Земјаци

Земјаци

– Добра вечер, земјаче, вели таа и седнува до мене.
– Немам пари, одговарам кратко јас.
– По ѓаволите, вели таа. Знам јас и за љубов. Ја знам јас таа твоја љубов, си мислам јас. Но, нема да ѝ речам. Ќе ја налутам.
– Манга си ти, вели таа. Голема манга. Јас се потсмевнувам. Што можам друго. Белки ќе си отиде, си мислам. Ќе види дека не честам, ќе поседи и ќе си отиде. А навистина немам пари. Пејот си го потрошив. Имам само уште десет долари. А нив нема да ги фрлам на неа. Баш нема.
– Па чести, мајката, вели таа, Чести. Си се стиснал тука, ај да не речам како што.
Лута е, мислам. Ќе морам да ја честам. Ѝ велам само колку да речам нешто:
– Немам пари.
– Кој те праша за пари, го дига гласот таа. Ми постребале мене пари. Па и ако ми постребаат, нема од тебе да ги барам.
– За честење требаат пари, велам јас. И знам тоа е мојот последен отпор.
– За честење треба кавалерство, вели таа. И ја задига ногата, го зафрла здолништето, сосем како што го прават тоа в кино, од врвот на чорапата вади банкнота од десет долари и ја фрла пред мене.
– Еве пари. Сега чести.
Луѓето гледаат во нас.
Барменот Мак се потсмевнува шеретски.
Сигурно има пак некоја ујдурма меѓу нив, си мислам.
И ми е страв.
– Чести, вели таа.
– Нема смисла, велам.
И ги туркам нејзините десет долари.
– Зошто нема смисла?
И без да чека да ѝ одговорам, продолжува:
– Затоа ли што давам пари јас? Јас потврдувам со главата.
Што ѓавол ме натера, се псујам во себе, што ѓавол ме натера да влезам овде.
– Глупости, вели таа. Што ќе пиеш? Јас ќе земам дупли рок со сода.
Значи сè уште шпекулира. Дури и со моите пари. Како јас да не знам што значи дуплиот рок со сода. Сигурен сум, пак крои нешто. Но, против кого?
– Јас имам, велам.
И покажувам на недопиеното шише пиво пред мене.
– Пиво? Како можеш, по ѓаволите, да го пиеш?
– Поефтино е.
Не требаше да ѝ го речам. Ќе се налути. Ме гледа под око.
– Манга си ти, реков јас. Голема манга.
Јас молчам и се обидувам да се насмевнам. Не е лута, си мислам. Изгледа денес не ѝ врвело лошо. Не е лута.
– Добро, нема да земам дупли рок со сода, вели таа. Порачај Кенедиен клаб. Земи и за тебе. Оди одлично со пиво. Кое пиво пиеш?
Ја врти чашата и гледа:
– Ти си, бе, вели таа, некоја… ај да не речам. Како можеш да го пиеш ова Лабатов? Од сега да не сум те видела да го имаш пред себе.
Порачувам два Кенедиен клаба.
– Земи си ги парите, ја молам. Имам колку за два клаба.
– Демек, сакаш да се откачиш од мене, а? Сакам, си мислам јас. Чесен збор, сакам. И велам:
– Не, не сакам.
– Лажеш, вели таа.
Молчам.
Келнерот носи два клаба.
– Ги вадам своите последни десет долари, ги ситнам и плаќам. И велам, се разбира откако ќе си замине келнерот, тивко:
– Ова ми се последните пари од пејот.
– Не е вистина, вели таа.
Гледам, сосем не мисли на тоа што зборува. Загледана е во човекот што влегува во барот. Јас пијам.
– Го скиваш ли оној – вели таа. Оној со црвената коса. Тој има плипот пара.
И одеднаш, без никаква врска, праша:
– Ти пишува ли жената?
Што ќе ѝ е сега, по ѓаволите, пак и ова? – мислам.
– Одвреме навреме, велам.
– Будала.
Сосем не знам на кого мисли.
– Порачај уште два.
И пресметувам: само уште седум долари и четириесет и пет центи.
– Не куртулува тој од мене, вели таа, или јас не сум јас. А има ракот – три куќи. И седумстотини долари месечно. Чесен збор. Ти тоа не можеш ни да го смислиш, вели таа.
– Не можам, велам јас да ѝ го направам ќефот.
– Се разбира дека не можеш. Ти би се збудалил кога некој би ти дал седумстотини долари месечно. Чесен збор.
Дај ми ти мене седумстотини долари месечно, си мислам, па ќе видиме ќе се збудалам или не.
– Навистина, вели таа, испивајќи го и вториот клаб, што би сторил ти кога одеднаш би почнал да заработуваш седумстотини долари месечно?
– Би знаел јас што да правам, само да ги имам.
– Не би знаел, ме прекинува таа. Ти не си создаден за пари. Не си.
Не сум затоа што ги немам, си мислам.
– Ти, бе, продолжува таа гледајќи сè понападно во црвенокосиот, ти би… фати ме за ракава, вели таа. Фати ме кога ти велам. Малку погоре. И понежно. Понежно, идиоте низаеден. Фати ме како да ме кандисуваш, будало.
– Не те разбирам, велам јас. И навистина не ја разбирам.
– Не е важно, вели таа. Ти си, бе, еден… По ѓаволите, сум нашла јас тебе… Слушај ме сега. Убаво. Се наведнува кон мене и ми шепоти.
– Гледај во мене како да си вљубен. И подсмевај се. Насмеј се малку, мајката. Тууу.
Оваа е луда, си мислам јас.
И се разбира го правам сето што ми вели.

Зошто би ја лутел?
– И прави се, вели таа, како да сакаш да ме одвлечкаш. Разбираш?
– Ништо не разбирам, велам. Туку, не грижи се, ќе сторам сè што ќе речеш.
– Ти од секогаш беше глуп. И глуп ќе се искинеш. Чесен збор.
Па и сум глуп, мислам. Можев да се сетам порано. Ја гледам, се подсмевнувам и ја подавам раката, божем сакам да ја потстегнам под половината.
– Не вообразувај, вели таа.
– Не вообразувам, велам јас. Зар би можел? Се освестувам.
– Порачај уште два клаба, заповеда таа.
– Можеби ќе е подобро да земеш рок со сода, велам јас.
– Не.
Ќе се опие, знам. Но, што можам.
Порачувам.
Шест долари и шеесет и пет центи. Кводер помалку за бакшиш. Уште шест долари и четириесет центи. Убаво.
– Ќе се опиеш, велам јас.
– Не.
Ќе се опиеш, мислам. Те знам јас тебе. И тоа со моите последни десет долари ќе се опиеш, а од сево ова нема да излезе сосем ништо.
Фрлам едно око по црвенокосиот.
Пази, мајката, трикот работи. Кој би рекол?
– Ќе има нешто и за мене, а? – шепотам јас.
– Зависи, вели таа. Стегни ме малку. Уште малку.
Дигни го тоа твое рачиште по горе, по ѓаволите. Така.
– Од што зависи, прашам јас.
– Од тебе, вели таа.
– Како од мене?
И навистина не знам, како тоа – од мене?
– Од тебе, вели таа.
И не се ни обидува да објасни.
– Сега обиди се да ме бакнеш, заповеда таа. И кога ќе ти втрештам шлаканица, падни.
– Каква шлаканица, велам јас и се обидувам да се откачам.
– Не тргај се, чкрта со забите таа. Да не си мрднал, слушаш?
Не сакам, мислам јас. Не сакам. Тоа не го сакам. Ја, не знам јас. Дури да се свртиш еве ти ја од некаде полицијата. И првпат велам гласно:
– Не сакам.
– Зошто, соме низаеден?
– Не сакам да имам никаква работа со полицијата. И навистина не сакам. Нападот на жена овде се казнува строго. Најмалку шест месеци затвор. Не сакам.
– Каква полиција, идиоте, мели таа. Нема овде полиција ни милја околу. Стегни ме за половината. Убаво.
Црвенокосиот станува и влегува во клозетот.
– Пиел пред да дојде овде, вели таа.
И ме оттурнува од себе.

2018-08-21T17:21:58+00:00 февруари 1st, 2001|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 19|