Кон книгата Гласови на новиот век: Зошто ни е потребна оваа книга?

/, Литература, Блесок бр. 120 - 121/Кон книгата Гласови на новиот век: Зошто ни е потребна оваа книга?

Кон книгата Гласови на новиот век: Зошто ни е потребна оваа книга?

Впрочем, оваа книга не само што ни е потребна, туку е и неопходна за да се деконструира вистински терминот „книжевна генерација“ во контекстот на новото, нашево време. Потребна ни е за да ни покаже дека денес во македонскиот книжевен простор, барем кога станува збор за поезијата, воопшто не можеме да говориме за нови „книжевни генерации“ во истата смисла во која овој термин го употребуваме кога говориме за македонските поети кои беа книжевно „легитимирани“ до почетокот на осумдесеттите години на XX век. Потребна ни е за преку нејзиниот прочит да дојдеме до заклучокот дека меѓу овие застапени автори не постои манифестна поврзаност околу заедничка поетичко-естетска платформа, ниту обединетост која упатува кон припадност на заедничка, единствена, нова стилска формација.

Несомнено, голем дел од нив/нас, во периодот на своите дебитирања настапуваа/настапувавме и во „генерациско единство“, најчесто сврзано со декадата во која се/сме родени, но согледувајќи од временска дистанца, можеме да констатираме дека таквото единство не се темелело врз идеја за отпочнување „борба“ за заедничка поетика, туку врз идеја за почнување „борба“ за заедничко залагање за книжевни вредности и за поинаков пристап кон книжевноста (но од секого, индивидуално доживеан) – нешто што веројатно е одлика на сите нови бранови автори – но и врз идеја за заедничко впрегнување на силите за сопствен пробив на книжевната сцена… за потоа, по пробивот, секој да продолжи во книжевниот простор да го чекори творечкиот пат индивидуално, онака како што и им доликува на (пре)создавачите на стихови, ако се поети во вистинската смисла на зборот.

Исто толку е несомнено и дека во изминативе нецели две декади, поради стилската, поетичката и/или тематската блискост меѓу творештвото на некои од генерациски блиските поети (според годинината на раѓањето или дебитирањето во книжевноста) застапени во овој избор, сме се обидувале да детектираме дали/дека се навестува нова стилска формација во која се врамени и новите стихови коишто се создаваат кај нас. Па така сме говореле и за насетување појава на „нов реализам“, исто онака како што сме говореле и за поетиката на урбаното. Но оваа книга ни е потребна за да ни потврди од временска дистанца и дека во многугласието на вешто артикулирани, автентични поетски гласови на XXI век, сепак, иако е евидентно своевидно дистанцирање од постмодернизмот (па и од постпостмодернизмот), реално, во македонскиот книжевен простор не треба да бараме таков, формациски заеднички именител, иако речиси сите автори застапени во ова издание може да се обгрнат во настојувањето да пишуваат поразлично од своите претходници, да се навратат на темите што се сметале за „затворени“, да пишуваат за она што порано се сметало за непоетско… во настојувањето од сè да се направи поезија – и навистина да се успее во тоа. Исто онолку колку што еден дел од нив стиховите ги создаваат не само од сликите, туку и од јазикот на секојдневјето, кој некогаш (можеби и не толку одамна) им бил/беше туѓ на поетите, како што им е туѓ и на неколкумина чии песни се меѓу овие корици (ете, уште една важна потврда дека не може да се говори за една, единствена заедничка стилска формација). Да, оваа книга ни е потребна за да ни покаже и како голем дел од застапените поети, користејќи ги „привилегиите“ на слободниот стих, се имаа(т) впуштено во бегство од метафоричниот дискурс, целосно приклонувајќи се кон метонимијата, при што некои од нив неретко се изразуваат преку сарказмот, иронијата и/или хуморот во и меѓу стиховите, додека пак други, нивни книжевни врсници, имаат стил препознатлив преку густата метафора и симболот (а некои дури суптилно и реферираат кон поетиката на авторите од македонската лектира). А во песните на трети, пак, речиси секогаш има скриена метафора или скриен симбол, поместени во второто или третото интерпретативно рамниште, зад првото коешто го овозможува метонимискиот дискурс.

Гласови на новиот век ни е потребна и за да биде барем мало сведоштво за тоа дека некои од застапените поети покажуваа(т) и докажуваа(т) дека за вистинскиот поет лириката и денес не е, не мора и не треба да биде декадентна – автори кои објавија и цели поетски книги кои можат и треба да бидат поетски водичи како да се биде лиричар на XXI век, со современ, поинаков израз од оној на канонизираните лиричари (и тоа не само во македонската книжевност). Лиричар чиј стил наоѓа и свои следбеници во нашава современост. Но потребна е и затоа што е сведоштво за тоа дека други од застапените автори во исто време покажуваа(т) и докажуваа(т) дека може да се биде поет на градот (на овој град во кој живееме и којшто го живееме) во македонскиот книжевен контекст, а да се биде разбран и интерпретиран и во речиси секоја друга книжевна средина, поет што и среде урбаното наоѓа простори за вечни прашања; докажуваат како да се биде и поет на модерното, наше секојдневје, а да не се биде (минлив) поет на мигот, туку поет на ем нови ем вечни дилеми кои проникнуваат и во суштината на постоењето – и на човекот, и на светот, и на секој од нас како индивидуа. Така, во овој избор присутно е творештво и на поети кои се обидуваат во своите поетски слики да го преосмислат секојдневјето, и на поети кои сакаат во и меѓу стиховите само да го насликаат и/или иронизираат таквото секојдневје поради неговите апсурди, и на поети кои сè уште се надеваат дека стихот има моќ да го промени секојдневјето и кои се критичари-бунтовници…

АвторИван Антоновски
ПреводМилан Дамјаноски
2018-09-20T12:50:06+00:00 септември 19th, 2018|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 120 - 121|