Кон Бекетовиот израз: комплексноста и минимализмот

/, Литература, Блесок бр. 101-102/Кон Бекетовиот израз: комплексноста и минимализмот

Кон Бекетовиот израз: комплексноста и минимализмот

Кон Бекетовиот израз: комплексноста и минимализмот


Но јас ништо не знам. Ништо не велам. Овие гласови не се мои, нити овие мисли, туку се гласови и мисли на демоните што ме опседнуваат.

Семјуел Бекет, Неименливото

Се чини дека оваа реченица изговорена од нараторот од Бекетовиот роман Неименливото го отсликува неговиот однос кон сопствените дела, кон целата литература, па дури и кон комуникацијата воопшто. Бекет се занимава со јазичниот систем и со неточноста на претпоставката дека комплексниот систем на знаци може навистина да пренесе значење. Тој во своите драми ја презентира реалноста онаква каква што ја гледа – како бесконечна линија од означители, кои всушност ништо не означуваат. Иронијата во неговите дела се состои во тоа што постоењето подразбира зборување, а за да се зборува, треба да се усвои јазичниот систем, систем на зборови кои немаат инхерентно значење.
Секој обид да се стигне до јасна и точна интерпретација со востановување на идентитетот на Годо преку критичка анализа, би бил исто толку наивен колку и обидот да се откријат „јасни контури скриени зад бојата на сликите на Рембрант со стружење на бојата“1F. Алан Шнајдер, кој требало да го режира првото поставување во Америка на Чекајќи го Годо, го прашал Бекет кого или што претставува Годо, го добил одговорот „Да знаев, ќе кажев во драмата“2F. Ова е корисно предупредување до секој оној кој им пристапува на драмите од Бекет со намера да го открие клучот на нивното разбирање, да покаже прецизно и точно што тие значат. А сепак, за драмите кои се напишани на толку необичен и збунувачки начин, природно е да се чувствува потреба за објаснување, со кое би се открило нивното скриено значење и би се превеле во секојдневен јазик. Изворот на оваа заблуда лежи во погрешното сфаќање дека мора да постои некаков начин за ваквите драми да се редуцираат до конвенциите на „нормалниот“ театар, до дејствија кои можат да се раскажат. Обидите да се постигне тоа, се разбира, осудени се на неуспех: наместо линеарен развој, Бекетовите дела ја претставуваат авторовата интуиција за човековата состојба преку еден метод кој е всушност полифоничен; ја соочуваат својата публика со една организирана структура на искази и слики кои се длабоко испреплетени едни со други и кои мора да се восприемат во својата целост, како различни теми во една симфонија, кои добиваат значење преку истовремена интеракција.

Но ако мора да им се пристапи на Бекетовите драми со големо внимание за да се избегне симплификација на нивното значење, тоа не значи дека не можеме да ги изложиме на внимателно набљудување, да изолираме слики и теми, и да се обидеме да ја разоткриеме нивната структурна основа. Резултатите на таквото проучување би требало да ни го олеснат следењето на авторовата намера, и да ни помогнат да ги согледаме – ако не одговорите – барем прашањата кои авторот ги поставува.
Бекет не само што пишува на маргините на јазикот, туку создава и маргинални карактери, и исти такви дејства, и сè се одвива на маргините на просторот. Во неговите дела, бездруго, отсуството и празнотијата се најприсутни елементи. Годо – олицетворението на присуството – никогаш не доаѓа. Животот се претвора во чекање, исполнето со празни разговори за да помине времето, и рутински, речиси механички движења кои бесконечно се повторуваат. Животот поминува без вистински да се живее. Во ваквите идеи препознаваме субверзија на маргиналното: маргиналните карактери и дејства стануваат главни, маргината се претвора во средиште. Но се чини дека оваа субверзија ја достигнува својата целосна моќ преку тишината, која го потиснува, го обезличува јазикот и стекнува повеќе значење отколку самите зборови.
Целото творештво на Бекет може да се гледа како потрага по реалноста која се наоѓа зад разумот. Тој можеби го обезвреднува јазикот како инструмент за искажување на конечните вистини, но се покажува како голем мајстор на јазикот како уметнички медиум. Во потрага по подобар материјал за работа, тој ги обликува зборовите во моќно средство за остварување на неговата цел. Во театарот, Бекет успева да му даде друга димензија на јазикот – контрапункт на дејството, конкретен, многустран, необјаснив, и врши директно влијание врз публиката. Ако драмите на Бекет се стремат кон изразување на невозможноста да се најде значење во еден свет кој е предмет на постојано менување, неговиот јазик ги става под прашалник границите на јазикот како средство за комуникација и како инструмент на мислата. Всушност, со самиот факт што ја употребува сцената, Бекет покажува обид да најде средство за комуникација надвор од јазикот.

Мартин Еслин во своето дело Театар на апсурдот, меѓу другото, фрла светло и врз прашањето зошто Бекет пишува на француски јазик. Еслин го предочува фактот дека голем број писатели се издигнале до слава со дела напишани на јазик кој не им е мајчин, но обично условите им налагале да пишуваат на странски јазик:

Прогонството, желбата да се прекинат врските со земјата од каде потекнувале поради политички или идеолошки причини; или желбата да се обратат на светска публика, која може да натера припадник на мала јазична заедница, Романец или Холанѓанец, да пишува на француски или англиски. Но Бекет во никој случај не бил прогонет во таква смисла, а неговиот јазик е прифатен како lingua franca на дваесеттиот век. Одлучил да ги пишува своите ремек-дела на француски бидејќи почувствувал дека му треба дисциплината која би му ја наметнала употребата на јазик кој не му е мајчин. На еден студент кој работел на теза за неговото творештво, кога го прашал зошто пишува на француски, Бекет му одговорил дека на француски му е полесно да пишува без стил.3F

Со други зборови, додека во мајчиниот јазик, писателот може да падне во искушение и да се оддаде на виртуозноста на стилот, странскиот јазик ќе го принуди да ја задржи генијалноста која во мајчиниот јазик би можела да се изгуби меѓу стилските украси, и ќе ја сведе на највисок степен на јаснотија и економичност во изразувањето.

Во тој контекст, забележуваме дека главна карактеристика на делата на Бекет е што јазикот не е накитен, и впечатливо е отсуството на семантички празни зборови и фрази4F; наместо тоа, јазикот е „осиромашен“ и сведен само на „најпотребните“ елементи, односно на минимум. Таквиот избор на зборови е во согласност со Бекетовиот стремеж за избегнување на украсувањата на јазикот. Очигледно е отсуството на дескриптивен дискурс во неговите дела, и таквото отсуство повторно нè упатува кон идејата за пишување без стил. Во следниов пример од Чекајќи го Годо, особено се потенцира намерата да се избегнат описи:

VLADIMIR: How’s the carrot?
ESTRAGON: It’s a carrot.5F
Бекет употребува кратки и граматички едноставни реченици во кои се повторуваат неколку едноставни сврзници. Eлиптичностa е толку зачестена, што може да се каже дека е една од главните синтаксички одлики на неговите драмски текстови. Најчестата функција на елипсата е прикажување на спонтан, неприпремен говор. Истовремено, таа го стилизира разговорниот јазик и е во функција на неговата склоност кон укинување на редунданцата. Меѓутоа, елипсата неретко може да создаде и амбивалентна смисла. Токму затоа, наместо да го поедностави, оваа карактеристика на јазикот го усложнува изразот. Кратките, елиптични прашања и исти такви одговори, кои навидум се едноставни и јасни, кај Бекет создаваат двосмислености и недоразбирања:

VLADIMIR: One out of four. Of the other three two don’t mention any thieves at all and the third says that both of them abused him.
ESTRAGON: Who?
VLADIMIR: What?
ESTRAGON: What’s this all about? Abused who?
VLADIMIR: The Savior.
ESTRAGON: Why?
VLADIMIR: Because he wouldn’t save them.
ESTRAGON: From hell?
VLADIMIR: Imbecile! From death.
ESTRAGON: I thought you said hell.6F

Постојаното повторување на исти зборови и реплики остава впечаток дека ликовите, односно дејството, се врти во круг од кој нема излез. Се повторуваат и ситуациите, некогаш исти, а некогаш изменети во однос на претходно, но сите промени, па дури и ослепувањето и оглувувањето, животот и смртта, се прикажани како тривијални и ништожни. Повторувањето е во функција на минимализмот во изразувањето, кој алудира на празнотија и недостиг, но од друга страна, можеби на презаситеност со значење; тој минимализам потсетува на безволноста и неможноста, но и излишноста од барање начин да се биде разбран. Таквиот минимализам во изразувањето, всушност, конечно упатува кон тишината, како претстава за достигнување на совршено разбирање, или тишината како слика за човековото помирување со неможноста да биде разбран.

#b
1. Esslin, Martin. The Theatre of the Absurd. 3rd ed. London: Methuen, 2001. Print. P.45
2. ibid. 44
3. Ibid. 37
4. Со исклучок на клишеата, кои се користат како показател на дезинтеграцијата на јазикот.
5. Beckett, Samuel. The Complete Dramatic Works. London: Faber and Faber, 2006. Print. P 21
6. Ibid.14-15

АвторЛидија Митоска
2018-08-21T17:20:40+00:00 ноември 12th, 2015|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 101-102|