Книжевно-историските состави во македонската средновековна литература

/, Блесок бр. 08, Литература/Книжевно-историските состави во македонската средновековна литература

Книжевно-историските состави во македонската средновековна литература

Летописот според својата природа припаѓа кон книжевно-историскиот жанр во комплексот на средновековните јужнословенски книжевности и во руската книжевност, а од функционален и семантички аспект е термин што означува „пишување по лета (години)“15F. Основата на летописот се бара во византиските хроники, чиешто формирање во посебна жанровска форма датира од ранохристијанскиот период. #1 Во нив дејствијата се предаваат во хронолошка последователност од периодот на „создавањето“ на светот, преку легендарната историја на Блискиот Исток, се до раѓањето на Исус Христос. Натаму следи старогрчката историја сублимирама преку митови и легенди, историјата на Константин Велики (324-327), па продолжува со историјата на Византија, претставена во повеќе случаи до современоста на авторот на хрониката16F. И во средновековните јужнословенски литератури – во Македонија, Србија, Бугарија, како и во Русија, се извршиле преводи на најпознатите византиски хроничари: Јоан Малала (VI век), Георги Синкел (VIII век),
патријарх Никифор (VIII-IX век), Георги Амартол (IX век), Теофан Исповедник (IX век), Симеон Логотет – Метафраст (X век), Јоан Скилица (XI век), Јоан Зонара (XI-XII век), Георги Кедрин (XI-XII век), Константин Манасиј (XII век) и други. Притоа, пишувачите користеле разновидни извори: Библијата, светтите отци, делата на античките писатели и на писателите од раниот среден век, народните преданија и сл., што како содржина ја определува нивната мозаична структура.
Хрониката како историска творба, најдобро ги изразува особеностите на христијанската историографија. Во нејзиниот состав се забележува преплетување на податоци од историјата на црквата со историјата на државата, а со тоа проникнувањата меѓу Библијата и световната историја. Во основата на нивната филозофска концепција се наоѓа идејата за провидението и предодреденоста, што тесно се испреплетува со идејата за континуиран светско-историски процес, постојан развој и усовршување на човечкото општество (како на пр. Патот на развој од паганство кон христијанство)17F. Во овие творби јасно е изразена мислата за божествениот произлез на господаречката власт. Со тоа, авторите, следејќи ја библиската содржина во некои творби, редица историски личности застапени во нив ги предаваат како светци, доколку се канонизирани од црквата, а одделните историски настани ги излагаат хагиографски, т.е. Под формата на чудесното.
Византиските хроники содржат разновидни претстави за историјата на светот. Според начинот на претставувањето на настаните, според својата форма, тие можеле да бидат кратки и опширни. Кратката структурна форма настанала во VI век, а историскиот материјал застапен внатре го третира како краток список на владетели, проследен од Адам до времето на пишувачот на хрониката, и на поважните настани, главно војни, проследени без коментар. Опширната структура на хрониката е позната како „световна“ и има посложена содржинска композиција. Византиската хроника во двете пројавени структурни форми станала основа за развојот на оригиналната и на преводната историско-летописна продукција во словенските средини, а меѓу нив и во македонската. Потребата од запознавање со општата историја на светот, како и неопходноста од идентификација на сопствениот (национален) историски развоен процес, ја наложува прифатливоста и развојот на летописните творби во жанровскиот систем на средновековната словенска литература. Словенскиот превод на византиските хроники се јавил во периодот на IX-X век, кога се вршело генерално комплетирање на книжевно-жанровскиот систем18F. Притоа, уште првите творби со историографска проблематика се жанровски определени, бидејќи пишувачите усвојуваат теоретски сознанија за веќе востановени жанровски пропозиции – композиција, стил и јазик. Пишувачите на хрониките често се задржувале на одредени поединости во излагањето, а понекогаш внесувале и поголеми одломки од други дела. Поради тоа, хрониките со големата разновидност од теми и начинот на нивната интерпретација, станале мошне интересно четиво сред византиските читатели. И словенските историско-летописни текстови според природата и карактерот во голема мера приличеле на византиските, при што ги следеле идејните и структурните моделации на хроничарската продукција.
Уште на самиот почеток од создавањето на словенската писменост, се јавува и првиот историски труд пишуван на словенски јазик „Историкиите“ или „Хронолошката таблица“, чијшто автор е ученикот на #2 Методија – Константин Презвитер. Оваа хроника припаѓа кон краткиот тип византиски хроники. Авторот изготвил список што ги содржи имињата и годините на владеење на разни библиски лица и световни владетели, започнувајќи од Адам и завршувајќи со современието на авторот, односно до владеењето на византискиот василевс – Лев VI Филозоф (896-911)19F. Хрониката била составена според Краткиот хронограф на цариградскиот патријарх Никифор. Покрај овој извор, во хрониката се забележуваат дополненија земени од други извори или внесени од самиот Константин, како резултат на негови самостојни проучувања. Примеров со „Историкиите“ го покажува одзивот на силното византиско влијание во доменот на кратката хроника.
Согледувајќи го натмошниот развоен пат на средновековната словенската хроника, се доаѓа до сознанието дека тој пат бил истовремено еволутивен, но и доста бавен. Во натамошните периоди покрај создавање на оригиналните текстови се вршела и компилација од византиските хроники и од јужнословенските историски настани, а најголема продукција повторно се бележи во доменот на преводот на византиските хроники. Развојот на јужнословенската хронографија одбележува продукција на творби кои одразуваат одделни настани, честопати без поголема врска меѓу себе, процес кој не резултирал во создавање на една универзална световна хроника, во која пошироко би биле претставени настаните што би го тангирале македонското средновековно општество. Во тој поглед, како најдобра пројава ја истакнуваме „Анонимната хроника“ од XV век, која ги следи навлегувањата на Турците од Мала Азија на Балканскиот Полуостров и нивните завојувања од 1296 до 1417 година, со извесни грешки во хронологијата и податоците сврзани со имињата на учесниците во настаните. Така, „Анонимната хроника“ е наполно световна творба, која одразува исклучително значајни настани од животот на Балканот и содржи верна историска оценка на настаните. Но, и покрај нејзиното значење во поглед на поголема документарност и веродостојност во излагањето, и таа не излегува надвор од рамките на кратките хроники. Всушност, отсуството на континуитет меѓу одделните творби со историографски карактер и соодветно на тоа приемливоста меѓу различните историски периоди или настани одразени во нив е основната одлика од византиската историографија. Затоа, продирот и продукцијата на историографските творби во македонската средновековна книжевност, не го согледуваме во еден континуиран и синхронизиран ред, што би резултирал во создавање на една универзална светска хроника.
Историско-летописните творби, идентификувани во нашата средновековна литература, ги карактеризира отсуство на монолитност во рамките на самиот жанр, а творбите меѓу себе се разликуваат во однос на формата, замислата и композицијата. Но, и покрај извесниот дисконтинуитет, македонската летописна продукција, иако навистина не многу богата, покажува интересно разнообразие во рамките на жанрот. Така, се бележи историско-летописна продукција, во која се третираат настани од историјата на црквата и државата, при што се презентира степенот на историското сознание на интелигенцијата и се согледува нивниот одраз сред народните маси, кои се заинтересирани за стекнување на историски сознанија. Оваа летописна литература ги продолжува традициите на кратката хроника, но во нова форма, сврзана со панегиричната литература. Во нашата летописна традиција се бележи појавата на литературната форма на летописниот расказ, во чија содржина обично се третира еден историски настан, а не верига од настани, а во интерпретацијата се забележува народен однос кон излагањето и сознанието за историските и духовните вредности на нацијата. Како самостоен летописен циклус се јавуваат и апокрифните летописи, како податлива форма на изразување на историската мисла од периодот на византиското господство (XI-XII век). Во нив евидентна е врската со фолклорната традиција, а нивната конструкција ги определува како апокалиптични раскази, во чија содржина врз основа на повеќе библиски мотиви се оформуваат одделни епизоди од актуелните историски настани. Продуцирањето на книжевно-историските творби во средновековната македонска литература се објаснува со влијанијата од богатата византиска летописна традиција, домашните историографски извори, како и со интуитивно формирање на состави кои се доближуваат или оддалечуваат до определени модели, благодарение на карактеристичната постапка на смесување на жанровите од средновековниот жанровски систем во рамките на една творба20F.
Историско-летописната книжнина во жанровскиот систем на словенската средновековна книжевност, е мошне значајна како појава во двата пројавени облици – и како преводна и како самобитна, оригинална. Како преводна, таа се јавува во улога на показател за културното рамниште на средновековното феудално општество и за неговите интереси. Воедно, од тоа што се преведува и како се преведува, може да се согледа развојот на нашата интелектуална средина во различни периоди од нејзините пројави, просветното рамниште на пишувачите и читателите, новите идејни пројави што ја доловуваат литературната атмосфера на соодветното време. Оваа преводна историско-летописна книжнина ги покажува интересите и вкусовите на владејачката класа и нејзините занимања за световни, нерелигиозни прашања значајни за запознавање на минатото на светот. Преку оваа преводна историографска литература, јужнословенскиот средновековен читател се поврзувал непосредно со византиската книжевност, но и со некои предходни култури. Контактот со источната и елинистичката култура се остварува преку преводите од грчки јазик на историски раскази, апокрифи, повести. Тие во својата првична редакција доаѓаат од Индија, Палестина, Египет. Врската со античката култура се согледува повторно преку оригиналната византиска литература, којашто ги прифаќа античките традиции во жанров однос или содржи податоци за античноста21F. Преку византиските хроники словенските писатели во средниот век навлегуваат во светот на антиката, пришто во оригиналните творби тие внесуваат во видоизменета форма редица антички идеи, се среќаваат со старогрчите поети, филозофи и научници.
Од друга страна, пак, како оригинална книжнина, историско-летописната литература го потенцира не само интересот кон одредени настани од историјата на народите, туку изразува и значајни народни тенденции, проткаени со национални определби во кои доминираат и лични чувства и согледби, и со тоа историското раскажување добива типично уметнички третман. Она што е оригинално во една литература е изразено во содржинските слоеви, согледани од повеќе аспекти, како проблематика, како литературна тенденција, израз на определени идеи, како атмосфера на актуелното време. Во оригиналната продукција согледливи се противречијата и основните тенденции во македонскиот општествен систем, изразени преку судирот на актуелните идеи, како и поврзување на разновидни културни слоеви.

#b

15. Илија Велев, Македонскиот книжевен XIV век, Скопје 1996, стр.255.
16. Светлина Николова, Хроника, -Во: Староблгарска литература – Енциклопедичен речник, Софиа 1992, стр.498.
17. Ѓорѓе Трифуновиќ, Азбучник српских средњовековних књижевних појмова, Београд 1990, стр.365.
18. Илија Велев, Македонскиот…, стр.257.
19. Вера Антиќ, Од средновековната книжевност, Скопје 1976, стр.43-49.
20. Иван Божилов, Исторически… , стр.26.
21. Донка Петканова, Староблгарска литература IX-XVIII век, Софиа 1992, стр.25

АвторМаја Ј. Тошиќ
2018-08-21T17:22:10+00:00 април 1st, 1999|Categories: Критика, Блесок бр. 08, Литература|