Кои се десетте најдобри раскази на светот?

/, Литература, Блесок бр. 129/Кои се десетте најдобри раскази на светот?

Кои се десетте најдобри раскази на светот?

Во Македонија досега не се направило опсежно истражување за тоа кои книжевности процентуално се најзастапени во македонските преводи. Такво истражување, но за периодот од 1945 до 1990 година спровеле Анастасија Ѓурчинова и Соња Стојменска-Елзесер во 1992 година, кое покажува дека најпреведувани книжевности на македонски јазик во тој период се руската, француската, американската, англиската, па германската. Раководејќи се според оваа логика – ако воопшто нечиј личен вкус и претпочитања можат да се сведат на каква било логика – изненадува фактот што се застапени само двајца руски автори, исто колку и јапонски, од кои последниот феномен можеби и може да се објасни со култниот статус што збирката раскази Рашомон од Акутагава го уживаше во Македонија. Можеби помалку изненадува присутноста на американските автори, имајќи ја предвид доминацијата на формата на расказот во американската култура во ΧΧ век, како и фактот дека од тројцата присутни американски автори, две се жени – Фланери О’Конор и Лусија Берлин. Родово балансираниот пристап на уредникот во изборот на учесници во антологијата (5 + 5) некомплетно се отсликува во присуството на авторки: три од десет. Што и не изненадува нешто особено, имајќи предвид дека книжевниот канон е доминантно машки.

Доминантноста на машкиот канон ме носи и во нашата книжевна традиција, која да не беше Оливера Ќорвезироска ќе беше избришана од светската мапа. Колку битен и сосема непланиран чекор од Ќорвезироска, како вистинска, темелна и длабоко промислена љубителка на јазикот – да ја избере традицијата без која ниеден од нас немаше да може воопшто да пишува.

Пред да скршнам од родовата тематика, би сакала да се осврнам и на чудниот избор на Никола Гелевски, имено расказот „Натрапничката“ од Борхес. Во својот краток есеј кон расказот, Гелевски вели дека има повеќе причини за таков избор: идејата за антологијата ја нашол кај Борхес, Борхес несомнено е еден од најголемите раскажувачи на XX век и конечно тој смета дека расказот е исклучителен поради елементите на психолошки трилер, мистерија и мелодрама, поради неговите силни ликови и колоритот на локалниот идиом на Буенос Аирес. Сепак, и самиот го истакнува проблематичниот однос на Борхес кон женските ликови, на некој начин објаснувајќи го тоа преку неговата политичка конзервативност, но и фактот дека книжевноста „долго била сметана за машка територија“. Сепак, зборуваме за расказ во кој двајца браќа (силните ликови) се вљубуваат во девојка (лик без карактер) која ја делат. Кога ќе сфатат дека таа меѓу нив „го посеала семето на раздорот“, ја убиваат, а потоа откако ќе се отарасат од нејзиното сега веќе бескорисно тело за да го задржат својот близок однос, се гушнуваат и речиси плачат. За разлика од Гелевски, во овој расказ гледам само еден примитивизам и позната романтизација на фемицидот и во таа смисла не можам да го разберам ставот на Гелевски дека важноста на делото на Борхес е тоа дека претставува „мост меѓу предрасудите“.

Во сите есеи во антологијата, оној на Гелевски припаѓа на пристапот на половина застапени писатели: Иван Шопов, Калина Малеска, Владимир Мартиновски, и јас. Во овие осврти, авторот е речиси неприсутен: иако го оправдуваат својот субјективен став, тие се стремат да ја докажат вредноста на расказот низ негови интерпретации, или пак низ неговата улога во еден историскокнижевен контекст. Би го издвоила есејот на Калина Малеска – напишан со нејзиниот луциден, читок, питом јазик – за „Следбениците на Мида“ од Џек Лондон, бидејќи успева да го стори токму тоа кон кое се стремат повеќето критички осврти: да просветли, да отвори нови врати во интерпретацијата на текстот, да ни прикаже досега непознат свет. Другите есеи во антологијата имаат помалку академски, а повеќе писателски карактер, да не речам интимистички – што и нив речиси ги доведува на ниво на раскази. Тука спаѓаат текстот на Димитрие Дурацовски со неговите незаборавни слики од снегот и езерото при освртот на „Мртви“ од Џојс, потоа моќната лична историја што ја поврзува Лидија Димковска со Цветаева и со нивните два ѓавола, како и мајсторските лирски паралели на Магдалена Хорват со Лусија Берлин. Есејот на Оливера Ќорвезироска, пак, го ставам во посебна категорија, иако и покрај личните откриени детали, неговиот пристап е поакадемски: тој претставува едно исклучително темелно читање на „Играта на старците – последното оро на Кузета Кузмана“, читање својствено само за страстен и суштински познавач на делото на Петре М. Андреевски. Притоа, стилската раскошност на есејот на извесен начин ѝ парира на „понадата со зборови“ (како што е насловен есејот) во расказот на Андреевски. Оттаму, Ќорвезироска посочува дека се потрудила есејот да има еднакво толку зборови колку и расказот што го одбрала – 2.890. Конечно, посебно е трогателна постапката на уредникот Гелевски да го вклучи блескаво сликовитиот сетилен расказ „Петел“ од Лилјана Дирјан, во замена за есејот што не стигнала да го напише.

Како што веќе напоменав, важноста на оваа антологија лежи и во преведувачката шареноликост што ни ја претставува, со можности за пофалби и критики. Така, на највисоко ниво стојат преводите на Магдалена Хорват и Виктор Шиков, од кои последниот во преведувачкиот пристап со лексичките решенија стилски наликува на преведувачкиот стил на Огнен Чемерски. Младите преведувачи Марија Ангеловска и Борислав Јарчевски се одговорни за расказот на Џек Лондон – се работи за преведувачи со светла иднина пред себе, чие можеби недоволно големо искуство единствено се манифестира со повремени несоодветности во регистарот. За жал, можеби најпроблематичен е најдолгиот расказ во антологијата – „Мртви“ од Џејмс Џојс, во превод на Томе Момировски. И покрај корекциите во преводот од страна на Никола Гелевски, тој сѐ уште е буквален и нечиток, со што е лишен од стилската суптилност на Џојс.

Сепак, токму разноликоста – и во расказите, и во есеите, и во квалитетот на преводите – го прави ова дело единствено, и толку значајно во штуриот, неосмислен, и ограничен избор на квалитетна литература на македонски јазик. Ја поздравувам идејата на Никола Гелевски и го охрабрувам следниот потфат да му биде сличен – но овој пат, во жанрот на поезијата.

АвторРумена Бужаровска
2019-12-27T12:00:13+00:00 декември 18th, 2019|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 129|