Кажи му збогум на поетскиот пев

/, Литература, Блесок бр. 74/Кажи му збогум на поетскиот пев

Кажи му збогум на поетскиот пев

Поетот е комплицирано машинче, раздвижуван од алкохол, не успева да се смести, нема бразда во мозокот за да се однесува нормално, ќе избега тогаш кога треба да остане, стрчи како нула на едно место, кога сите побегнуваат, кога фаќаат кривина, тој останува за да разбере, за повторно да почувствува, да доживее удар во јајцата, поетот е огромна енергија на револуцијата на чувствата, тој е алигатор што ти ја одгризува главата и ти ја одвлекува во кочина, ќе те изеде, ако престанеш да му се допаѓаш; пазете се од поетот, отстапете пат пред тие засонети очи што го голтаат искривениот простор; поетот е грозен мечтател, негов ΄рбет е раскваканата река на поезијата, па поетот мора да биде и малку душевно откачен, бидејќи неговото срце е протегнато како жица низ целата вселена, низ сите вселени, низ сите светови на расипништвото, знае да биде и одвратно препирлив, кога веќе не сакаат да му дотурат и го исфрлуваат надвор во полноќта, во мразот и во студот, затоа што веќе стигнал сите гнасно да ги опцуе, да им се спротивстави, со секого да се закачи, со секого да се степа: чуми свински, без љубов сте и без душа! Така се моли поетот и се измачува и премногу се изморува, сè може поетот да го разнесе, сè, секоја трошка, лош чекор, шмркање, неуспешна ерекција, разделба, погреб, пораѓање, пелтечење; оди со светилка од главата па сè до прстите на нозете, до гнасотијата под ноктите, а таа облагородувачки топла светилка поетот со големо задоволство би им ја предал на сите несреќници, кои животот ги носи во алелуја… Поет не може никој да постане, поетот ѝ се раѓа на мајката од колкот, не од крилото, за веднаш при раѓањето да не се извалка… Невозможно е поинаку…
Многумина распалавени препредени луѓе сакаат да изгледаат како поети, смела елеганција, безочиво жмуркање, а најпосле ги има и такви кои по ужасните натегања успеваат да стокмат неколку зашлапани рими, неколку повторувачки еха, запотени, досадни и спласнати, но поетот ѝ се чуди на таквата до небо повикувачка дефектна стока, си ги брише со неа чевлите и воскликнува, кога некој доброволно ΄рмба и се стреми да се догребе до облакодерите на проклетството на сите оние кои се родиле како поети – вистинскиот поет всушност не работи ништо во поголемиот дел од животот, само песнува и мечтае за пролетта во срцето, за сијалиците, за змиите белоушки, за божествата, поетот сфаќа и не открива, не може, не смее да ја открие тајната на лудите предци, предавството би му го скршило вратот, на парталавиот и на елегантниот човек во единствената облека, на паразитот, на натрапникот што позајмува стог од дробни банкноти за никогаш да не ги врати. Поетот преспива секаде каде што може, кај дебелите љубовници, додека не му ги удрат клоците, кај анорексичните проститутки, кои веднаш го откриваат, бидејќи во пијанството не успеал да се регулира и не му се дигнал, кај случајните другари додека не им се смачи од него, зашто кога ќе почне да се лигави, збогум величествен, цела ноќ нежно го расекува светот, ги разлуштува неговите остри мистерии и нејаснотии сè до изгревот на светостите, сè до мрсниот грев, дури до господа! Во тој момент некој ќе го зграпчи за јаката и ќе го тресне сосе неа на земја, ќе го шутне меѓу жабите и ползачите; па кој и кога го слушнал тоа – некој да си дозволи да ја втерува муцката во божјиот задник…
И така поетот се преместува од место на место, станува скитник без конечна станица, патник, трагач, откривач, свето лице меѓу злосторниците, кога му се сака, ќе истури од ракавот грст пријатни стихови што разоружуваат со своето совршенство, зборови што блескаат со детска безочност, со страсна дефинитивност: дршка на вреќа, навала на тврдото Y, поетот е страв и трепет, не почитува ништо, ниту себеси, се родил од вдахновение, тој е измолен ангел на светот, мајките на поетите секогаш црцореа пред олтарите: Господе, дај, нека има подолго црево од нас; болежлив и истерувач на болести, зол дух, вампир, цицач, добриот совет гласи: избегнете го поетот, инаку ќе морате неколку векови да полудите од трески! За поетот не е важечко ништо друго освен љубовта и кога неа не ја добива – поради кривата насмевка – почнува да питачи и да се наметнува, стихче, молам, сјај, удирање по чело, повелете, бесплатно, поетот е лага, наркоза, поетот можеби и не постои, тоа е само носталгична легенда за еутаназијата, претерано извртен мит, наштиркана измислица, приказна за многу чудниот скитачки певец кој танцувал во локвите, во барите ветувал мир, пеел и се смеел. Во изумирање е ваквиот прекрасен животински вид кого можете да го најдете само за цена на глупите кривици – и независно од тоа никој не може да каже дека го допрел вистинскиот поет…, вистинскиот поет е за множината од планетата само страшливо сениште кое никогаш не било, не е и никогаш нема да биде само смешен мечтател среде расипничките реалности.
Поради сите овие мили и полни со дух излети почна светот сурово да ги мрази сите поети, сите светлоносци, па се одлучи да го изопљачка тажниот народ на ходочасниците, да ги застрела, да ги обеси, да ги искастрира! Уште пред неодамна, само пред неколку години по најубавите булевари на најзаносните градови, по перифериите и по расцветаните ливади проталкаа неколку исклучителни духови, последниот од поетите, службениците на својот раскикотен господар, се наведнуваа кон розите и се поклонуваа пред дршките од цвеќињата, се прскаа во фонтаните пред палатите, го голтаа небесниот свод со полна душа и живееја на екс, тоа беа луѓе величествени, исклучителни, блескави, погледот на нив ја заздравуваше сета несреќа и жал, толку мали во зениците на љубовта и на мудроста, на негата и на учтивоста, никогаш никого не го навредуваа, не ја измачуваа свеста, не одобруваа никаква казна, бидејќи самите живееја во сферите на неказнивоста, во оазата на хармонијата, ги разбираа узурпаторските љубови на жените и бруталната грабливост на мажите, сфаќаа со целото свое битие нешто огромно, гигантско, неопипливо, неменливо, нешто што не може да се фати во рака како коска – беа тоа очајно прекрасни пророци, килибар на вселената, дефилираа во излижани фармерки, полни со дупки и висечки конци, на истегнатите маички флеки и дамки од масло, косата им паѓаше под рамената, ама репчињата се заплетуваа во одбрана од зловолниот ветер само со конче со вистински бисери; чекореа по светот на болестите со ѕвончиња заврзани на чизмите и ги повикуваа правоверните да ги слушнат одите на убавината и на среќата, на величественоста на раскошот, го присвојуваа со поземски поими божествениот карактер и облик и невино пушеа јак тутун!
Потоа луѓето заборавија на тоа дека и стоте зарипнати ѓаволи, во кои би се обидувале да ја видат светлината, би изгледале на нив како предобро блаженство; облекоа црни капути и речиси успееја да ги искоренат сите поетски црева, ги исмеаја смешните скитници, ги навредија, ги исплукаа, им се закануваа со чекан и со српови, го тормозеа народот на поезијата со смрдливата муцка на одмаздата; никој веќе не сакаше да слуша дека единствено нешто што во овој видлив свет вреди е срцето, бомбата на црвеното свето срце, им се згади на простите души да го хранат ненаситното племе, ги силуваа, ги клоцнаа, им ги украдоа бисерите и ги протераа од градовите на буништата и меѓу стоката, со лудачки кикот ги запалија сите славни поетски алманаси и поеми, засветени од непогубливата раскош на слободата и под казна на оние најсвирепите се заколнаа народите во тоа дека ќе ги избегнуваат римувачите. Да му понудиш сламка на поетот значеше да се осудиш на недостојна смрт предизвикана од изгладнетост.

Превод од словачки јазик: Звонко Танески

АвторИван Коленич
2018-08-21T17:21:00+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 74|