Коси од розoва волница

/, Литература, Блесок бр. 105/Коси од розoва волница

Коси од розoва волница

Коси од розoва волница


Некој мора да ме слушна, некој мора да се смили, оти во следниот миг ги сетив рачињата на Солза околу мене, сетив како си го брише носето од моите коси, ѝ го слушнав срценцето како ѝ чука додека го притиска врз моите плеќи. Солза ме стискаше, Солза ја стискаше куклата со коси од розова волница додека Татко ѝ ја влечкаше до колата. Ме стискаше додека се одвезуваа до куќата и кога татко ѝ ѝ ја покри снагата ѝ ѝ дошепна да спие, и убави нешта да сончува. Солза ме стискаше и долго потоа, додека си го ронеше името на образите, и на перницата, и во чаршафите, и додека си го ронеше името во моите коси од розова волница.

Тие денови, тие години бев најсреќна и мислев дека засекогаш ќе траат. Се лажев дека засекогаш ќе траат. Се сеќавам дека ми изгледаше дека Солза ми го чувствува присуството, и дека затоа не се одделува од куклата со коси од розова волница. Често ми готвеше јадења и ми налеваше чај во чашките што со татко ѝ ѝ ги купивме за роденден. На крај самата си го пиеше оти јас не можев уста да отворам. Некогаш ќе ми ги затвореше тврдите oчни капаци и ќе ми дозволеше и мене да одморам. Секојпат кога ќе ми ги фатеше косите во кикички, и секојпат кога ќе ми направеше венчиња од шарени шноли, мислев дека Солза знае дека сум до неа. Секојпат кога ќе си ја испуштеше пред мене тагата што ѝ се тагареше в гради, ми изгледаше дека знае дека не сум ја напуштила. Мислев дека знае кога ми кажа за нејзината најдобра другарка, и за нејзината прва петка по математика, и за првата симпатија, и за првата љубовна болка. Мислев дека знае и кога ми се пожали дека ја боли стомачето оти прокрварила, оти девојка станала, и ми рече дека веќе не може да си игра со кукли и пластични чавчиња, и дека ѝ дошло време да се дружи и да излегува. Тогаш Солза ме закачи на ѕидот и почна подоцна од надвор да се враќа и да ме остава обеспокоена. Стрепев саноќ за девојчето мое, се умев и думав дали ќе се врати здрава и жива, среќна или расплакана. Некогаш, трезна или потпијанета, ќе ме симнеше од ѕидот, ќе ми ги бакнеше образите со усните врели како варени костени и ќе ми речеше дека сите тајни ѝ се во мене, и дека сум ѝ и мајка, и сестра, и најдобра друшка. Се прашував дали Солза знае дека сум тука кога, секојпат кога ќе се скараше со татко ѝ, доаѓаше и мене ми се жалеше, кога велеше дека тој не ја разбира и дека многу нешта ѝ забранува, и дека многу се грижи, а не треба, оти таа е паметна девојка. Солза велеше дека татко ѝ не ѝ верува, а јас сакав да ѝ речам дека тој само се грижи, и дека се грижи за двајца, оти јас бев заробена во кукла од тврда пластика. Солза ми раскажа многу нешта. Ја гледав како расте, како се смее и плаче, како срцето ѝ се крши и пак ѝ заздравува. И некако, на некаков начин, чувствував дека сум таму за неа, и дека моето тело од пластика се топи под нејзиниот допир, и дека таа може да сети дека сум жива, дека не сум само кукла со очи расцепени како угаснати јаглени што ниту ја гледа, ниту ја разбира.

Солза сега плаче, а јас сум беспомошна. Пробувам да мрднам со рацете, пробувам да претнам со нозете, ама не можам. Ја гледам како го врти главчето и ме погледнува. Станува од креветот и ми се доближува. Чинам ми ги чита мислите во очите џамлии, чинам ми ги чита и за последен пат си го рони името на образите. Ме откачува од ѕидот и излегува од собата. Татко ѝ ја прашува каде ќе оди. Во подрумот, му вели таа. Тој ме погледнува. Во очите му ја гледам љубовта насушна. Те сакам, му велам, секогаш ќе те сакам. Тој ме гледа уште малку, погледнува во Солза и кимнува. Буричка во џебот и му ги подава клучевите од подрумот на девојчето мое. Солза ги зема и брзо излегува. Се затрчува по скалите удолу, небаре се плаши да не се премисли.

Клучевите ѕангарат додека Солза ја отклучува вратата од подрумот. Гледам влажно е. Гледам темно е. Мора да мириса на мувла и спомени. Мора да мириса на заборав. Солза оди во ќошот и распретува во кутиите. Наоѓа една полупразна и ми го легнува телото во неа. Ја гледам. Ме гледа. Ѝ го чувствувам името како ѝ се рони врз моето лице од пластика. Ѝ го чувствувам името како ѝ паѓа во моите очи, угаснати јаглени, и ми ги полни, и ми се меша со солзите кои сакам, а никако не можам да ги пуштам да капнат.

Тргнува да замине, ама се повраќа, ме зема од кутијата и силно ме прегрнува. За последен пат стоиме така: Солза згрчена околу моите коси од розова волница, јас стопена во нејзините рачиња. Знам дека е последен оти така ми го гушкаше телото и пред да заминам, пред да исчезнам. Пред да се престорам во пластика. Збогум, девојче мое, сакам да ѝ речам, ама не можам, оти устите ми се здрвени. Солза за последен пат ме погледнува и ме бакнува во образот. Сакам Солза и очите да ми ги затвори, ама не ѝ текнува. Ги фаќа капаците на кутијата и полека ги затвора. Ѝ го гледам личенцето како ѝ се преполовува, како се смалува, како исчезнува. Пред мртвиве очи ми минуваат сите наши спомени. Утробата ми се кине и Солза оттаму излегува. Го слушам нејзиниот прв плач. Го опипувам нејзиното лигаво ситно телце со рацете. Нејзините запчиња ми ги грицкаат пупките на боските. Ја слушам како се кикоти кога со татко ѝ ја луламе на лулашките. Ѝ ги слушам ситните стапки кога навечер трчка до нашата постела оти нешто лошо сончувала. Ѝ го мирискам косичето што ми ги скокотка носниците. Солза веќе не спие со играчки. Чај пие со другарки. Веќе не плаче по мене, ами по момчиња. Солза ми порасна.

Капакот на кутијата се склопува. Мрачнината ми го тиска телото како нараснато тесто. Клучевите тропкаат, се завртуваат во клучалката на вратата од подрумот. Ги слушам чекорите на Солза како се оддалечуваат. Ги слушам чекорите на девојчето мое како ме оставаат. Ама не е важно. Овојпат нема да се опирам. Не оти не можам. Не оти не сакам. Ами оти порано или подоцна, Солза ќе мора да ги одрасне моите коси од розова волница.

АвторВерче Карафилоска
2018-12-19T12:29:44+00:00 јануари 17th, 2016|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 105|