Игра отаде видливото

/, Литература, Блесок бр. 83/Игра отаде видливото

Игра отаде видливото

кон збирката раскази Единствен матичен број од Ацо Гогов (Антолог, Скопје, 2012)

#1 Ацо Гогов, познат на македонската читателска јавност со збирката кратки раскази Географија на маленкоста (Антолог, 2010), донесува нова свежина и со новиот прозен ракопис Единствен матичен број. Расказите во оваа збирка се групирани во четири циклуси, насловени како Записи од детската соба, Единствен матичен број, Брачен пар и Наоѓање камила. Расказите во првиот и вториот циклус, спаѓаат во жанрот кус-кус расказ, додека расказите од третиот и четвртиот циклус, исто така куси раскази, се одликуваат со поразвиена нарација и приказна, за разлика од расказите во првиот и вториот циклус, кои се елиптични и со инзвонредна семантичка густина. Без оглед на разликите во должината, расказите на Гогов, градат своевидна оригинална поетика, која може да се смета како надградување на поетиката на Географија на маленкоста. Една од најзабележителните и семантички најпродуктивни естетички стратеги во кратките раскази на Ацо Гогов е метафоричноста и метафоризирањето на наративните секвенци, постапка која често го претвора времето на приказната во синхроно време или време што не ја признава сопствената делба и дистрибуција во единици. Раскажувачкиот субјект во кратките раскази на Гогов, раскажувајќи ја приказната за малите нешта, приказната за маленкоста, преку поетските слики и метафори, ги допира вечните актуелности и архетипското. Ако ги позајмиме термините од индиската филозофија, слободно може да се рече дека расказите на Гогов се метафори за огледувањето на брахман во секој атман, односно, за огледувањето на најголемото и сеопфатното во навидум ситното, маленкото и беззначајното. На тој начин, водата во чашата покрај болничкиот кревет се гледа и се фокализира како море во Бел пејсаж, очите и виделото (минливоста) сликовно се изедначуваат со молив и пишување (траење) во Игра. Во наративните стратеги на Гогов може да се согледаат и алегоричното (Глава), бизарното и гротескното (Некролог), фантастичното (Кој си?) и ироничното (Единствен матичен број). Семантички и естетски продуктивна е и митско-поетската временска цикличност, односно поништувањето на бариерите на линеарно сфатеното време, како што е во извонредниот расказ Пци, каде што пците ги пробиваат границите, и од времето на пророците доаѓаат во современоста со молчалив поглед како бескраен бакнеж, како нафора. Во Пци се актуелизира бесконечноста, вечното враќање и бесмртноста, но смртта, во расказите на Ацо Гогов е нешто што е многу почесто тематизирано и актуелизирано: Некролог, Брат, Совет, Љубовничка, Заборавив да му кажам. На различен начин и во различни приказни, смртта во овие раскази не е апсолутен крај, туку исчезнување кое подоцна се претвора во густа семантика на отсуството, празнина полна со знаци и значења, како проѕирно расплакано лице кое лебди во воздухот. Другиот и другоста се неодминливи категории во прозата на Гогов, посебно во расказите со љубовна тематика, како и тајното, загадочно и необјасниво присуство на третиот, во расказите Криенка, Пев, Нечие прекрасно расплакано лице; посебно во извонредниот расказ Кој си? Во прозата на Гогов не отсуствува и општествената димензија и тематизацијата на моќта на повеќе рамништа, моќта која се практикува врз малиот човек кој е само статист во Статист, лицето кое станува само фотографија за лична карта во Единствен матичен број. Малиот човек, и покрај тоа што е притиснат и принуден да биде само статист, не се откажува, неговата игра е возвишена, игра отаде видливото, тој нема да престане да гледа мориња во чашата со вода, дури и да му ја отвртуваат и завртуваат главата, да играат со неа како со топка, и повторно да ја враќаат назад. Субјектите, сведени на матични броеви и фотографии за лични карти, и понатаму ќе ги раскажуваат своите приказни, и понатаму ќе раскажуваат, ќе ја артикулираат својата вистина и својот глас, макар да биде и само едно единствено, сплескано, кусо „Е“, „како звучен тестамент среде вревата на народите.“
Единствен матичен број е збирка од одлични, семантички поливалентни и наративно вешто изведени раскази, кои носат свежина во македонската современа проза.

2018-08-21T17:20:56+00:00 мај 19th, 2012|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 83|