Каква е бојата на странците?

/, Литература, Блесок бр. 118/Каква е бојата на странците?

Каква е бојата на странците?

Каква е бојата на странците?


Новелата „Но Уи“ е густо и прегнантно срочено четиво, создадено низ вкрстувањето на документарни историски собитија и автентични ликови – соочени со животот во странство и личното странствување како судбински поим и егзистенцијална метафора, отпорано застапена и веќе бележита компонента во творечкиот опус на Димковска.

Оваа новела, на вешт и слоевит начин, ја разоткрива тивката, но не помалку длабока трагика на семејните драми и трауми (семејните разделби, раздори и отуѓувања). Без оглед на сета сериозност на тематската определба, нарацијата се одвива низ еден топол и присен тон на девојчето-раскажувач, додека текстот е зачинет со зачудни и комично обоени сцени, што придонесуваат за разиграноста и питкоста на, инаку потресните, човечки ситуации и фрленоста во историјата (при што се преплетуваат сеќавања од Втората светска војна и настани, индикативни за непосредната современост).
Во ова дело, преовладува пркосниот дух на антифашизмот, кој е втемелен во еден реален простор и град, каков што е Сплит, кој, во текот на нарацијата, прераснува во универзален хронотоп и симбол (на невозможниот сон) за враќањето, или барем, патувањето до – дома.

Новелата се темели на принципот на в-удвоеност, застапен на повеќе рамништа, почнувајќи од самиот, по малку шегобиен и необврзувачки, наслов, кој алудира на вечната амбивалентност, распнатост, не-сводливост помеѓу: да и не, помеѓу „нас“ и „другите (во нас)“, меѓу црното и белото, во животот, како и во писмото (индикативно двојство, што е впрочем видливо и во насловот од последната поетската збирка на авторката – „Црно на бело“).

Овој принцип на удвојување понатаму опстојува во самата постапка на градење на ликовите во делото: поточно, во огледалното повторување на нивните имиња – бабата Неда (чијашто ултимативност во името како да ги предодредува ултимативноста и на нејзините животни избори и постапки) – како главна хероина во приказната и нејзината, истоимена внука Неда како раскажувач и свидетел на една необична животна сторија и судбина. Карактеристичниот лајтмотив, кој честопати се повторува во нагаленото обраќање на бабата „ајме, Неде“, при тоа делува како симбол на нивниот траен дослух, дури и во времињата, кога бабата, поради деменција, ќе го заборави италијанскиот јазик и ќе се врати во својот мајчин (хрватски) јазик – на тој начин, станувајќи недостапна за комуникација со другите членови во семејството.
Така, навидум, спонтаните и отворени муабети (на нараторката и бабата Недељка) во ова неголемо (ама впечатливо) дело, сами по себе, претставуваат едно вистинско, мало, егзистенцијално „заверено“ богатство.

2018-10-30T09:48:21+00:00 март 27th, 2018|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 118|