Извадок од романот „Горчлив мед“

/, Литература, Блесок бр. 51/Извадок од романот „Горчлив мед“

Извадок од романот „Горчлив мед“

На Џејсон му се чинело дека колку повеќе Хелен добива чувство дека работите одат по свое, толку добива и посилна желба за самодокажување. Полека, но сигурно Џејсон почнало да го снемува од нејзината слика на светот. Почнале да се оддалечуваат. Нивниот сексуален живот почнал да одумира како орган до кој не стигнува крв, прво со повремени штипења и боцкања, подоцна тапо и незабележливо; се заканувал дека ќе се претвори во ткиво со гангрена што би можело дури и да го затруе нивниот однос. Во нејзините очи сексот почнал да се претвора во закана од која би можело нешто да се роди: уште едно дете, па уште едно и уште едно, и така дете по дете кое одново и одново би ја оневозможувало и за неколку години оддалечувало од нејзината цел, од контролата над настаните. Но, и покрај сè, не можела да дозволи пропаст на нивниот однос; тоа би расипало сè. Во својот план не можела да си дозволи брачен бродолом кој толку многу би и го усложнил животот. Барем она што станало навика морало да оди напред како што треба; да се почне од нула би одзело премногу драгоцена енергија. Затоа Хелен се потрудила да не дојде до гангрена; сексот го ставила врз лед. Му стоела на располагање на Џејсон секогаш кога ќе му се посакало; само што сексот со неа станал некаков риболов во вирче со кал во кое сите риби пливаат на грб. Хелен многу се трудела сè заедно да изгледа и понатаму совршено. И така и било. Само што над сето тоа Џејсон бил сè помалку воодушевен.
И покрај тоа беше забавен и симпатичен исто како во старите времиња. Неговиот навидум навистина може малку здодевен изглед го вадеше неговата широка, блескава насмевка и неговите раце беа исто толку убави како и порано. Кога јадеше, во неговите движења имаше нешто поинакво, посебно; на пр. виљушката ја држеше на начин како да држи перо. Ручеците со него беа пријатни. Ми се чинеше дека сè повеќе се загрева за мене што многу ми се допаѓаше. Имав чувство дека сега можеби и ќе ја откријам онаа стара тајна што во сите овие години можеби малку ја потиснував, но никако не ја разрешив. Сега имав време; можев поинаку да играм. А, освен тоа, неговиот интерес за мене ми годеше. Ми годеше што за мене, која сум сè уште само „девојка“ се интересира човек од реалниот свет, маж со дете, со сопствен стан, со редовна работа, кој пак не е обичен похотник туку симпатичен тип со најубавите раце во Глазгов. На некој начин со тоа и сама станував дел од тој реален свет, од тоа поинакво време што мене ме прегази, ми избега без ниту да забележам.
Затоа не се ни изненадив којзнае колку кога за еден доцен летен викенд ме покани на излет во Тросач, на Лок Катрин. Навистина, идејата ми се виде малку чудна зашто и покрај сè што ми раскажа за неговиот однос со Хелен, сепак, еден таков викенд беше нешто диво. Ме убедуваше дека на Хелен и е сосема сеедно иако од причини на претпазливост и рекол дека ќе оди со некоја пријателка и маж и. Но, моите двоумења не траеја долго. Не беше толку важно дали е тоа тој кој ме кани; едноставно тогаш бев многу уморна. Работата ми беше кучешка и ми требаше пауза; со месеци не бев излегла од Глазгов, а освен тоа Тросач, како што знаеш, многу го сакам. А ако го искористам излетот и за тоа да напредувам во откривањето на мојата тајна, уште подобро. Џејсон се понуди да резервира две еднокреветни соби во некој евтин пансион. И така, таа сабота отидовме со неговата кола.
За самиот излет нема што многу да се каже. Беше убаво, па всушност сам знаеш каков е Тросач доцна на лето кога цвета вресот и кога времето е убаво. Многу шетавме и навечер бевме прилично уморни. Вечеравме во локалниот паб, потоа ќе се напиевме секој по две пива. Не знам зошто, ама тие две пива добро ме фаќаа. Ни приближно не бев пијана. Знаеш дека две пива не ме опијануваат. Но, се чувствував некако смешно, разиграно. Кога од пабот тргнавме кон пансионот надвор сè уште беше светло и чекоревме по патче посипано со чакал недалеку од патот. Патчето водеше низ проретчена природна шумичка, крај неа шумеше поточе, длабоко врежано во тресетната земја. Со Џејсон разговаравме за книги. Од неговиот говор беше очигледно јасно дека и покрај тоа што секогаш со љубов зборуваше за својата работа – сепак му беше жал што не останал со старата љубов – со книжевноста – туку чисто по инерција оставил да биде повлечен во добро платена работа, кајшто им бил потребен начитан тип со добро познавање на јазици. Барем што се однесува до тоа можев да сочувствувам со него. Зборувавме за книгите што сме ги прочитале последни. Се сеќавам дека рече дека ја прочитал Foreign Parts од Џенис Геловеј и колку ми беше чудно дека една таква крајно женска книга може да му се допаѓа. Но, му се допаѓаше. Стигнавме до мовчето над потокот, малку пред нашиот пансион; засекот што го правеше поточето во падината овде ја сечеше шумата така што од мостот имавме поглед на планините спроти север. Часот беше околу десет и сонцето полека заоѓаше. Застанавме на мовчето и се потпревме на оградата. Гледавме кон ридовите што под зраците што исчезнуваа добиваа полека зеленкаво пепелава боја и стануваа пусти и неинтересни.
Се колнам дека не знам како се случи. Сосема ненадејно неговата рака беше на моето рамо и неговото лице го допираше моето, воопшто не знаев што всушност се случи, но јазикот ми беше во неговата уста и ја лижев неговата плунка и неговиот мек јазик што мирисаше на пиво. Не намерував ништо такво. Тоа не беше во мојот план. Очекував дека можеби ќе проба нешто такво, бев подготвена на тоа. Дури и се надевав дека на таков начин ќе се обиде конечно да се изјасни и дека јас ќе одговорам на тоа со некоја од купот подготвени варијанти, различни меѓу себе, но со заедничка точка и имено, пријателски, но одлучно да го одбијам. Не го одбив. Не се сетив. Само чувствував дека е многу пријатно да се бакнувам со него на она мовче. Иако стануваше студено и на рацете и на вратот почнаа да ни слетуваат крвожедни мушички. Беше време да одиме в соба.
Секако дека очекуваше вечерта да ја довршиме во иста соба односно во ист кревет. Реков не. Сè има свои граници. Дојдов на излет, на одмор од Глазгов, а не на некаков чуден сексуален дармар. Сè уште бев опиена од она што се случи, но брзо се повратив. Дури и повеќе од тоа. Чувствував дека сега ненадејно го имам во власт и него. Сосема јасно ми беше дека тој мисли дека сега му успеало; дека ставил нога меѓу вратата; ако ништо друго му успеа барем првиот чекор, сè друго ќе си дојде на ред. За сопствените чувства сè уште не ми беше јасно зашто сè уште бев многу изненадена над својата реакција, но во секој случај знаев дека јас сум таа што ги држи сите конци в раце. Можев да го вртам колку сакам. Го имав она што тој го сакаше и ако можеби мислел дека му успеало да ме искористи, толку подобро за мене. Ако некој некого сака да искористи тогаш ќе бидам тоа јас. Тогаш кога тоа јас ќе го посакам.
Кога се вративме од Лок Катрин неколку дена не се видовме. Можеби за тоа време ковал некакви планови, но за тоа ми беше сеедно. Се чувствував толку полетно како никогаш порано. Ти напишав долго писмо полно со слатки зборови. Навистина те сакав. Толку нешта сакав да ти кажам. Иако тогаш не баш сè. Но, знаев дека и тоа ќе дојде на ред. Прво морав да ти подарам толку други нешта што ги открив во себе. Целата таа авантура со Џејсон беше од второ значење, ја чував во некој паралелен свет и тоа со тебе немаше никаква врска; можеби само толку колку што заради тоа се чувствував сè пожива, а со мене всушност бевме поживи ние двајцата.

АвторАндреј Е. Скубиц
2018-08-21T17:21:21+00:00 ноември 27th, 2006|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 51|