Извадок од романот „Горчлив мед“

/, Литература, Блесок бр. 51/Извадок од романот „Горчлив мед“

Извадок од романот „Горчлив мед“

Џејсон го сретнав првпат по речиси цели седум години. На факултет бевме колеги; иако никогаш не спаѓавме во исто друштво, може да се рече дека меѓу нас постоеше некаков однос. Џејсон не само што не му припаѓаше на моето друштво; не му припаѓаше на ниедно. Никој не го сакаше многу-многу. Никогаш не ми беше сосема јасно зошто. Џил некогаш беше рекла дека ѝ се чини лигав; мене не ми изгледаше таков. Мене ми беше некако … смешен. Беше трудољубив студент кој никогаш не правеше никакви глупости на студентските журки; напротив, беше некако необично срамежлив, воздржан, така што понекогаш кога ситуацијата ќе станеше малку подива или вулгарна дури оставаше впечаток и дека му е некако непријатно, одбивно, како да беше збунет. Еднаш Вероника го избрка по брза постапка со забелешката дека едноставно е малограѓански недоебан, но мене ми се чинеше дека со тоа работата само премногу ја поедностави. Имаше во него нешто друго, нешто што не можев точно да си го објаснам.
Џејсон уште на факултет одеше со една девојка по име Хелен, студентка по италијански јазик, симпатична дебелкава девојка која постојано се смееше и оставаше, бог знае зошто, некаков мајчински впечаток; цело време имав чувство дека се многу среќен пар. Имено, Џејсон со својата срамежливост делуваше некако незаштитено. Хелен беше како создадена за него, мајка што би го заштитила пред овој расипан свет. Но, сепак, цело време ми се чинеше, па и да звучи тоа неверојатно, дека Џејсон се интересира за мене. Воопшто не знам зошто.
Секогаш кога ќе се сретневме тој со некакво необично, тивко воодушевување ме канеше на кафе. Неговите покани не беа туку-така, лесни како поканите на другите типови на факултетот, па и твоите; зад неговите навистина можеше да се насети желба, беа сериозни, одлучни, дури некако и мачни. Не му беше сеедно дали навистина ќе одам со него на кафе или не. Не знам што оставаше таков впечаток, можеби нешто во неговата мимика, во неговиот поглед. Нагаѓав дали едноставно му се допаѓа да ги кани другите луѓе на кафе или на сите им остава таков впечаток. Не можев да дознаам зашто не познавав никој друг што би го поканил на кафе. Но, неговата загреаност не беше толку видлива за да биде одбивна или насилна; напротив, со него навистина одев со задоволство на кафе. Се покажа дека знае да биде – доколку ти успее некако да го пробиеш неговиот срамежлив, недоверлив оклоп – дури и интелигентен, забавен, па и духовит; за надворешниот изгледа да не зборувам, на него немаше ништо погрешно. На некаков посебен, многу дискретен начин беше внимателен што кај машките ми се чинеше реткост. Имаше уште нешто на кое всушност не би можела да покажам со прст. Можеби тоа беа неговите раце кои секогаш ми се чинеа необично убаво обликувани. Мислам дека Џејсон имаше најубави раце од сите машки што некогаш сум ги видела. Можеби поради рацете и почнав да си замислувам сè друго. Можеби само сакав да се интересира за мене. Не знаев како да си го протолкувам неговото можно интересирање; ме копкаше. Сакав да сум на чисто. Но, морам да признаам дека за тоа сам да се изјасни и не му дадов многу можности. Тогаш сè уште одев со тебе, и со него навистина никогаш немав никакви намери. Припаѓавме на толку различни светови. И на некој начин ми се чинеше штета кога после факултет отидовме секој на своја страна; оттогаш повеќе не го видов ниту слушнав за него.
Се сретнавме сосема случајно на враќање дома, на Sauciehall Street точно пред кафеаната Мекинтош. Носеше светлокафеав тренчкот што ми се чинеше потполно демоде и изгледаше исто како на факултет, некако нејасно срамежлив, дури очекував од погледот во мене да поцрвени. Секако, веднаш ме покани на кафе исто онака на оној свој типичен, мачен начин. Во мигот се почувствував исто како на факултет, и јас некако збунета, несигурна. Што е со типов? Или со мене? Рече дека работи во здравствена управа, дека платата фала богу не му е лоша, иако секако би можела да му биде и подобра и дека живее во самиот центар, токму зад општината. Со Хелен се во брак веќе четири години. Ќеркичката има три и пол години. Немирна како ѓаволче. Кога зборуваше само го гледав и го гледав и никако не може да сфатам колку брзо поминува времето. Еве ти тип кој на факултет изгледаше како некое момченце на кого му е незгодно ако во негова близина се изговори зборот фaк, а сега е оженет, има дете, државна работа и отплаќа хипотека за стан во центарот на градот. А јас со стан на Argyle Street, што го наследив уште во студентските времиња, со тип што талка низ светот и сè уште се бара себеси и во овие години немам поим што всушност да направам со својот живот. Времето одмина, а не ни забележав. Како засекогаш да бев останала во оние стари студентски денови.
Џејсон по кусо размислување ме покани ако сакам наредниот ден да одам со него на некој концерт на Ashton Lane. Хелен нема време, рече, учи за магистерска. Тоа го кажа на начин од кој сфатив дека не му се допаѓа којзнае колку, затоа многу би му значело ако во таа ситуација некако му помогнам. Си помислив: би имало нешто лошо во тоа? Што? Двајца стари пријатели од студентските денови одат заедно на концерт. Си помислив дека во старите времиња никогаш не ме беше поканил на нешто такво; концертите во барови никогаш не го интересираа. Очигледно дека за ова време се сменил и за други работи, не само професионално. Сигурно на подобро. Прилично ме забавуваше начинот на кој ме гледаше. Добриот стар Џејсон. Барем една работа на него не се променила. Фала богу.
Отидовме на концертот. Добро беше. Џејсон беше забавен, духовит, не испи десетина пива и не се влечкаше после тоа до автобуската постојка како повеќето типови што ги познавам. Убаво си поминавме. Кога заминував дома попатно ме праша каде обично одам на ручек. Се покажа дека познава добро ресторанче со егзотична храна само стотина метри од Sauciehall Street, прилично близу до кај мене на работа. Спомна дека околу еден често наминува таму.
Некако се случи после тоа почесто, барем еднаш или двапати неделно да се најдеме на ручек. Ресторанчето ми се допаѓаше и мене. Џејсон беше вегетаријанец и ги обожуваше нивните северноафрикански и блискоисточни јадења. Разговаравме за сè живо. Полека почна да ми се разоткрива поинаква слика за Џејсон и Хелен. Меѓу нив не е сè во ред, рече. Веќе подолго време. Всушност му се чини дека никогаш и не било во ред. Хелен која отсекогаш ми изгледаше мајчински тип зад својата мајчинскост всушност криела силна, несвесна желба сите настани да ги држи во свои раце. Тоа најверојатно прво се покажало во односот со него што нему тогаш му одговарало, но подоцна се видело дека во неа се крие многу поголема амбициозност. Хелен сакала под своето мајчинско крило да го има не само Џејсон туку и другите околу неа; сакала животот да и биде безусловен, сосема под контрола. Всушност, откако им се родило детето, нејзиниот интерес за Џејсон прилично опаднал. Најпрвин нејзината ладнотија ја разбрал како таа сите свои чувства да ги насочила на ќеркичката; но по неколку месеци на породилно почнало да станува очигледно дека се работи всушност за нешто друго. Хелен почнала да ја фаќа паника. Гледала како во тоа време надвор работите се одвиваат по свој пат, а без неа, во светот што толку многу и значел, и имала чувство дека никогаш повеќе не ќе може да ги земе уздите во свои раце што привремено ги оставила. Решила нешто да преземе. Ако сака да остане на самарот мора да биде подобра од другите. Решила да продолжи со студиите.

АвторАндреј Е. Скубиц
2018-08-21T17:21:21+00:00 ноември 27th, 2006|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 51|