свет на заедницата. Воедно, преку тие прашања се претставува врската меѓу природата и луѓето. Таа е илустрирана преку патот на жетварите од езерото во долината до куќата на кланот. Пејзажот во песната е нацртан и структуриран како во најдобрите импресионистички слики, при што секој стих е економичен потег на четка кој ни го доловува обредот. Езерото и водната леќа се огледален приказ на куќата на кланот и неговите припадници кои живеат во неа. Слично на житарките во „Ој Љуле“, водната леќа треба да се трансформира во јадење за кланот, со тоа што ќе биде зготвено во казаните што се наоѓаат пред куќата. Преку овој обред, особено е нагласен мотивот на метаморфозата, бидејќи варењето на водната леќа има за цел да ѝ донесе плодност и живот на заедницата. Конечно, мотивот на плодноста е засилен и потврден со укажувањето дека единствена што може да го изведе обредот е невина мома. На тој начин е нагласена важноста на почитување на хиерархијата и законите на патријархалната заедница.

Мотивот на љубовта предаден преку природата го наоѓаме во песната „Тивката мома“ (73). Во оваа песна љубовта, преданоста и невиноста на момата се прикажани преку повеќе сцени кои се одвиваат на неколку локации во природата. Пејзажот на полето во кое се крие од момчето служи да ја интензивира нејзината невиност. Нејзината убавина е симболизирана преку кавалот од трска кој му го дарува на момчето, а нејзината покорност преку фактот дека момчето е единствениот кој може да свири на кавалот. На крајот од песната, таа му носи и лековита трева од нивата, што ја покажува нејзината поврзаност со природата. Конечно, симболиката на бракот како еден спој со природата е потврдена со крајниот стих во кој момчето вели дека сѐ што ќе му донесе момата од природата му е драго.

Можеби најубавиот и најлиричен приказ на спојот на природата и љубовта го имаме во песната „Личната праска“. Тука убавината на момата е отелотворена во прекрасниот розов цут на дрвото. Понатаму, плодноста на младата невеста е претставена преку богатиот род кој натежнува на гранките на праската. Мотивот на семејството и семејниот дом е илустриран преку самото дрво и длабоките корења кои го спојуваат со почвата и природата. Доказ за безвременоста на овој мотив и вкоренетоста во кинеската култура е фактот што и во 21 век на денот на свадбата во одредени делови во НР Кина на невестата ѝ се подарува праска. Тука може да направиме паралела со македонската народна песна „Черешна се од корен корнеше“, која е посветена на невестите на свадбите во Македонија, што укажува на блискоста и релевантноста на овие мотиви и во двете далечни култури.

Заклучок

На крајот од нашиот краток труд, не можеме да дадеме дефинитивни заклучоци поради тоа што корпусот песни кои беа опфатени со компаративната анализа не го дозволува тоа. Сепак, врз основа на нашата анализа, можеме да дадеме наши согледувања во врска со универзалноста на темата и мотивот на природата во народната поезија. Покрај тоа што зедовме примери од две култури и народни книжевности кои временски и географски немаат заеднички допирни точки, сепак обработката на песните покажа дека тие споделуваат заеднички теми, мотиви, како и преокупации. Се разбира, тоа произлегува од фактот што човекот од дамнина, па сè до скорешниот процес на индустријализација, својот живот тесно го поврзувал со природата, без разлика на географската локација во светот. Човештвото својот светоглед го градело низ призмата на природата, нејзините сезони и феномени, при што сите важни аспекти на животот нашле свој одраз во тематиката, симболите поврзани со природата. Мотивот на пејзажот, кој се јавува како во кинеската така и во македонската литература, затоа има толку продуктивна функција во создавањето на народните песни и генерално во фолклорот. Затоа може да заклучиме дека тој може да претставува плодотворна основа за влечење на паралели помеѓу македонската и кинеската култура, традиција и книжевност во некое понатамошно поопсежно истражување.


Библиографија

Пенушлиски, Кирил (1983). Македонски народни балади. Скопје: Македонска книга.
Пенушлиски, Кирил (1996). Митот и фолклорот. Скопје: Зумпрес.
Миладиновци, Димитрија и Константин (1983). Зборник на народни песни. Скопје: Македонска книга.
Радев, Игор (ур.) (2014). Вруток на прасковите цветови (антологија на класичната кинеска поезија). Скопје: Макавеј.
Dan, Yao (2010). Chinese Literature, Great Tradition Since the Book of Songs. Beijing: China Intercontinental Press.
Wang, Rongpei (ed.) (2008). The Book of Poems. Hunan: Hunan People’s Publishing House.
Li, Čuenju (2016). Kineska kultura кnjiževnost. Beograd: Albatros Plus

АвторЕлена Дамјаноска
ПреводМилан Дамјаноски
2019-10-21T10:14:05+00:00 октомври 1st, 2019|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 128|