Колач од јаболка

Колач од јаболка

По предавањето ѝ пријде со загрижен израз на лицето. Жал ми е ако ве вознемирив, случајно беше. Таа само одмавна со главата, не знаејќи што да рече. Ја прифати неговата покана за пијалак. Кога тој ѝ ја подаде чашата со вотка, таа со својата рака ја опфати неговата и си ја принесе чашата кон усните. Мислеше дека така ќе му покаже дека не е навредена и дека морала да си отиде од други причини. Ѝ дозволи да ја изведе таа своја мала претстава. Неговата рака не се повлече, не се спротивстави. Потоа тој пиеше од нејзината рака, која цврсто ја прими, а потоа нагло ја подвитка – така овде пијат вотка, рече, не ја потпивнуваат. Таа вечер таа пиеше многу и се смееше многу гласно. И виде дека младичот, освен опасниот допир, има и неодолив поглед и насмевка. Да кажеше само еден збор или да ја фатеше за рака и да тргнеше кон својата соба, знае дека ќе го следеше.

Таа ноќ не можеше да заспие. Стана, го вклучи светлото и застана пред огледалото. Го гледаше своето тело со неговите очи. Виде тело на жена што родила две деца, двајца синови речиси на неговите години. Сочувано, сѐ уште со мека и затегната кожа. Но знаеше дека меѓу нив се испречија тие два збора „сѐ уште“, дека е тоа препрека што не може да ја прескокне, без оглед на чувствата што тој ги разбуди во неа.

Копнежот што се појави во неа при првиот, случаен допир не исчезна ни следниот ден, за појадокот. И се појавуваше повторно при секоја нивна средба. Тоа беше однос на професионално почитување, на меѓусебна соработка, дури и на воодушевување. Обострана сосредоточеност, интензивно чувство за присутноста на оној другиот. Како навистина да беа љубовници, за тој час или два што заедно ги поминуваа на секои неколку недели светот околу нив не постоеше. Може ли самиот копнеж да даде такво интензивно уживање? Додека го гледаше од другата страна на масата, знаеше дека е можно.

Нивното приближување беше долготрајно, преполно колебања, постапно.

Се сеќава на првиот пат кога ја прегрна. Паѓаше дожд и, за да ги собере под нејзиниот мал чадор, мораше да се стиснат. Ја прегрна без двоумење, како да го направил тоа безброј пати. Под тенката ткаенина го почувствува неговиот цврст стисок. Ако во тој момент го свртеше лицето кон него, сигурна е дека неговите усни ќе се спуштеа на нејзините. Ако во близина имаше каков било третокласен хотел, ако тој тргнеше кон влезот, ако влезеа внатре и ако се качеа во една од собите, без двоумење би се фрлила на не баш чистата покривка на креветот што мириса на влага и на телата што до неодамна лежеле на него.

Дојдоа до автобуската станица. Запали цигара и парче хартија остана залепено на неговата усна. Инстинктивно ја подаде раката и му го тргна хартичето, дури тогаш освестувајќи се дека го прекршила своето непишано правило за недопирање. Не се тргна.

Но се тргна кога таа првпат, во момент на веселење, случајно ја допре неговата коса. Седеа на „нивната“ маса во ресторанот и тој кажа нешто што ја насмеа и ја натера да се заборави. Се поднаведна и ја подигна раката со намера да помине со прстите низ неговата коса. Тој нагло се поттргна, речиси како да очекува удар од неа. Ја фати нејзината рака, веќе опасно близу. Со срамежлива насмевка го сопре нејзиното движење. Тоа значеше: немаш право да ме допираш на тој начин, не сега, не овде. Имаше право. Но кога таа, и покрај тоа, го направи тоа, некој момент подоцна, од пркос, ја остави полека да ги провлече прстите низ неговата цврста коса. Се гледаа во очи.

Блиску сме, преблиску, помисли тогаш и го вдиша неговиот здив.

Една дождлива вечер поради него пропушти два автобуса. Молчејќи стоеја и слушаа како дождот удира по покривот на автобуската станица. Влезе во третиот. Ја чекаше вечера. И него го чекаше вечера. Допирот на неговата рака околу рамената го носеше до дома. И дома. И во креветот. Со денови го чувствуваше како вдлабнатина. Како рана.
Нејзиниот маж, веќе поспан, сепак таа вечер забележа дека мириса на тутун. Да, замисли, на состанокот некои пушеа. И не излезе? Не, седев покрај отворениот прозорец, но мирисот се вовлекува во облеката.

На една друга конференција го гледа неговото лице во првиот ред. На сцената е, говори. Јасно го гледа, бледо е, како осветлено однатре. Салата е во полумрак, но него го гледа, можеби поради светлата коса. На тоа лице има насмевка. Знае ли дека таа го гледа? Одозгора е тешко да се види тоа. Но таа му зборува нему, му се обраќа само нему. Тој мора да го чувствува тоа.

Подоцна, во пивницата, на ручек е целата група од дваесетина учесници. Го следи со погледот, па, иако е на другиот крај на масата, ги чувствува неговата присутност и секое негово движење, како да седи покрај неа. Кога ќе им се сретнат погледите, нејзиното тело затреперува. Ѝ станува неиздржливо да седи опкружена со толку луѓе. Станува и излегува. Знае дека тој не може да излезе по неа.

АвторСлавенка Дракулиќ
ПреводКристина Велевска
ПреводЕлизабета Баковска
2019-01-15T10:19:35+00:00 јануари 5th, 2019|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 123|