Затворање на банката

/, Литература, Блесок бр. 47/Затворање на банката

Затворање на банката

Не го имаше спомнато телефонскиот повик од пред два дена. Живееше со тоа, подзаскриено во секојдневните обврски и навики. Внимателно се распределуваше себеси. Тоа беше останало во него. Ферментирало.
Кога конечно излезе надвор од него, во долгиот разговор на масата додека сосот од месото остинуваше а шницлите стоеја поттурнати настрана и отсечоците сало се згрутчуваа на рабовите од чиниите, Бернард беше прилично отворен; речиси да направи шега од тоа, иако не се нарече себеси стар фосил и не го изговори зборот „пензионирање“. Џин сфати дека Порт Даглас не доаѓа в предвид. Отсекогаш чувствувала дека живеат на кредит.
Но, можеа да разговараат за својата иднина. Како товарот да беше кренат, како да исчезна една голема глинена тежина која го притискаше во изминатите два дена. Не зборуваше за самиот себе, всушност; зборуваше за градот и за економските ефекти од затворањето на банката. Се шегуваше дека од сето тоа ќар ќе види само бензинската пумпа. Сите ќе мора да возат до Сомерсет за да си ги завршат банкарските работи. И да пазаруваат. Ќе се зголеми потрошувачката на гориво. „Мислам, ако луѓето бидат способни да си го платат горивото“, додаде тој, и обајцата се насмејаа како да е тоа шега. Клуч на врата. Затворање. Дури и додека зборуваа за тоа не можеа да поверуваат.
„Што ќе се случи со досиејата?“, праша Џин.
„Ќе ги архивираат“, одговори Бернард, но тоа не ја вклучуваше историјата на цел еден град, онака како што беше запишана во тие цифри, списоци и извештаи. Ќе ги спакуваат некаде и ќе ги заборават.
Фосилот, многу внимателно, беше исчистен од глината. Стоеше на една украсна чинија во поголемиот дел од оброкот, а по долгиот разговор и речиси воодушевеното сфаќање дека ги пропуштиле Вестите и извештајот во 7:30, како и квизот кој секоја вечер го гледаа, Бернард пак го зеде. Зошто се чувстуваше толку горд? Зошто некоја толку вообичаена работа како еден откопан фосил – во област славна по својите фосилски богатства, зарем не ги праќаа токму тука студентите од универзитетот, со децении? – зошто почна да се чувствува – како?
Позитивно, тоа беше единствениот збор кој му падна на ум, но ова беше нешто поинакво, нешто повеќе од тоа. Не можеше да го објасни, дури ни себеси, но на некој чуден начин се почувствува поврзан со него.
„Сега знам како се чувствува еден научник“, се пошегува со жена си, додека таа ги бришеше садовите. „Или истражувач. Или откривач. Смешно е, нели? Но, ќе те земам со мене, мое камче, и утре ќе се јавам во Музејот. Иако веројатно немаш некоја вредност“.
„За тебе има вредност, сепак. За нас има“. И Џин му ја подаде украсната чинија, која тој внимателно ја зеде, иако мислите му беа другаде.
Човекот во музејот беше претпазлив но и малку љубезен. Би можел ли да го донесе на вештачење? Дали некогаш бил во Бризбејн? Добро тогаш, договорено, за две недели.
Бернард беше сосем малку натажен кога од Музејот го зедоа фосилот. „Си чул за борот волеми? Оној кој го открија во Националниот парк Волеми пред неколку години, за кој мислеа дека исчезнал пред милениуми? Тој е од семејството на боровите буња, хуп и каури. И беше познат само преку фосилите. Добро, не велам дека ова е фосил на волеми бор, но би сакале да го тестираме. Право да ти кажам, Бернард (зошто јавните службеници се секогаш толку фамилијарни?) и јас самиот сум малку возбуден. Сигурно и ти си возбуден, ако си открил нешто навистина интересно?“.
Но возбудата се втопи во вообичаеното секојдневие и во соочувањето со иднината и со неговите клинети кои сите беа полни со разбирање, иако скришно беа лути. Бернард го беше заборавил мигот на откритието и оној долг и забавен разговор на трпезариската маса, кога тој и Џин беа блиски на начин на кој обајцата мислеа дека го имаат заборавено.
Дури беше заборавил и да ги собере свежо ископаните копмири, сè до следната вечер. Но уживаа во нив, и не беа многу изненадени кога Бернард продолжи да копка, но нови фосили не се појавија.
Музејот никогаш не им го врати богатството и Бернард, всушност, никогаш не откри што сториле со него. Кога ги прекопа садниците и по вторпат ги подготви за сеидба, Бернард реши да насади боранија. Потоа, следната година, повторно ќе насади компири.
Дента кога банката конечно се затвори, тој реши да направи пикник под борот каури во Градскиот парк. Сите ќе ја запаметат Бернардовата салата од компири. Сè уште никој од Дирекцијата се немаше појавено за да ги побара архивите на банката кои Бернард ги имаше одбележано, подредено и подготвено во согласност со системот кој веќе беше заборавен во големите филијали во градот.
Но, во последниот миг Бернард знаеше дека ја има последната обврска кон своите клиенти. Сите негови детални лични белешки и забелешки за секој клиент на банката од неговата целокупна кариера во оваа филијала – една точна историја на градот – стоеше во црвениот шкаф во неговата канцеларија. Како можеше сето тоа да биде однесено во некој правлив магацин или можеби и да биде уништено како стара хартија во некој непознат подрум?
Бернард внимателно ги скри своите документи во малата остава која сега ја беше претворил во канцеларија во својот сопствен дом. Првиот месец откако филијалата ја затворија а зградата остана празна и правлива, Бернард минуваше низ сите тие документи и забелешки, некои ги фрлаше, другите ги прередуваше. Го облекуваше својот костум и ја ставаше вратоврската секое утро и дури, некое време, ги правеше своите ритуални локални визити – кај берберот, кај новинскиот агент, утринско кафе секој втор ден во Вајтхедс со директорот на поштата и со адвокатот и со полицискиот инспектор. Но неговите записи конечно надвладејаа.
Многу подоцна, откако направи сè што можеше за да ги подреди и финализира сите свои документи, гледаше Градинарство со жена си една вечер и го закопка демонстрацијата на ѓубрење со стара хартија. Таа се распаѓаше со изненадувачка брзина, под лисјата или под тежината на добра почва. Демонстрацијата покажуваше како глинената почва станува плодна и погодна за одгледување ружи.
Следното утро Бернард излезе рано, во своите стари градинарски алишта, така што дури и жена му беше изненадена. Мина еден час во копање и подготовки. Потоа отиде во малата остава и се врати со првата од сивите картонски папки. Внимателно ги редеше документите, еден по еден, по азбучен редослед. Потоа нанесе полураздробени грутки глина, измешани со малку груб песок од некогашното детско игралиште. Сето тоа го покри со лисја. Ги протри рацете и влезе внатре.
Следното утро ја облече градинарската кошула и старите панталони. Без да мисли на ефектот, во 10:15 отшета кон кафèто.
Беше ден за утрински чај.

Превод од англиски: Игор Исаковски

2018-08-21T17:21:27+00:00 април 16th, 2006|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 47|