Книжевно-историските состави во македонската средновековна литература

/, Блесок бр. 08, Литература/Книжевно-историските состави во македонската средновековна литература

Книжевно-историските состави во македонската средновековна литература

Во раниот период од развојот на историската мисла, во историографските творби се согледуваат само првични елементи на историски претстави, кои се изразуваат преку индивидуално репродуцирање на одделни настани. Поради тоа, само со теориско осмислување на внатрешните врски меѓу појавите, што ги оформува распрснатите факти во реален систем од дејствителни односи, се доаѓа од сознанија за одредени историски факти кон дејствителна ерудиција на историјата, а историските знаења се трансформираат во историска наука7F. Бидејќи историските творби во средновековниот период одразуваат сведоштва за самите настани, а со посредство на авторовата интерпретација го претставуваат и духот на дадената епоха, тие едновремено ја исполнуваат функцијата на историски извори и историографски паметници.
Во текот на средновековниот период се обединуваат различни по вид творби во еден општ историографски жанр, во кој процес се забележува присуство на три главни белега: 1) изразување историска врска и приемливост меѓу настаните преку нивното проследување во хронолошка последователност; 2) изразување на определена политичка тенденција; 3) практична насоченост на настаните8F. Затоа, при утврдувањето на обемот и карактерот на старословенската историографија во никој случај не треба да се смешаат поимите историска творба и историски извор. Ова го покренува прашањето за можното прецизирање на границите на историографскиот жанр во однос на останатите жанрови, со оглед на процесот на изразено жанровско преплетување, како карактеристична особеност за средновековната книжнина во целост. Во овие творби, очигледно е преплетувањето на историјата со хагиографијата, историјата со апокрифната книжнина, меѓу историјата и публицистиката и слично9F. Од друга страна, книжевни творби, коишто според својата жанрова карактеристика се однесуваат кон други книжевни форми, поседуваат извесна или поголема степен на историчност, а најдоминантни историско-жанровски формални трансформации се забележуваат во хагиографските, апокрифните и публицистичките текстови. Поради тоа, во извесни случаи, во историографскиот жанр се вклучуваат творби кои во себе поседуваат одредена историска информација или летописни елементи, какви што се творбите на Црноризец Храбар и Презвитер Козма, кои изразуваат актуелни настани на своето време, понатаму извесен дел од хагиографската и химнографската продукција и други творби, разновидни официјални обраќања во писмена форма познати како посланија или епистолија, правните грамоти и слично. Овие книжевни состави припаѓаат кон други жанровски форми, а главната причина за нивното мешање со историографскиот жанр и неможноста да се воспостави цврста граница меѓу нив, лежи во природата на старата словенска литература, во која како основа за изделување на жанровите се поставувал предметот или темата на која било посветено делото, како и од нивната понатамошна примена во практичниот живот. При зададена тема и функција како значаен фактор за оформување на творбата се јавува и модусот (модус, начин на изложување или аспект), којшто е ангажиран од самиот жанр, но и од стилот, тематскиот материјал и функцијата на излагањето, преточена во книжевниот состав10F. Така, историските теми имаат тенденција да се сврзат со единствен конвенционален збир од стилски средства и наполно очекувано – со раскажувачкиот модус карактеристичен за летописанието, независно од тоа кон каков жанр припаѓаат и дали се реализираат во определена жанровска форма. Самите книжевни особености на жанрот, како основ за негово изделување, биле поставени во втор план.
Како карактеристичен пример за поседување на значителен обим историска информација во својот состав се старословенските житијни состави. Житијата се религиозни состави по својата форма, но заради присуството на историскиот фон во нив, тие од своја страна претставуваат значајни творби и на средновековната книжевно-историска мисла. Како житијни творби во кои се забележува присуството на веродостојни историски настани и факти ги споменуваме: Пространите житија на Светите браќа Кирил и Методиј (Панонските легенди), грчките житија на св. Климент Охридски – пространото од охридскиот архиепископ Теофилакт и краткото од Димитрија Хоматијан, Првото и Второто словенско житие на Наум Охридски, житијата посветени на словенските анахорети: св. Јован Рилски, св. Прохор Пчињски, св. Гаврил Лесновски и св. Јоаким Осоговски, во чијашто содржина манастирскиот летопис хагиографски е разработен. И покрај политичките тенденции и веродостојност на историските информации застапени во житијните состави, сепак овие податоци играат второстепена улога во житијното раскажување, бидејќи согласно со христијанската традиција на преден план истапува идеализираниот лик на светецот и неговите богоугодни дејанина, на кого му се припишуваат хагиографски карактеристики и дела. И уште нешто, кога во едно житие, похвала или слово авторот се повикува на минати настани, тој не ги претставува дејствијата во некаква временска последователност, туку главно, врши нивно резимирање, се концентрира врз нивниот резултат, или, пак, ги разгледува повеќе симболично, отколку да ги претстави во однос со реалното време11F. Затоа житијниот жанр се приопштува кон хагиографскиот род, кој имал своја сопствена еволуција, одделна од појавата и развојот на историско-летописниот жанр, но меѓу нив забележуваме взаемен однос во процесот на жанровското преплетување. Како илустрација за овој взаемен однос е следењето на еволутивниот развој на житијниот жанр, за чиј почетен период на постанок е карактеристично тоа што историските факти и историските личности во житијата биле опфаќани и претставувани во рамките на можното. Низ својата натамошна еволуција, житието губело од својата веродостојност, историографските елементи ослабнале, а фантастиката полека го заземала своето место и нудела форми интересни за средновековниот човек. Д.Богдановиќ поради тоа истакнува дека житието во својот развој се движело на релацијата меѓу историјата и легендата12F, при што во различни периоди се забележува превласт на едниот од овие два елементи. Утврдувањето на процесот што се однесува на преплетувањето на различните видови творби, коишто припаѓаат кон еден општ жанр или кон различни жанрови, има значење при утврдувањето на карактеристиките на историографскиот жанр, кој по својата литературна форма, композиција, стилски особености се одликува од останатите.
Во процесот на проучување на средновековната историска книжнина во рамките на старословенскиот жанровски систем, во литературата се среќаваме со постојана употреба на термините „историографија“, „историопис“, како и „историско-летописно“ творештво. Ваквата употреба на термините, што главно се однесува на оригиналната словенска историографска книжнина, се обусловува од особеностите на творбите вклучени во нејзин состав, во однос на оние кои се создаваат во Византија и Западна Европа, каде што главно преовладуваат класичните форми претставени во хрониките и историите. Со покрстувањето на словенските народи и прифаќањето на христијанството како официјална религија, а како резултат на книжевно-културната дифузуја од страна на византиската литература, во старословенската книжевност се бележи прифаќање на хрониката како класична форма на историографијата. Притоа, се констатира нејзино прилагодување на месните прилики и влијанија, како резултат на што се стимулира и развојот на оригиналната словенска историографска книжнина и во други пројавени облици и содржини.
Од творбите коишто денеска ги имаме на увид, сведоци сме на една хетерогеност во рамките на историографскиот жанр, бидејќи овие книжевни состави меѓу себе се разликуваат според обемот, формата, идејната насоченост и сл. Во овој хетероген состав се вклучуваат творби кои според својот класичен вид нашле израз во словенските хроники, како и состави со летописна содржина – записи и натписи, раскази и сл. Меѓу појавата на секоја нова форма и претходната која веќе егзистира, постои взаемен однос на прифаќање и натамошно унапредување како на стилот, така и на идеите застапувани во нив, поради што наполно може да се зборува и за постоење на историско-летописна традиција во системот на старословенската писменост и култура.
Постапката на систематизација на историографските творби е од големо значење при определувањето на жанровскиот развој на старословенската историска книжнина. Со нејзина примена се овозможува поголема прегледност на творбите во рамките на конкретниот жанр, нивна суштинска типологизација со оглед на прецизирањето на нивните карактеристични структурни, содржински и функционални особености. При систематизацијата на книжевно-историските творби, потребно е во рамките на објективните можности, да се изделат оние книжевни состави кои според својата литературна форма, композиција и стил се одделуваат од творбите што припаѓаат кон другите жанрови во старата словенска литература. Меѓутоа, секој обид за систематизација на историографската книжнина има условен карактер, и претставува повеќе работна отколку конечна класификациска шема. Оваа условност доаѓа и од таму, што воопшто, самата систематизација на жанровските групи во старата словенска книжевност не го добила својот крајно прецизен и завршен вид13F. Поради тоа се налага потребата од типологизација на книжевно-историските творби, со која би се извршила нивна класификација во одредени структурни подгрупи. Притоа, би се применил структурно-композицискиот и тематскиот класификациски принцип, со што би се извршило проследување на развојот на одделните историографски творби во рамките на книжевно-историскиот жанр.
Според функцијата и опсегот на историското соопштение, книжевните историско-летописни творби можат да се класифицираат како: хроники (оригинални и преводни), летописни раскази, апокрифни летописи и летописни записи и натписи.
Притоа, мораме да нагласиме дека во рамките на секој од овие структурни поттипови, се издвојуваат помали групи во зависност од тематиката, структурата и обемот на одделните творби, предизвикано од процесот на внатрешниот развој на историскиот жанр и укажуваат на основните форми, кои се утврдуваат како трајна појава во жанровскиот систем на историографијата14F.

#b
7. Милијана Кајмакамова, Блгарска средновековна историопис, Софиа 1990, стр.12.
8. Н.Л. Рубинштејн, Русска историографиа, Москва 1941, стр. 17.
9. Иван Божилов, Стара блгарска литература, Исторически сочинениа, том трети, Софиа 1983, стр.22.
10. Норман Ингм, Повествователен модус и литературен жанр во средновековните православни литература: тезиси, Староблгаристика, Софиа 1993 (XVII), бр.3, стр.39-40.
11. Норман Ингм, Повествователен модус…, стр.42.
12. Димитрије Богдановиќ, Предговор кон „Путеви византијске књижевности“ од Ханс Георг Бек, Београд 1967, стр. 51.
13. Красимир Станчев, Стилистика и жанрове… , стр.56-97.
14. Милиана Кајмакамова, Блгарска средновековна… , стр.22.

АвторМаја Ј. Тошиќ
2018-08-21T17:22:10+00:00 април 1st, 1999|Categories: Критика, Блесок бр. 08, Литература|