Мотивот на природата во македонската и кинеската народна поезија

/, Литература, Блесок бр. 128/Мотивот на природата во македонската и кинеската народна поезија

Мотивот на природата во македонската и кинеската народна поезија

Анализа на избрани песни од македонската и кинеската народна поезија

Избрани песни од Зборникот на браќата Миладиновци

„Ој Љуле“

Оваа песна е сместена во категоријата жетварски песни, т.е. песни што се пееле при работа во поле, при што самиот ритам на песната воедно го дава ритамот и за работата на работниците. Ритмичната структура е нагласена со повторувањето на рефренот „Ој Љуле“ по секој стих. Но, воедно самиот ритам укажува и на обредниот карактер на песната, бидејќи главниот мотив во песната е плодноста на природата. Понатаму, придружен мотив е метаморфозата на природата, со што преносно се опева вегетацискиот циклус кој е една од доминантните теми во фолклорот. Меѓутоа, вегетацискиот тука се надоврзува на производствениот земјоделски циклус на заедницата. Притоа жетвата претставува еден вид крај на природниот вегетациски циклус, но во исто време и почеток на производството на храна со која заедницата ќе преживее до следната жетва. Овој контраст, но и содејство се прикажани и во структурата на песната, каде што првата половина на песната е посветена на описот на природата, на пејзажот на полето каде што раѓа природата, додека, пак, втората половина е посветена на „пејзажот“ на заедницата, на амбарите, подрумите и куќата каде што се складираат продуктите добиени од природата.

Описот на пејзажите на природата е направен преку две постапки. Примарно тоа е направено преку набројување на елементите на пејзажот во кој има симбиоза на природата и човекот, кој се разбира е дел од природата. Во пејзажот, кој е отелотворување на плодноста на природата, вклучен е човекот преку орачот, копачот и режачот, а како контраст во природата на нив се наведени росата, полето, морето, виното и житото. Заради економичноста на жанрот на обредната песна каде што се важни ритамот и мелодијата, овде немаме опширни описи на природата освен глаголите и придавките кои ја назначуваат плодноста како „родност“, „бериќет“ и „бериќетна“. Притоа поради самиот факт што оваа песна е наменета за публика што го живее и е добро запознаена со руралниот живот, народниот певец нема потреба да користи дополнителни дескриптивни маркери за да ги истакне мотивите.

Вториот мотив кој е важен во песната е мотивот на летот на пеперугата. Пеперугата воедно се надоврзува на мотивот на метаморфозата во природата, поради самата нејзина трансформација од ларва во пеперуга, на тој начин поминувајќи низ фазите на вегетацискиот циклус. Нејзиниот лет во оваа песна е замена за честиот мотив на ветерот или дождот кои со својата циклична природа се користат за да се поврзат различните фази во вегетацискиот циклус во природата. Овој пат пеперугата е таа што лета „од орачи на орачи, од копачи на копачи, од режачи на режачи“, притоа инкорпорирајќи го човекот во плодноста на природата. Конечно, нејзиниот лет ја отелотворува ритмичноста на пеењето, но и на жетварската работа во полето.

Последниот дел од песната го одразува обредниот аспект на песната која повторно ги спојува природата и човечката заедница преку приказните на јачменот, ленот, виното и житото под стреите и во амбарите на селото. Песната завршува со обредниот повик за дарување на сиромасите за пак идната година да биде плодна, на тој начин заокружувајќи го мотивот на раѓање и смрт, како и дарување и жртва како стилски неопходен чин, за да се смилуваат вишите сили во природата и да дарат плодна жетва и следната година.

„Заплакала ми голема нива“

Оваа песна, исто така, е дел од жетварските песни, но во исто време според темата и мотивите се преклопува со семејно-битовите песни поради темата на љубовта. Пејзажот во оваа песна има улога да ја постави сцената за главната тема – освојувањето на девојката, што се надоврзува на темата на плодноста, но во исто време пејзажот и неговите елементи имаат двојно значење. Нивата има метонимиска функција да ја претставува природата, но воедно е и отелотворување, персонификација на ликот на девојката или жената како симбол на плодноста. Асоцијацијата со ликот на Големата мајка понатамошно е нагласена со конструкцијата на пејзажот во песната, бидејќи таа е опишана како „голема нива“ која се наоѓа на „врв планина“ при што читателот може да ја насети силуетата на статуета на божицата Големата мајка. Положбата на врвот на планина го воведува мотивот на авантурата, на подвигот на јунакот кој треба да ја совлада планината за да стигне до неа.

Мотивот на плодноста повторно е нагласен преку природата, бидејќи јунакот што ќе ја освои нивата, т.е. девојката треба да ја изора и да посее бела „пченица црнокласица“. Со овој подвиг, јунакот ќе го обезбеди продолжението на вегетацискиот циклус во природата, но воедно ќе ја обезбеди и плодноста на заедницата, а со тоа и нејзината иднина и континуитет. Раѓањето на пченицата го означува економскиот просперитет на семејството/заедницата преку „полните девет амбари“, но е и симбол на раѓањето на новите поколенија преку набројувањето на деветте синови/девојки/внучиња. Повторувањето на овој колективен циклус е назначен преку чинот на бракот меѓу јунакот и девојката, но и браковите на следните генерации. Обредниот аспект е искажан преку репетитивното повторување на стиховите во двата дела на песната, но и со чинот на покрстување што го воведува христијанскиот аспект кој пак е поставен врз постариот и претходен пагански основ.

АвторЕлена Дамјаноска
ПреводМилан Дамјаноски
2019-10-21T10:14:05+00:00 октомври 1st, 2019|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 128|