За време на празникот

/, Литература, Блесок бр. 64/За време на празникот

За време на празникот

Ганеш лежеше во креветот со едната рака под главата, нозете му висеа, додека неговата жена пребаруваше низ гардероберот кој сари да го облече за таа вечер. Ја гледаше нејзината полничка снага во здолниште и градник, со прстите од раката што бавно се движеа од едно сари до друго и конечно одбра едно од црвен шифон. Кога се заврте и го забележа како ја гледа го праша, „Што е? Не сакаш да одам?“
„Не, оди“, рече тој.
Го замоли да ѝ помогне да ја запетла блузата и тој се доближи до нејзината полугола снага. Срцето му биеше во грлото.
Слезе долу во дворот. Ја гледаше како заминува. Се качи по скалите враќајќи се во станот. Си замислуваше како такси возачот зјапа во неа во ретровизорот не можејќи да ги оддели очите од нејзиното напудрено лице, чудејќи се каков е тој маж кој останал дома, како би изгледало да легне покрај неа и да ги слуша нејзините воздишки на неговите милувања. Ја замислуваше како влегува во шаторот на младенците, поправајќи ги наборите на своето сари, со очи што шараат низ толпата, познати ликови што се насмевнуваат кога ќе ја забележат, пријател од детството кој заштитнички ја прегрнува претставувајќи ја на гостите, мажите што кришум гледаат во неа зад своите сопруги.
Ја отвори вратата што водеше кон малиот балкон и зачекори надвор. Четири ката подолу, во дворот, четири момчиња играа џамлии. Во куќата отспротива новиот станар, млад, ќелав човек беше се надвиснал на прозорецот гледајќи во дворот. Кога погледите им се сретнаа, самоуверениот му се насмевна. На Ганеш не му се допаѓаше; беше настроен премногу пријателски, сомнително пријателски. Ганеш само кимна со лавата. Џевата на децата одекнуваше меѓу гласните крици на ноќните птици. Сонцето што заоѓаше фрлаше отсјај во боја на шафран врз куќите што го окружуваа дворот. Вечерта, иако прекрасна, му се чинеше некако туѓа.
Неодамна му кажа на својот пријател на работа дека не ја разбира својата сопруга. Тоа го кажа така, патем, како шега. Пријателот дувна во дланките, тоа го правеше секогаш кога нештата ги сметаше сериозно. „Сметаш дека твојата сопруга води таен живот?“ праша.
„Има нешто необично кај неа“, рече Ганеш кимајќи со главата. Во последно време ја демнеше; ја набљудуваше додека спиеше, се обидуваше да проникне во нејзините мисли додека готвеше модри патлиџани или грашок во кујната. Сакаше да знае за што размислува додека не е со него, што ѝ се вртка во умот. Се сомневаше дека во мислите тој не е со неа, а таа можност го исполнуваше со ужас, со болка.
Три години беа во брак, а првите две години Ганеш тоа не го загрижуваше. Пред да се ожени живееше со својата мајка на вториот кат од една мала куќичка во Четрапати. Одвај се сеќаваше на својот татко кој умре од болест на мозокот што ниту еден лекар или шаман не можеше да ја излекува. Се зборуваше дека Ганеш не е негов син, дека е син на човекот кој со години бил љубовник на неговата мајка. Неговата мајка ја договори венчавката на Ганеш. Таа ја величаше неговата идна сопруга – „Таа има прекрасни очи“; „Таа е позната во целото маало по беспрекорното однесување“ – додека и самиот тој не почна да верува дека таа ќе биде одлична сопруга, иако ја немаше сретнато. Кога за првпат таа дојде во нивната куќа беше изненаден од нејзината убавина. Имаше видено нејзина фотографија, но во живо беше десет пати поубава. Нејзината како катран црна коса беше во контраст со светлиот тен; имаше долг елегантен нос, дијамантот во нејзината носница светкаше кога ќе се насмевнеше. На самиот поглед на неа срцето силно му тупкаше, а кога се смееше малиот процеп меѓу двата предни заби ја правеше уште попривлечна. „Лицето на твојата снаа блеска како сонце“ ги слушаше роднините како ѝ велат на неговата мајка и секаде каде што ќе се појавеше со својата невеста луѓето коментираа како убавината на неговата сопруга ќе им биде придружник на добрата среќа до крајот на животот. Уживаше во тие комплименти, но подоцна задоволството прерасна во загриженост и во убедување дека треба да ја плати цената за уживањето во нејзината убавина.
Се обидуваше да се сети на мигот кога за прв пат почна да се сомнева во неа, мислеше дека тоа беше кога беа на источниот ѕид од храмот Пашупатинат, еден сончев ден, додека гледаа долу во валканата река Багмати. Еден млад човек што стоеше близу до нив ѝ рече на сопругата на Ганеш, „“Види колку е гнасна реката. Погледни таму“ – покажа на неколку жени што задоволно се миеја додека сапунот им паѓаше во валканата вода – „колку нецивилизирани се овие луѓе. Погледни“ – покажувајќи со раката кон огромното количество ѓубре на брегот од реката – „нашата света река Багмати“.
Човекот се смееше, а сопругата на Ганеш исто така се насмеа, со отсутност што Ганеш ја сметаше за обеспокојувачка.
„Никој ништо не презема околу тоа“, му одговори на младиот човек. „Политичарите повеќе се грижат за своите сопруги“. И тогаш нејзината смеа се чинеше како да одекнува низ целиот комплекс на храмот мешајќи се со ѕвонот на ѕвоната, одекнувајќи во молитвите на монасите. Кога го напуштија храмот Ганеш ја праша, „Го познаваш ли тој човек?“ А таа рече не. Додека чекореа тој ја споредуваше својата снага со нејзината и заклучи дека тој беше строен маж, со затегнати мускули. Свесен беше дека одвај ги движи рацете, а таа постојано мавташе со нејзините, повремено допирајќи го лицето, повремено своето сари. Одненадеж му падна на ум една реченица што во детството го мачеше „Мамино синче“. Така го викаа другарите кога тој ќе се залепеше до мајка му, цврсто држејќи го работ од нејзиното сари. „На детето му треба татко“, шепотеа роднините меѓу себе. „Маминото синче“, така го викаа, изговарајќи го тоа со љубов. Тој ден, враќајќи се од храмот Пашупатинат со својата сопруга се чудеше од каде таа цврста снага, тие јаки мускули кога толку долго светот го гледал затскриен зад сарито на својата мајка.
На патот кон дома враќајќи се од работа следната вечер гледаше жени во блескави сари како шетаат со своите мажи долж улицата или брзаат да стигнат на закажаната средба. Беше време на Индра Џатра празникот, осумдневен празник во чест на богот Индра, господар на небесата. Пред многу илјади години богот Индра слегол во долината преправен за да украде мирисни бели париџат цветови за годишниот ритуален пост на својата мајка. Моќниот бог бил заробен од народот во долината на Катманду, заврзан со јаже и фрлен во зандана. Кога неговата мајка слегла од небесата во потрага по својот исчезнат син жителите на долината сфатиле што сториле. Во знак на извинување тие иницирале голем фестивал во негова чест. Дарувале маски и танцувале, изведувале народни драмски претстави и марширале во славенички процесии. Насекаде околу себе Ганеш гледаше ликови исполнети со радост и возбуда. Свесен беше дека и тој треба да учествува во веселбата; напротив, чувствуваше небаре џиновска птица слетала од небото и ги раширила крилјата фрлајќи сенка над градот.

АвторСамрат Упадјај
2018-08-21T17:21:08+00:00 март 3rd, 2009|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 64|