За сештојадците и човекојадците

/, Литература, Блесок бр. 110/За сештојадците и човекојадците

За сештојадците и човекојадците

За сештојадците и човекојадците


Превод на македонси: Милан Дамјаноски

Ја положи раката на правливата површина на каменот, меко како да гали пиленце кое испаднало од своето гнездо. Нежно. Неодамна, со истата таа рака го откорна каменот од земја и го положи на врвот на купчето, на врвот на хумката. Можеби се надева дека според купчето камења ќе може еден ден да го препознае гробот. Можеби, барем за момент, се надева дека навистина ќе дојде тој еден еден.

– Човекојадци се. Овие што доаѓаат. Знаеш? – прашува. Како камењата да можат нешто да му одговорат. Како да овој што лежи под камењата уште да може да му одговори. – Никогаш не сум ја разбирал ликовната уметност. Најверојатно затоа што се обидував да ја разберам и не дозволував едноставно да ја почуствувам. Ама, сликата на Сплавот на Медуза и така ми беше целосно застрашувачка. Секогаш, кога и да ја видев некаде сликата, а и сега да ја видам, ужасoт ми навлегуваше до самата косена срж. Колку повеќе ја разбирав сликата, толку повеќе се плашев од неа. Од страна надоаѓа бран, веќе се надвишува да го поклопи сплавот, а на сплавот стуткани сто четириесет и девет луѓе. Некои стојат, мавтаат со крпи кон небото. Залудно. Како да е можно да има спас. Телата на мртвите лежат во прегратките на живите. Живите, кои и самите не можат да бидат сигурни дека не се веќе мртви. Околу сплавот се простира бескрајното море. Но, сепак, рабовите на даските се границата. Од стоте четириесет и девет луѓе кои се обиделе да се спасат на сплавот, само петнаесет преживеале. Замисли го тоа. Замисли го тој ужас да треба да преживееш тринаесет дена пловејќи на Сплавот на фрегатата Медуза.

На сплав со човекојадци може да преживеат само човекојадците.

Човекојадци се. Знаеш? Овие што доаѓаат, овие од кои побегнавме во шумата. Од кои се криеме. Ова е твоја шума. Во неа веќе има бегано татко ти.
Момчето го стиска каменот како да е рамо на дете, а не мртва природа. Додека молчи, ги наслушува звуковите во околината. Како да очекува некој гостин да чукне на врата. А, шумата е тивка. Полна со живот, но знае да биде тивка. И есен е. Па, се слуша секое шушкање на лисјата, секој налет на ветрот. Тој седи и наслушува. Ги проценува звуците. Чека да го слушне тој што го очекува.

– Знам, ќе дојде. И знам, бесмислено е да продолжам да бегам. Нека ме најдат овде, покрај тебе. Нема смисла да ја напуштам веќе оваа шума. Спас веќе нема да најдам никаде. Тие се насекаде. Светот веќе го нема. Барем не оној нашиот. А, доволно веќе скитаме. Тоа што се вративме во шумата, може да го сметаме за успех. Фала ти за тоа. Фала ти што ме донесе овде, како што и тебе твојот татко те довел овде. Единствено би сакал да не морам да зборам сам со себе. Да не разговарам со овој куп камења со кој ти го обележав гробот, како да ќе има некој што ќе доаѓа да го посетува.

Велат домот е таму каде што ти се гробовите, таму каде што лежат коските на твоите предци. Така барем велеа. Не сум се сетил на ова претходно. Ама, сега се сетив. Се прашувам каде е тој дом. Се сеќавам, како млад мислев дека домот може да биде секаде каде што ќе пролееш крв, солзи и сперма. Како да го обележуваме со тие течности местото на нашиот дом. Не велам дека бев глуп тогаш. Ниту дека нема вистина во тоа што го мислев. Има. Но, подоцна си мислев дека домот ќе ми биде таму каде што ќе ми живее детето. И во тоа има вистина. Дури и повеќе вистина. Сега, додека седам крај гробов кој сум го ископал и затрупал со свои раце, додека седам крај твојот гроб, гробот на мојот татко, сега се сетив оти луѓето знаат да кажат дека домот е таму каде што ти се гробовите. И некако, сѐ си мислам, би требало да се помирам со тоа. Барем да умрам дома. Кога веќе не знаев да живеам дома.
Нема да бегам. Доста беше. Слушам звуци во далечината. Доаѓаат. Но, имаме уште малку време.

АвторМарко Дејановиќ
2018-12-13T12:11:18+00:00 ноември 10th, 2016|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 110|