„Каналот Мусолини“ на Антонио Пенаки – ведар поглед на мрачните периоди кои ги има во историјата на секој народ

/, Литература, Блесок бр. 117/„Каналот Мусолини“ на Антонио Пенаки – ведар поглед на мрачните периоди кои ги има во историјата на секој народ

„Каналот Мусолини“ на Антонио Пенаки – ведар поглед на мрачните периоди кои ги има во историјата на секој народ

„Каналот Мусолини“ на Антонио Пенаки – ведар поглед на мрачните периоди кои ги има во историјата на секој народ


Романот, како второ, е и приказна за историјата на семејството Перуци, едно живописно табло за животот, страдањата и премрежијата на три генерации на ова семејство. Случувањата во романот го опфаќаат долгиот историски период кој опфаќа два века во текот на кои Италија се ослободува од последните остатоци на феудализмот, преку забрзаниот процес на индустријализација и обидот да стане империјална сила, обид кој неславно завршува во Втората светска војна. Премисата да се раскаже историјата на еден народ и ера преку историјата на едно фиктивно семејство е добро позната постапка во книжевноста, особено во традицијата на реализмот и модернизмот. Меѓутоа, тоа што дава свежина на овој проверен рецепт е наративната перспектива на субјективен раскажувач кој вешто не носи низ приказната и навидум случајно скока од период во период, од тема на тема, од лик на лик, како и што би му прилегало на еден народен, а не професионален историчар. Всушност, ако размислиме, тоа е најчестиот начин како првично ја восприемаме инитимната, семејната историја, но и историјата на колективот и нацијата. Низ раскажувањата на постарите, седнати на заедничка софра, за време на прослави или кога се иде на гости, тука се распостилаат сите апокрифни истории, тука се раскажуваат настаните кои се кријат и потиснуваат од службената историја, тука се создаваат митовите и легендите, како на пример за тоа дека Мусолини секогаш бил заљубен и загреан за бабата, матријархот на семејството Перуци.

Но, токму оваа неформална и дијалогича наративна структура овозможува низ приказната на Перуци да провејуваат сите важни структурни елементи кои ја сочинуваат градбата на италијанскиот идентитет и наратив: почнувајќи од времето на Гарибалди, па во еден широк опфат сѐ до времето на Берлускони. Спиралното движење низ наративот на историјата на раскажувачот само ја илустрира повторливата природа на животот на едно тло и и неменливоста на менталитетот на заедницата, но и постепениот напредок и прилагодувањето на обичниот човек на промените кои ги носи новото време. Тоа што ѝ дава тон на вистина на оваа текстуална панорама на историјата е здраворазумското размислување на обичниот човек кое проблескува низ размислувањата на нараторот, а кое го поткрева велот на илузија кој официјалната историја го фрла на нашите очи. Затоа нема да не изненади фактот дека Мусолини и целото негово фашистичко движење на почетокот било социјалистичко и левичарско, за распадот на старите традиции и институции да го однесат кон неминовниот пат кој завршува во диктатура и расизам. Потоа, ви станува појасен фактот дека обичниот народ гледа на идеологијата од перспектива на своето голо преживување и тоа кој ќе му пружи заштита, па нормално кога е експлоатиран од локалните земјопоседници да побара заштита во добро организирано движење како фашистичкото. Конечно, за обичниот човек сите тоталитарни системи изгледаат исто од нивата, но обичниот човек се сеќава дека дури и Рузвелт и Сталин учеле лекции од успесите на Мусолини во модернизацијата на едно заостанато и аграрно општество како Италија.

„Каналот Мусолини“ воедно е и роман за градењето на една нација, за доселениците од цела Италија кои се слеваат во новиот регион и кои се неопходни за овој проект да биде успешен. Овој диспаратен и шаренолик амалгам на имигранти ќе го создадат јадрото за еден нов етникум, еден нов регионален идентитет. Пенаки живописно ни ги доловува борбите меѓу дојденците и локалците, константниот стремеж да се зачува стариот идентитет, но и напорите да се прилагодат на новото опкружување и реалност кои се сѐуште се присутни и живи до ден денешен во поделбите меѓу циспадинците и моравите. На страниците на оваа книга се распостила процесот на интегрирање на сите овие елементи во еден нов мозаик преку мешање, женидби, кумства и едноставно неизбежниот соживот, толку во спротивност со тврдењата за чисти нации и древното потекло на народите, толку чести теми на официјалните истории и идеологии.

Покрај сето претходно наведено, „Каналот Мусолини“ не би бил живо дело кое дише и пулсира без ликовите од семејството Перуци. Перуци се отелотворување на духот, енергијата, традицијата, истрајноста, мудроста, но и на итроштините, суеверието, суровоста и заблудите на обичниот човек, квалитети и маани кои придонеле да опстане низ вековите додека се менувале државите околу него. Имињата на синовите се показател на непрекинатата врска низ вековите, почнувајќи од класичните херои Темистокле, Перикле и Парис, па сѐ до Турати и Модилјана, имиња на современите херои, италијанските политичари. Семејството Перуци живее од на и од земјата на своите предци сѐ додека не се истерани од локалните грофови Ѕорѕи Вила и се присилени да учествуваат во бонификацијата и изградбата на Каналот Мусолини, своевиден континуитет помеѓу старата и новата историја. Потоа, секое машко чедо на Перуци учествува во војните кои ги води државата, но и се сировата сила и тупаница која го гради фашистичкото движење. Низ пресметките во рамката на семејството ги гледаме поделбите на левица и десница во општеството, толку добро познати и во нашата историја. Тајната на опстојувањето на Перуци низ сите овие предизвици е во примарноста на семејството кое е ставено над сѐ. Затоа не е дури ни проблем да се прифатат во семејството и идеолошки противници и туѓинци само ако се подготвени да ги земат нивните жени, па дури и кога доаѓаат со багаж од претходно родени копилиња.

2018-09-25T12:55:12+00:00 јануари 3rd, 2018|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 117|